1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиСирија

Бебето Аја и судбината на сираците по земјотресот

БГ /АП
10 февруари 2023

Никој се уште со сигурност не може да каже колку деца останаа сираци по земјотресот во Турција и Сирија. Најчесто децата ги посвојуваат нивни подалечни роднини, како што беше случајот и со бебето Аја.

Аја Бебе Сирија Земјотрес
Бебето Аја кое беше родено под урнатините во градот Јендерис, СиријаФотографија: Ghaith Alsayed/AP/picture alliance

Сириското бебе кое беше родено под урнатините на домот сега има име: Аја, арапски за „знак од Бога“. Таа беше посвоена од својот дедо, откако нејзините родители и четирите браќа и сестри загинаа во земјотресот.

Аја е само една од големиот број сирачиња кои останаа сами по катастрофалниот земјотрес во кој загинаа над 20.000 луѓе во Турција и Сирија. Потресот се случи во раните утрински часови, додека најголемиот број луѓе беа во своите кревети, и во него загинаа цели семејства. 

Во најголем број случаи, сирачињата ги посвојуваат нивни роднини, велат лекарите и експертите. Но и преживеаните роднини се соочени со тешки околности. Во хаосот кој ја опкружува целата ситуација и огромниот број жртви, лекарите велат дека е невозможно да се каже колку деца ги загубија своите родители. 

Аја, „бебето чудо“ родено под урнатините во Сирија

01:01

This browser does not support the video element.

Во една болница во северозападна Сирија, 7-годишно девојче со црвена коса, Јана ал-Абдо, постојано прашува каде се нејзините родители откако било примено со повреди, вели д-р Калил Алсфук.
„Подоцна дознавме дека е единствената преживеана од целото семејство“, вели тој. 

Аја се опоравува 

Во случајот на новороденчето Аја, чичкото на нејзиниот татко, Салах ал-Бадран ќе ја посвои откако ќе биде отпуштена од болница. Но и неговата куќа во градот Јендерис е уништена во земјотресот, а тој и 11 членови на неговото семејство живеат во шатор, раскажува Ал-Бадран за агенцијата АП. 

„По земјотресот никој не може да живее во својата куќа или зграда. Само 10% од зградите се безбедни за живеење“, вели тој. 

Спасувачи извлекуваат бебе од под урнатините во градот ЈендерисФотографија: BAKR ALKASEM/AFP

Спасувачите во Јендерис ја открија Аја во понеделникот попладне, повеќе од 10 часа по земјотресот, додека копаа низ остатоците на петкатна зграда каде што живееја нејзините родители. Закопано под бетонот, бебето се уште било поврзано со папочна врвца со нејзината мајка, Афра Абу Хадија, која загинала заедно со сопругот и четирите други деца. Бебето беше одведено во болница во Африн. Хани Маруф, лекарот кој се грижи за здравјето на Аја, вели дека таа добро се опоравува и дека нема големи оштетувања на нејзиниот 'рбет, како што првично се стравувало. 

Од детската агенција на ОН, Уницеф, велат дека ги следат децата чии родителите се исчезнати или починати, им обезбедуваат храна, облека и лекови и се координираат со болниците за да ги пронајдат подалечните роднини кои би можеле да ги посвојат. 

Трагедијата на Сиријците 

Во Турција, Министерството за семејства и социјални услуги апелираше до потенцијалните посвојувачки семејства да поднесат барања. Оттаму соопштија дека децата чии семејства и роднини не можат да се пронајдат се згрижуваат во државни институции.

Во близина на сирискиот град Азаз, една невладина организација постави привремено сиропиталиште во кое во моментов се сместени 40 деца.

Во голем број случај, подалечното семејство се јавува. Сиријците имаат искуство во соочување со трагедијата на деца без родители. Стотици илјади луѓе ги загубија животите во долгата граѓанска војна во Сирија, по што огромен број деца останаа сираци. 

Седумгодишната Јана, беше пронајдена од спасувачите по 30 часа под урнатините во сирискиот град Харем. Нејзините родители и трите браќа и сестри загинале. Била пренесена во болница во градот Баб ал-Хава. 

Жена беше извлечена по 90 часа под урнатините во Хатај, ТурцијаФотографија: Umit Bektas/REUTERS

„Во детското одделение, имаме 24 кревети и пет инкубатори, но пристигнаа десетици деца. Преполни сме, а ние сме единствена болница со педијатриска нега во овој регион“, вели д-р Калил Алсфук. Тој самиот го загубил домот во земјотресот, а неговото семејство се преселило кај пријатели. Со денови се грижи за поврдени деца, дел од кои не преживеале.

„Целото искуство е ужасно. Тешко е да се задржи тагата кога нема да успеете да спасите дете. Затоа што после мора да продолжите кон други деца на кои им е потребна помош“, вели тој. 

Во моментов, состојбата е премногу хаотична за да се утврди бројот на сираци, вели д-р Мухиб Чадир, заменик- директор на здравствената институција во сирискиот регион Идлиб, кој е центарот на последната бунтовничка енклава во земјата.

„Сега луѓето сфаќаат дека има многу деца без семејства. Постои голема поддршка за нив во општеството. Далечни роднини ги преземаат пред да завршат во сиропиталиште. За жал, нештата ќе станат појасни дури откако ќе слегне прашината од земјотресот“, вели тој. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми