1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Зеленски се коцка со нападот на Русија!

9 август 2024

Можеби Зеленски се коцка само со цел да купи малку време и да се покаже барем и на кратко како победник. Барем до американските избори. Пишува Ивор Мицковски

Курск: По прв пат од февруари 2022 година, конвенционалниот вооружен судир се премести на руска територијаФотографија: Acting Governor of Kursk region Alexei Smirnov telegram channel/AP/dpa/picture alliance

Вторникот наутро, 6-ти август, се скрши табуто во досегашниот конфликт во Украина. 

По прв пат од февруари 2022 година, конвенционалниот вооружен судир се премести на руска територија, откако силите на 22-та механизирана бригада на украинската армија која брои околу илјада луѓе, продреа во Курската област и успеаја да заземат десет села и околу 15 километри руска територија.

Украинските сили продреле до пограничниот град Суџа, кој се наоѓа на десет километри од границата, соопшти руското Министерство за одбрана. Украинските сили ја освоиле и мерната станица за гас кај Суџа кој е еден од последните гасоводи што обезбедува руски гас за Европа. Очекувано, на пазарот во Амстердам, цената на гас ја надмина сумата од 40 евра за мегаватчас, нов максимум за оваа година.

Ова не е прв пат  украинските војници да ја преминат границата,  во минатото беа забележани повеќе прекугранични упади во Русија, каде во најголем дел учествувале руски граѓани кои се борат на страната на Киев, како милициите на „Слободна Русија“, но димензиите на актуелниот напад немаат ништо во споредба со минатото. Станува збор за прв напад од големи пропорции врз територија на Москва.

Во акција влегле најмалку две одбрани единици со блиндирани возила и возила за поддршка. Еден батаљон на 82-та елитна бригада јуришал со американските возила Страјкер на осум тркала, додека од друга страна влегле тенковите Бредли исто тако обезбедени од Америка и тешките тенкови Т64 на 22-та бригада. Одбранбените позиции на руските сили, составени пред сѐ од регрути употребени само во домашни услови, дале очајнички отпор, додека чеченските сили на „Ахмат“ решиле да се повлечат, чин што ја збеснал локалната популација. Секој обид на Русите за испраќање засилувања бил спречен од командоси на раскрсниците, кои ги уништиле тенковите и воените камиони. Силите на Киев успеале да замаскираат масивен напад во близина на Суџа и напредувале кон Курск, главниот град на областа.

Целиот одбранбен систем на Русија бил изненаден. Сосема е возможно во затворениот дел на седницата на рускиот Совет за безбедност да се споменал неуспехот на руските известителни служби, кои не го забележале движењето на големи единици на вооружените сили на Украина во близина на границата.

Украинците успеале да постават и противоздушен штит, со голем број возила на гасеници и најмалку една батерија Патриот. Два руски хеликоптери ќе бидат соборени, додека ловците-бомбардери не биле во состојба да интервернираат, туку само непрецизните Сухои 25 принудени да летаат ниско со цел да ги избегнат радарите. Руската артилерија и балистичките ракети отвориле оган од голема дистанца уништувајќи десетина украински возила. Руските власти тврдат дека „го стопирале напредувањето на непријателот“ и дека „ја контролираат ситуацијата", но докази дека се водат борби има од градот Суџa со 5 илјади жители. 

Борби меѓу украинските војници и руските кај КурскФотографија: Russian Defence Ministry Kursk region Russia/IMAGO

Логиката на нападот

Рускиот претседател Владимир Путин украинската акција ја нарече провокација од големи размери, додека екс-претседателот Медведев порача дека руската воена операција не треба да се ограничи на териториите кои смета дека и припаѓаат, туку дека треба да се прошири и на Одеса, Харков, Днепар и Киев.

За Киев офанзивата врз Курск е последица на агресијата на Москва, додека ЕУ преку портпаролот на ЕК, Петар Стано изјави дека Украина има легитимно право да се брани вклучувајќи и да го нападне агресорот на негова територија.

Повеќето аналитичари сметаат дека основната цел на генералите во Киев е да ја принудат Русија да ги префрли силите кои се распоредени во источна Украина, каде во последните неколку недели успеваа споро, но константно да освојуваат терен. Од таа гледна точка делува дека операцијата на Киев е успешна бидејќи забележано е преместување на трупи од областа во Доњецк кон северот со цел да ги зајакнат нападнатите позиции од Украинците.

Од оваа призма, стануваат логични изјавите на генералот Кирило Буданов, шеф на киевската воена разузнавачка агенција ГУР, според кој рускиот офанзивен потенцијал би кулминирал во период од шест до осум недели. Според Буданов, украинските трупи мора да одржат проактивен став и не смеат да остават руската офанзива да се истроши самата од себе без тие ништо да не преземат. Од таа гледна точка украинската диверзија во Курската област, би ја забрзала логистичката потрошувачка на руските сили.

Постои и превентивна логика зад украинскиот напад, со цел да се спречат новите руски дивизии во позадина после средината на август да нападнат врз слабите одбранбени линии кај Харков. Тука е и пропагандистичиот аспект со цел да се подигне моралот кај популацијата после година дена повлекување и непрестајно бомбардирање.

Маневар полн со ризици

Се разбира дека битна улога играат и политичките калкулации. Освојувањето на руски села и територија како и уништувањето на нивната инфраструктура, освен што му задава удар на имиџот и кредибилитетот на Путин, може да се искористи и за формирање на  помоќна преговарачка позиција ако започне  мировен процес за решавање на воениот судир или да го потоне секое преговарачко сценарио кое не му одговара на Зеленски.

Се разбира, бројни аналитичари се сомневаат во ефикасноста на Курската операција во услови кога украинската армија се бори да одбрани линија на фронтот од преку илјада километри, со ограничени човечки и материјални ресурси. Оттука, украинскиот маневар е полн со ризици. Нападот секогаш предвидува поголеми загуби од одбраната, а  украинските сили се растегнати над својот максимум. Природата на теренот нуди многу слаба заштита од рускиот одговор, кој секако ќе биде стравичен. Со други зборови, доколку станува збор за кратка операција, таа може да биде успешна, но секоја подолга операција би можела скапо да ги чини Украинците.

Курската офанзива по многу нешта потсетува на германската офанзива во Ардените во декември 1944-та. После почетен успех, тенковските дивизии ќе бидат блокирани кај Бастоњ, уништувајќи ги така и последните оклопни резерви на Рајхот. Крајниот резултат ќе биде да се успори за неколку недели неизбежната инвазија на Германија. Но, можеби Зеленски се коцка само со цел  да купи малку време и да се покаже барем и на кратко како победник. 

Барем до американските избори.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми