1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
НаукаГлобално

Женските солзи ја намалуваат агресивноста кај мажите

9 март 2024

Контактот со емоционални солзи на жените го намалува агресивното однесување кај мажите, се констатира во ново истражување.

солзи жена плач
Ново истражување покажува дека мирисањето женски солзи може да ја намали агресијата кај мажитеФотографија: Danil Chepko/Colourbox

Дали некогаш сте се запрашале зошто некој што плаче може да предизвика молк во просторијата? Едно ново истражување покажува дека мирисањето женски солзи може да ја намали агресијата кај мажите.

Истражувачите откриле дека машката агресија се намалува за 44 отсто откако тие помирисале женски солзи. Студијата, објавена во PLOS Biology, открива дека солзите ја менуваат активноста на мозокот во негови делови кои ги поврзуваат мирисот и агресијата.

Студијата дава барем едно објаснување за долгогодишната еволутивна загатка за тоа зошто плачеме - тоа може да послужи како смирувачки механизам меѓу групите.

Студии на одредени видови цицачи покажаа дека солзите содржат хемикалии кои служат како социјални сигнали, а ефектите се многу силни.

Солзите од машки глодар содржат хемикалија која ги прави женките поприемливи за секс или кај бремени глувци предизвикуваат спонтан абортус ако солзите на мажјакот не се на таткото.

Солзите од глодари исто така влијаат на агресивното однесување. Стапките на голите кртици се покриваат со солзи за да се намали доминантната машка агресија кон нив, додека солзите од женките глувци содржат хемикалии кои спречуваат борба на глувците мажјаци.

Новороденчињата стаорци исто така содржат хемикалии во нивните солзи кои ја намалуваат агресијата кон нив - нивната единствена линија на одбрана.

Солзите ги активираат рецепторите за мирис и ги менуваат мозочните кола поврзани со агресија, покажува новата студијаФотографија: Khosrow Rajab Kordi/Zoonar/picture alliance

Она што е помалку јасно е колку силно солзите можат да влијаат на агресијата кај луѓето. Авторите на студијата претходно покажаа дека кога мажите ги мирисаат емоционалните солзи на жените, тоа го намалува нивното ниво на тестостерон и резултира со намалена сексуална возбуда.

Оваа студија имаше за цел да ја тестира смирувачката способност на солзите. Авторите собрале „емотивни“ солзи од шест донаторки, кои им ги изложиле на мажите додека играле видео игра дизајнирана да предизвика агресија. Во друг експеримент, мажите ја играле играта додека биле на скенер за магнетна резонанца (MRI), кој ја мери нивната мозочна активност.

Мажите покажале 43,7 отсто помалку агресивно однесување откако ги помирисале солзите на жените во споредба со мажите кои мирисале контролен раствор. Експериментите со сликање на мозокот открија дека мирисањето солзи ја намалува активноста на мозокот во регионите поврзани со агресија.

„Покажавме дека солзите ги активираат рецепторите за мирис и дека тие ги менуваат мозочните кола поврзани со агресија, значително намалувајќи го агресивното однесување“, објаснува водечкиот автор на студијата Џоам Собел, од одделот за мозочни науки на институтот Вајцман, САД.

Студијата покажува како агресивното однесување може да се промени со вродени биолошки знаци како хемикалиите во солзите, барем кај мажитеФотографија: picture-alliance/dpa

Авторите велат дека наодите значат оти солзите се „хемиско ќебе кое нуди заштита од агресија - и дека овој ефект е заеднички за глодарите и луѓето, а можеби и за другите цицачи“.

Авторите сугерираат дека ефектот на солзите може да игра важна улога во невербалната комуникација, на пример кај бебињата.

„Новороденчињата не можат да зборуваат, така што за нив потпирањето на хемиски сигнали за да се заштитат од агресија може да биде критично“, велат авторите во изјавата.

Студијата е придонес кон доказите кои покажуваат како сексот и полот играат важна улога во човечката агресија. Половите разлики се „едно од најцврстите и најстарите наоди во психологијата“, според меѓународната енциклопедија за општествени и бихејвиорални науки од 2015 година.

Студијата покажува како агресивното однесување може да се промени со вродени биолошки знаци како хемикалиите во солзите, барем кај мажите.

Авторите имаат за цел да го прошират истражувањето и да ги вклучат жените. „Знаевме дека мирисањето солзи го намалува тестостеронот и дека намалувањето на тестостеронот има поголем ефект врз агресијата кај мажите отколку кај жените... Сега, сепак, мораме да го прошириме ова истражување и да ги вклучи жените за да се добие поцелосна слика за ова влијание“, велат авторите на студијата.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми