1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Земјоделците со трактори протестираат во Берлин

ЖА
18 декември 2023

Германските земјоделци протестираат во центарот на Берлин поради зголемените цени на гориво и најавуваат „масовен отпор“ ако владата не ги повлече плановите за укинување на субвенциите.

Протест на земјоделците во Берлин, Германија
Протест на земјоделците во Берлин, ГерманијаФотографија: Volker Witting/DW

Здружението на германски земјоделци денеска (18.12.2023) одржува голема демонстрација пред Бранденбуршката порта во Берлин. Под мотото „Што е многу, многу е! Сега е доста!“,  земјоделците  кои во Берлин стигнаа и со трактори,  го креваат гласот  против планираното укинување на субвенции за дизел за земјоделците, потоа против укинување на даночните олеснувања за земјоделски возила, а со тоа и воопшто против поскапувањето на горивото.

Здружението на земјоделците од владата бара повлекување на овие планови, во спротивно, од јануари најавува „масовен отпор“, како што изјави претседателот Јоахим Руквид.

Земјоделците кои во Берлин стигнаа и со трактори, го креваат гласот против планираното укинување на субвенции за дизел за земјоделцитеФотографија: Volker Witting/DW

Владата соопшти дека овие планови ги донесе во намера да ги намали субвенциите на она што е штетно за климата. Тоа е дел од консолидацијата на буџетот по пресудата на германскиот Сојузен уставен суд.

На демонстрацијата се очекува и обраќање на германскиот министер за земјоделство Џем Оздемир, кој ги критикуваше владините планови. Политичарот од Зелените за јавниот сервис АРД утрово изјави дека не е против мерки за штедење, но ја разбира загриженоста на земјоделците, смета дека овие резови се преголеми за аграрниот сектор.

„Пречекорена е границата на болка, посебно зашто нема алтернатива за дизелот кој се користи во земјоделството“, изјави Оздемир. Тој нагласи дека тешките земјоделски машини не можат толку едноставно да се префрлат на електричен погон, предупредувајќи од намалување на конкурентноста на германското земјоделство во однос на други земји.

Земјоделците најавуваат масовен отпор ако владата не ги повлече плановите за укинување на субвениците Фотографија: Volker Witting/DW

Германскиот сојузен министер за финансии Кристијан Линднер претходно сигнализираше спремност на разговори. „Отворен сум за алтернативи“, изјави тој во саботата.

Според информации од аграрната бранша, профитабилноста на земјоделството неодамна е подобрена. Во финансиската 2022/2023 година која истече на крајот на јуни, просечната добивка на компаниите пораснала на рекордни 115.400 евра, што е зголемување од 45 проценти во однос на претходната година.

Со оглед на падот на цените  на житарките, маслодајните растенија и млекото, здружението на  земјоделци  пред објавувањето на плановите на германската влада за укинување на субвенциите изрази песимизам во поглед на идните деловни перспективи. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми