1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Желјазков со пораки за дијалог, Јотова со друг рефрен

14 ноември 2023

Додека претседателот на бугарското Собрание доаѓа во РСМ со пораки за стимулирање на дијалогот меѓу двете земји, бугарската потпретседателка испорача жестоки критики кон Скопје.

Претседателот на бугарскиот парламент, Росен Желјазков
Претседателот на бугарскиот парламент, Росен ЖелјазковФотографија: BGNES

Нашите вземни однос треба да се како меѓу добри соседи и време е двете страни да разбереме тоа и да работиме за доброто на нашите граѓани. Ова е пораката на претседателот на бугарското Народно собрание, Росен Желјазков, пред претставници на организации на Бугарите во РСМ, кој на покана на претседателот на македонското Собрание, Талат Џафери, а е во работна посета во Скопје. По денешната средба Желјазков -Џафери, двајцата напладне ќе дадат изјави за медиумите, а во 13 часот ќе се обратат и на свечено отворање на изложбата „Сребрена Тракија“ во Археолошкиот музеј, со над 1.700 експонати од 18 музеи во Бугарија.

„Парламентарната димензија на билатералните односи треба да го стимулира дијалогот меѓу двете земји", нагласил вчера претседателот Желјазков, објаснувајќи дека тоа била и целта на неговата посета на Скопје.

„Меѓу водечките теми во билатералниот дијалог треба да биде поврзаноста", изјавил тој на првата станица од неговата посета - Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје, каде им изрази поддршка на бугарските сонародници во нивната желба за нормализирање на односите меѓу двете земји.

На средбата со Желјазков, претставници на бугарски организации од Велес, Штип, Охрид, Битола, Струга, Прилеп, истакнале дека е неопходно да се преземат политички чекори и од страна на Бугарија и од Република Северна Македонија за да се запрат обидите за всадување говор на омраза и непотребни инциденти меѓу претставниците на двете земји.

Во улога на домаќин: претседателот на македонскиот парламент Талат ЏафериФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Три децении не можевме да најдеме соодветен начин да разговараме меѓу себе, за младите генерации да се чувствуваат како вистински Европејци во нашиот заеднички дом", истакнал Желјазков на средбата.

Според него, Бугарија и Република Северна Македонија се повикани да докажат дека припаѓаат на европските народи и дека со нив споделуваат заеднички вредности.

„И покрај антибугарската кампања што се води од одредени средини во Република Северна Македонија, луѓето од двете страни на границата не се оддалечија, дури и се приближуваат еден кон друг. Заедничката историја треба да го направи регионот на Балканот пообединет, посилен и попривлечен за инвестиции. На таа основа можеме да градиме мостови, да не делиме, туку да се стремиме кон заедничка европска иднина. Сето тоа е сосема можно доколку македонската држава ги исполни условите и ги вклучи Бугарите во својот основен закон, рамноправно со другите народи", порачал претседателот на бугарскиот парламент.

Јотова: Се лее злоба кон се што е бугарско

И додека претседателот на бугарското Собрание доаѓа со порака за стимулирање на дијалогот, потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, од Софија испрати серија жестоки критики кон Скопје.

„Политичарите во Скопје не покажуваат ниту желба ниту консензус за создавање и соработка. Северна Македонија не дава ниту знак за запирање на јазикот на омраза кон Бугарија. Неприфатлива и недостојна е злобата кон сè што е бугарско, која расте и останува неказнета, и престана да биде билатерално прашање. Јазикот на омраза на Република Северна Македонија кон Бугарија веќе е европско прашање" изјави Јотова на софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ по повод вчерашната прослава на 100-годишнината од формирањето на Македонскиот научен институт.

Таа истакнала дека институтот во неговото стогодишно искуство повеќе пати дошол до заклучок дека е погрешно да се гради „македонски идентитет“ на антибугарска основа.

Во соопштението за нејзиниот говор објавено на веб-страницата на претседателската институција, македонската нација е назначена како „таканаречена“.

„Во својот говор, потпретседателката потсети и на обидот на Северна Македонија т.нар. македонска нација да биде призната со прокламација на македонско-американското културно наследство во државата Мичиген. ‘На тврдењето дека во САД живееле над половина милион Американци со македонско потекло, реагираа дијаспорите на Бугари, Грци и Албанци. Прокламацијата беше прекината’", се вели во соопштението од претседателската прес-служба.

Потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова (десно на фотографијата)Фотографија: Michal Svìtok/Tasr/dpa/picture alliance

Деловите од обраќањето на Јотова кои не се објавени таму, ги пренесоа медиумите.

„Не можам а да не укажам на агресијата што ја гледавме и слушавме во Република Северна Македонија. Се лее злоба и омраза кон се бугарско. По патиштата се случува да летаат камења кон автомобили со бугарски таблички. Бугарските граѓани не се прифатени насекаде на работа - ги отпуштаат само затоа што се Бугари. Ги лишуваат од еднакви права и се претпочитана цел на насилство на фудбалските натпревари, и во секојдневниот живот. Тие апсат бугарски книги - можете ли да замислите - во 21 век!“, пренесува „24 часа" дел од обраќањето на Јотова.

Таа се осврнала и на Извештајот на ЕК, оценувајќи дека „Брисел не ги прифаќа заткулисните обиди на власта во Скопје да ја заобиколи преземената обврска за вклучување на Бугарите како државотворен народ во северномакедонскиот Устав“.

„Ми прави впечаток што денес ЕК заглушувачки молчи за тоа кога и како РСМ ќе биде примена во европското семејство“, изјавила Јотова, укажувајќи на напредокот на земјите кои првично биле далеку поназад - како Украина, Молдавија, па дури и Грузија, а кои сега брзо ја престигнале РСМ.

Орден за албанската амбасадорка во Софија

И посетета на Желјазков, и овие изјави на Јотова, доаѓаат во време кога Македонците во Албанија се жалат дека за време на пописот во таа земја имало бугарски притисоци врз Македонците да се изјаснат како Бугари. Васил Стерјовски, поранешен пратеник во албанското собрание и претседател на единствената македонска партија во Албанија „Македонската алијанса за европска интеграција“, минатиот викенд на собир во Штип рече дека Албанија оставила слободен простор пописот на македонското население да го спроведе Бугарија, бидејќи на терен јасно се гледало дека припадници на бугарската амбасада ги терале Македонците да се попишат како Бугари. Притисокот бил голем врз оние кои аплицирале за бугарски пасоши со цел да работат во земји на ЕУ. 

А вчера од Софија стигна вест дека бугарскиот претседател Румен Радев ја одликувал амбасадорката на Албанија во Бугарија, Доника Хоџа, со орден „Мадарски коњаник“ од прв степен, за особено големи заслуги на дипломатијата за развојот на билатералните односи, за кои главен мост е бугарската заедница во Албанија.

„Бугарската заедница во Албанија е важен мост за зајакнување на полноправните врски меѓу двата пријателски народи", истакнал Радев на свечената церемонија, и ги нагласил заложбите на амбасадорката Хоџа за продлабочување на бугарско-албанските односи.

Бугарскиот претседател Румен РадевФотографија: BGNES

„'Пријателските односи меѓу двете земји се засноваат како на вековната културна и историска близина, така и на присуството на голема бугарска заедница во Албанија’, истакна претседателот Радев. Шефот на државата изрази очекување дека владата и сите институции во Албанија ќе продолжат да гарантираат благопријатна средина, во која бугарската заедница ќе може да ја негува својата историја, јазик, култура и традиции. Амбасадорката Доника Хоџа изрази благодарност за укажаната чест и добиената висока државна награда. ‘Албанија и Бугарија денес се лојални партнери повеќе од кога било’, посочи таа. Според неа, бугарското малцинство во Албанија е исклучително силен мост кој ги зацврстува историските врски и пријателските односи меѓу Бугарија и Албанија. Дипломатката изрази уверување дека Бугарија ќе продолжи да ја поддржува европската интеграција на Албанија“, се вели во соопштението од прес-службата на претседателот.

На церемонијата Радев посебно ги акцентирал напорите на амбасадорката Хоџа за интензивирање на соработката во областа на културата, вклучително и во контекст на 110-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Бугарија и Албанија и 30-годишнината од потпишувањето од билатералниот Договор за пријателство и соработка што се одбележува во 2023 година.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми