1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жестоки критики и опасна реторика меѓу СДСМ и ДУИ

ДТЗ
10 јануари 2025

Раководството на СДСМ јавно се дистанцираше од ДУИ, порачувајќи дека имаат криминален товар, што предизвика остра реакција на Али Ахмети, кој ги обвини за албанофобија.

СДСМ Венко Филипче Македонија
Претседателот на СДСМ, Венко ФилипчеФотографија: SDSM

Заладените односи меѓу СДСМ и ДУИ, довчерашните владини коалициони партнери, кулминираа со жестоки критики и остра реторика во која се обвинуваат за подгревање на меѓуетнички тензии. Препирките зачестија откако функционерот на ДУИ, Артан Груби се најде на црната листа на САД, по што ја напушти Северна Македонија. 

СДСМ му порача на претседателот на ДУИ, Али Ахмети „конечно да излезе од националистичкиот филм“, откако на социјалните мрежи се појави видео со содржина од конфликтот во 2001 повторно, коешто го споделуваа функционери на ДУИ, со лидерот на партијата, Ахмети облечен во УЧК униформа, во кое порачува дека до сега не изгубил ниту една војна. Видеото повеќе не е достапно. 

„Опасна реторика“ 

„Неговата реторика за постојаното подгревање на етнички тензии како алатка за политичко делување се неприфатливи и опасни за земјата. Таквите политики и филмови со воени униформи се несоодветни провокации за кои нема место во нашето мултиетничко општество“, велат од СДСМ. 

За опозициската партија се неприфатливи „намерните етнички провокации на ДУИ кои прераснаа во единствена стратегија на партијата“. „ДУИ да не заборава дека Албанците во оваа држава сакаат мир, стабилност и добри меѓуетнички односи. Кога ДУИ го обвинува СДСМ за албанофобија да не заборава дека во Извршниот одбор на СДСМ има Албанци и значителен број на Албанци гласаат за нашата партија“, порачаа од СДСМ. 

Лидерот на партијата, Венко Филипче, во интервју за „Независен“ категорично ја отфрли можноста за соработка со ДУИ, истакнувајќи ја потребата од политики кои обединуваат, а не разединуваат.

„СДСМ никогаш повеќе нема да дозволи да биде ставен во истата рамка или подреден на која било партија, особено не на ДУИ. Коруптивниот багаж кој го носи оваа партија е нешто од што јасно се дистанцираме. Нивната реторика, заснована на етнички тензии и поделби, е неприфатлива и опасна. Таквите политики немаат место во нашето мултиетничко општество“, вели Филипче. 

Лидерот на партијата, Венко Филипче, атегорично ја отфрли можноста за соработка со ДУИ, истакнувајќи ја потребата од политики кои обединуваат, а не разединуваат.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

На кого му одат во прилог кавгите? 

СДСМ смета дека со своето делување Ахмети и ДУИ му овозможуваат на ВМРО-ДПМНЕ дополнително да ја подгрева меѓуетничката ситуација во земјата и политички да профитира.

„Индиректно, ДУИ е таа која со своето однесување креира албанофобија. Иако ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ јавно се осудуваат меѓу себе, нивната неформална соработка е повеќе од очигледна. Граѓаните видоа заеднички гласања во Собранието, а врв беше скандалозно пуштање на Артан Груби надвор од земјата, слободно преку границата“, велат од СДСМ. 

И лидерот на СДСМ смета дека неформалната соработка со ВМРО-ДПМНЕ дополнително ја комплицира политичката состојба. „Иако ВМРО-ДПМНЕ јавно ги осудува, нивните заеднички гласања во Собранието и неодамнешното бегство на Артан Груби, објаснето со неверојатни изговори од МВР, ја откриваат нивната задкулисна координација. Ова создава политичка нестабилност и ги поткопува меѓуетничките односи“, вели Филипче. 

Од ДУИ велат дека „во очаен обид за политички опстанок, СДСМ одлучиле да јаваат на бранот на албанофобијата“Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„На бранот на албанофобијата“ 

Но, од ДУИ велат дека „во очаен обид за политички опстанок, СДСМ одлучиле да јаваат на бранот на албанофобијата, следејќи го патот на ВМРО – ДПМНЕ“. За партијата вистината е едноставна: „Македонците не ја мразат ДУИ затоа што имаше корупција – тие ја мразат затоа што ДУИ ги овласти Албанците и ги промени старите баланси на моќ и ги скрши етничките монополи“.

Партијата смета дека тие не ја гледаат ДУИ како криминален проблем, бидејќи самите македонски партии владеат со оваа држава 30 години, ограбувајќи ја и деградирајќи ја. „Македонците денес се манипулирани да веруваат дека Албанците се нивна егзистенцијална закана. Но, кој ја засадува оваа идеја? Македонските партии денеска со експоненти на „српскиот свет“ на чело на владата сеат страв кај Македонците дека Албанците им се непријател. Во реалноста, Албанците не биле и не се егзистенцијална закана на Македонците“, посочуваат од ДУИ.

Албанофобијата, според Ахмети, не е спонтано чувство на Македонците – таа е политички проект, поттикнат и финансиран од странски интереси за Северна Македонија да остане заробена во конфликт и несигурност. Тој преку партиско соопштение порачува дека „Албанците нема да дозволат да бидат жртвувани за пропаднатите политики на СДСМ, ДПМНЕ или за странски агенди кои работат против Македонија“. 

„Оваа земја нема иднина изградена врз омраза и етнички поделби. Тие што денес сеат раздор, утре ќе останат сами во урнатините на нивната изгорена политика“, велат од ДУИ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми