1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Зеленски: Путин не блефира со заканата со атомско оружје

ЖА / агенции
26 септември 2022

Украинскиот претседател смета дека е можно Русија да употреби атомско оружје. Володимир Зеленски ја осуди руската „криминална мобилизација“ и вети заштита на руските војници кои доброволно се предале.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски смета дека е можен руски атомски нападФотографија: dpa/APAZuma/picture alliance

Украинскиот претседател Володимир Зеленски истакна дека сериозно ги сфаќа  заканите со атомско оружје од рускиот претседател Владимир Путин. „ До вчера можеби беше блеф, но сега може да стане реалност“, изјави Зеленски во интервју за американската телевизија СиБиЕС Њус, укажувајќи на борбите околу нуклеарката Запорожје, окупирана од руската војска: „Тој (Путин) сака да го плаши целиот свет. Ова се првите чекори од неговото нуклеарно уценување, не верувам дека блефира.“

Путин во средата најави декрет за мобилизација на 300.000 резервисти и нивно испраќање во агресорската војна против Украина, при што истакна: „Доколку е загрозен територијалниот интегритет на нашата земја, заради заштита на Русија и нашиот народ ќе посегнеме по сите расположиви средства. Ова не е никаков блеф“. Набљудувачите во оваа изјава гледаат закана со употреба на атомско оружје.

Советникот за национална безбедност на американскиот претседател Џо Бајден, Џејк Саливан, без да наведе детали, соопшти дека владата во Вашингтон испратила „директни, приватни, на многу високо ниво“ пораки до Кремљ дека користењето атомско оружје би имало „катастрофални последици“ за Русија.

„Криминална мобилизација“

Украинскиот претседател Зеленски смета дека  делумната мобилизација  која е во тек во Русија најмногу ги погодува етничките малцинства. „Гледаме дека луѓето, посебно во Дагестан, започнаа да се борат за своите животи“, изјави Зеленски во видео-порака алудирајќи на жестоките протести кои неколку часа претходно избувнаа во руската република Дагестан, во Кавказ, со мнозинско муслиманско население. Во едно село од кое требало да бидат регрутирани 110 мажи за војната во Украина, полицајците испукале предупредувачки истрели од огнено оружје за да ги растераат демонстрантите во нивниот обид  да го спречат заминувањето на резервистите.

Зеленски ги повика Русите опфатени од делумната мобилизација да не се приклучуваат на силите за инвазија врз Украина.

„Подобро е да не се прими поканата за мобилизација отколку да се умре во туѓа земја како воен злосторник“, изјави Зеленскиј, ветувајќи дека ќе ги заштити руските војници кои доброволно се предале, велејќи дека тие ќе бидат третирани „во согласност со сите конвенции“ и дека нема да се дозволи да се дознае дека војникот доброволно се предал.

Украинскиот претседател ја критикуваше руската „криминална мобилизација“, велејќи дека „руските команданти не се грижат за животите на Русите - тие само треба да ги надополнат празните места што ги оставиле мртвите, ранетите, оние што побегнале или руските војници што биле заробени. "

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми