1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
СпортСрбија

Златните солзи на Новак Ѓоковиќ

Обработка: Иван Ѓерковиќ
5 август 2024

Солзи имаше на теренот, но и во студиото на германската телевизија - златото на Новак Ѓоковиќ беше каписла за емоции.

Олимписки игри Новак Ѓоковиќ
Новак Ѓоковиќ ја слави победата над Алкараз во ПаризФотографија: Patricia De Melo/dpa/picture alliance

„Новак Ѓоковиќ е мајстор за совладување на противниците. Но, оваа недела во пет часот попладне дојде време кога и самиот српски тениски професионалец беше совладан - од силата на моментот“, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. „Ѓоковиќ клечеше на теренот на комплексот Филип Шатрије, телото му се тресеше, очите му беа полни со солзи. Откако стана, прво грабна пешкир за да си го избрише лицето, а потоа го зеде државното знаме и му покажа на светот: Србија за првпат има олимписки победник во тенис!“

„По сите негови рекорди - 24 освоени грен слем титули, 428 недели на врвот на светската ранг-листа, како и бронзениот медал на Летните игри во Пекинг во 2008 година, Ѓоковиќ сега постигна уште еден рекорд. 'Интензитетот на моите чувства надминува сѐ што сум доживеал на тенискиот терен', изјави Ѓоковиќ по победата над Шпанецот Карлос Алкараз со 7:6 (7:3), 7:6 (7:2) во олимпиското финале“, пренесува весникот.

Без изгубен сет

Заедно со големата фотографија од српскиот тенисер над која пишува „Ваков Ѓоковиќ сѐ уште не сте виделе“, најтиражниот германски весник, таблоидот „Билд“, во текст со наслов „Златни солзи“ кратко пишува: „Сега има Сите!"

„Ѓоковиќ се круниса со олимписко злато – а потоа од него излезе сѐ“, објави специјализираниот портал Тениснет. А тука е заклучокот по мечот: „Можете само да се поклоните на интензитетот и волјата со која Ѓоковиќ успеа да ја затвори и последната голема празнина во својата колекција на трофеи“.

„Во врвен меч, во кој двајцата играчи покажаа исклучителен тенис, Србинот славеше во генерацискиот спектакл со 7:6, 7:6 за речиси три часа (!) и го исполни својот голем сон за олимписко злато - и тоа без загубен сет, што не му успеа никому претходно“, пренесува порталот Кикер, кој е специјализиран за спорт. Тој ја споменува и пораката што неговиот поранешен тренер, германската тениска легенда Борис Бекер, му ја испрати на Ѓоковиќ по победата: „Драг мој, браво“, напиша Бекер на својот профил на мрежата X.

Златен слем

Алкараз и Ѓоковиќ приредија „епско финале во кое само првиот сет траеше повеќе од час и половина“, известува Спортшау, спортската редакција на германскиот јавен сервис АРД. „И на овој дуел меѓу најмладиот (Алкараз со 21 година и 91 ден) и најстариот играч (Ѓоковиќ со 37 години и 74 дена) во олимпиското финале, на крајот преовладаа годините. Ѓоковиќ стана најстариот шампион во поединечна конкуренција откако тенисот се врати во олимписките натпреварувања на Игрите во Сеул во 1988 година.“

„Но тој историски рекорд имаше само споредна улога за Ѓоковиќ. Она што беше многу поважно е што успеа да го исполни својот голем сон за олимписко злато. Сега им се приклучи на тениските великани Андре Агаси, Рафаел Надал и Серена Вилијамс, кои барем еднаш во кариерата го освојуваа секој Грен слем турнир, а освоија и олимписко злато“, пишува Спортшау, но истовремено потсетува дека „единствената која всушност успеа да постигне вистински златен слем е Штефи Граф: во 1988 година таа го постигна сето тоа во една календарска година“.

Солзи во студиото на АРД

Германскиот јавен сервис АРД во живо го пренесуваше финалето во поединечна конкуренција за мажи на Олимписките игри во Париз. А откако Ѓоковиќ ја освои последната титула што му недостигаше, немаше само солзи на теренот, туку и во студиото на АРД. Кога по сцените на радост од ложата каде што се наоѓаше семејството на Ѓоковиќ и неговиот тим, камерата повторно се вклучи во студиото на германскиот јавен сервис, водителот на емисијата Александар Бомес имаше видно насолзени очи.

„Вау, тежок ден денеска“, рече Бомес со растреперен глас. Неговата колешка во студиото Естер Седлачек му рече: „Брзо, земи воздух“, но Бомес не ги криеше чувствата пред неа и пред гледачите.

„Дали знаете зошто ова денеска ме погодува толку многу?“, праша тој. „Новак Ѓоковиќ секогаш го изразуваше своето задоволство по освојувањето на турнирите толку агресивно. И секогаш сакаше да биде сакан. Но, никогаш не славеше како денес. Тоа беше вистинска радост, тоа беа солзи. Порано секогаш беше во стилот: ви покажав на сите. Денес го освои моето срце, бидејќи можеше да се види што му значи ова. А не само она: сите сте против мене и ќе ви покажам. Ова беше убаво“, заклучи водителот на АРД, Александар Бомес.

Олимписки игри 2028?

А ден по финалето во Париз, дел од германските медиуми се занимаваат со прашањето дали и како продолжува кариерата на 37-годишниот освојувач на олимписко злато по Париз. Неколку од нив ја цитираат изјавата на Новак Ѓоковиќ дадена за АРД по олимписката победа: „Некои од членовите на моето семејство нешто спомнаа - дали тоа е тоа? Не знам. Сега сакам да славам и да уживам во моментот“, рече тој.

А на официјалната прес-конференција по мечот, од Ѓоковиќ се слушна и ова: „Го вложив целото срце, душа, тело, семејството, сѐ. Да бидам искрен, не знам што носи иднината“.

Германските медиуми забележуваат дека Ѓоковиќ не ја отфрлил можноста повторно да учествува на Олимписките игри во 2028. Тогаш ќе има 41 година. „Сакам да играм во Лос Анџелес. Уживам да играм за мојата земја“, изјави Ѓоковиќ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми