Младите тешко се одвојуваат од скутот на родителите
25 септември 2025
Младите луѓе тешко се одвојуваат од скутот на своите родители. Податоците на Евростат, објавени на 23 септември покажуваат дека младите во Европа домот го напуштаат на просечна возраст од 26,2 години. За состојбите во Македонијане се достапни најнови податоци, но оние од минатата година посочуваат дека младите во земјата дури на 32,1 година се одлучуваат да го напуштат родителскиот дом.
Ваква е состојбата во речиси сите балкански земји. Најдоцна го напуштаат родителскиот дом, на 30 години или повеќе, младите во Хрватска (31,3 години), Словачка (30,9), Грција (30,7), Италија (30,1) и Шпанија (30,0). Во Германија, пак, податоците на Евростат покажуваат дека младите на 23,9 години се подготвени да започнат живот самостојно
Спротивно на тоа, младите во скандинавските земји многу рано се одлучуваат да не живеат под ист кров со своите родители. Најниска просечна возраст е регистрирана во Финска (21,4 години), Данска (21,7) и Шведска (21,9).
Слични беа и податоците од 2023 година кои покажаа дека Балканот е на врвот на листата. Младите луѓе во Црна Гора (33,3), Северна Македонија (32,1), Хрватска (31,8), Србија (31,5) и Словачка (31,0) имаат просек над 30 години, кога се одлучуваат да застанат на сопствени нозе.
Големи трошоци за домување
Во време кога трошоците за домување се предмет на постојана јавна дебата, податоците покажуваат дека младите луѓе се повеќе погодени од трошоците за домување. Во 2024 година, 9,7% од младите луѓе (на возраст од 15-29 години) во ЕУ живееле во домаќинства кои трошеле 40% или повеќе од нивниот расположлив приход за домување.
Во 2024 година, меѓу земјите од ЕУ, имало значителни разлики во оваа стапка. Грција (30,3%) и Данска (28,9%) регистрирале највисоки стапки на преоптовареност со трошоци за домување, далеку над оние во Холандија (15,3%), Германија (14,8%) и Шведска (13,5%). Од друга страна, Хрватска (2,1%), Кипар (2,8%) и Словенија (3,0%) имале најниски стапки на преоптовареност со трошоци за домување.
Во некои од земјите каде што младите луѓе имаат тенденција да се иселат порано, како што се Данска, Холандија, Германија, Шведска и Финска, преоптовареноста со трошоците за домување за младите луѓе е поголема. Во Грција, и покрај тоа што младите луѓе го напуштаат домот подоцна, преоптовареноста со трошоците за домување останува висока за нив.
Во Јужна Европа и на Балканот, повеќе од половина од луѓето на возраст од 20-25 години сè уште живеат со своите родители. Додека во Северна Европа, овој процент е под 20%, па дури и под 10%.