Мјанмар: Спасувачките напори продолжуваат во тешки услови
2 април 2025
Бројот на загинати по силниот земјотрес во Мјанмар се искачи на 2.886 лица, а уште 4.639 се повредени и 373 се водат како исчезнати, објави денеска (2 април, 2025) државната телевизија на Мјанмар.
Маж извлечен од урнатините пет дена по земјотресот
Спасувачите успеале да извлечат преживеан човек од урнатините пет дена по потресот. Користејќи ендископска камера за да се одреди неговата локација и дали сè уште е жив, Наинг Лин Тун беше спасен без маица и слаб, но свесен.
26-годишниот хотелски работник бил спасен од заеднички мјанмарско-турски тим и е пренесен во локална болница.
Како што хуманитарната ситуација стануваше сè пострашна, се засилија повиците до воената хунта во Мјанмар да дозволи поголема меѓународна помош. Пекинг соопшти дека доставил помош во готовина преку својата амбасада во Најпитав, бидејќи Кина е една од десетината земји кои одржуваат постојано дипломатско присуство во Мјанмар.
Обединетите нации ја повикаа воената хунта да ги прекине непријателствата со бунтовниците како одговор на земјотресот со јачина од 7,7 степени, но извештаите покажуваат дека војската извршила неколку напади во последните денови и покрај катастрофата и делумното примирје.
Специјалната претставничка на ОН Џули Бишоп ги повика двете страни „да ги фокусираат своите напори на заштита на цивилите, вклучително и хуманитарните работници, и на испораката на спасувачка помош“.
Според ОН, околу 3 милиони луѓе во Мјанмар се раселени од своите домови, а на 20 милиони им била потребна помош уште пред да се случи земјотресот поради долгогодишното насилство меѓу хунтата и бунтовничките милиции.
Кина ги повикува градежните компании да ги следат безбедносните упатства
Во Тајланд, каде што штетите од земјотресот беа главно локализирани на едно градилиште во Бангкок, бројот на загинати денеска се искачи на 22.
Владата во Пекинг ги повика сите кинески градежни компании да ги почитуваат локалните закони, бидејќи почнаа да се вртат прашања дали проектот предводен од Кина ги следел безбедносните упатства.