Украина: Атомската централа Запорожје е во критична состојба
1 октомври 2025
Ситуацијата во нуклеарната централа Запорожје е критична бидејќи централата е исклучена од електричната мрежа веќе една недела, рече украинскиот претседаттел Володимир Зеленски во својата вечерна видео порака. „Дизел мотори го обезбедуваат снабдувањето со електрична енергија“, изјави тој. Ова никогаш порано не е тестирано во толку долг период. Освен тоа, според Зеленски, постоеле информации дека еден од генераторите не функционира правилно.
Украинскиот претседател ја обвини Русија за ситуацијата со централата. Руските трупи, вели тој, ги попречувале обидите за поправка на далноводите до електраната со нивното постојано гранатирање. Во врска со безбедносните ризици, Зеленски рече дека ова е „закана за апсолутно сите“. Раководството на електраната назначено од Москва по окупацијата на нуклеарниот објект негираше какви било проблеми со генераторите. Русија, од своја страна, го обвинува украинското гранатирање за прекинот на редовното снабдување со електрична енергија.
Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) прави напори за брзо враќање на надворешното снабдување со електрична енергија за нуклеарната централа. МААЕ е во контакт со двете страни во конфликтот, соопшти директорот на МААЕ, Рафаел Гроси.
Нуклеарната централа Запорожје беше окупирана од руските трупи кратко по избувнувањето на војната во 2022 година. Поради тековните борби и истекувањето на резервоарот што се користи за ладење, централата мораше да биде затворена минатата година. Набљудувачи од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) треба да ја обезбедат безбедноста на централата. Директорот на МААЕ, Рафаел Гроси, преговараше неколку пати со двете завојувани страни за деескалација на ситуацијата во централата.