Зеленски: Трамп може да го принуди Путин на примирје
6 јануари 2025Украинскиот претседател Володимир Зеленски во подкаст интервју ја претстави идејата за можно решение за крајот на војната. Во тричасовен разговор со американскиот подкастер Лекс Фридман, Зеленски шпекулираше за можните услови за добивање покана од НАТО за неговата земја.
Во таа прилика тој индиректно направи разлика меѓу територии под контрола на Украина и пет територии во источна Украина кои делумно или целосно се под контрола на Русија.
Во текот на разговорот, Фридман постави прашање за можноста НАТО да ја прифати Украина без териториите на Луганск, Доњецк, Запорожје, Керсон и Крим. На тоа Зеленски одговори:
„Од правен аспект, НАТО испраќа покана до Украина. За нас тие територии сѐ уште се украински. Меѓутоа, НАТО може да дејствува на делот од територијата што е под украинска контрола“. Тој изрази уверување дека може да се постигне договор за ова прашање.
Членство во НАТО и оружјето како гаранција за безбедноста
За постигнување мир, Украина, покрај членството во НАТО, мора да добие и силни пакети со оружје од САД и ЕУ како дополнителна безбедносна гаранција. „Бидејќи без безбедносни гаранции (шефот на Кремљ Владимир) Путин ќе се врати“, рече Зеленски.
Со цел дополнително да се зацврсти мирот или примирјето, би биле потребни дополнителни санкции против Русија за да се спречи Путин да ја наполни својата воена каса со приходи од продажба на нафта и гас.
Трамп може да биде клучот за исходот на војната
Во интервјуто Володимир Зеленски го повтори своето мислење дека избраниот американски претседател Доналд Трамп може да биде клучот за исходот на војната. Трамп би морал да го принуди рускиот претседател на примирје.
„Трамп и јас ќе постигнеме договор и (...) заедно со Европа ќе понудиме силни безбедносни гаранции, а потоа ќе можеме да разговараме со Русите“, изјави Зеленски. „Ние и Трамп сме првиот чекор, а Европа ќе ја поддржи позицијата на Украина."
Мир „за 24 часа“?
Трамп ја презема функцијата на 20 јануари. За време на изборната кампања тој најави дека ќе го врати мирот во Украина во рок од „24 часа“ по преземањето на функцијата. Ова беше дочекано со скептицизам во Украина: владата во Киев стравува дека може да биде принудена на неповолен договор за земјата.
Во интервју за украинската телевизија пред неколку дена, Зеленски, покрај важноста на безбедносните гаранции, ја истакна и улогата на Трамп: „Тој е способен да го запре Путин или, со други зборови, да ни помогне да го запреме Путин“. Сите гаранции без учество на САД се сметаат за слаби за Украина.
Подкастерот и информатичар Фридман има украинско потекло и пораснал во Москва во време на советската ера пред неговото семејство да се пресели во САД во 1990-тите. Меѓу другите негови гости беа Трамп, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и аргентинскиот претседател Хавиер Милеи.