1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто масовните убиства не ја променија Србија?

Немања Рујевиќ
3 мај 2024

Се чинеше дека злосторствата во „Рибникар“ и селата кај Младеновац го разбудија целото општество. Но, во следната година се нанижаа само пропуштени прилики, велат соговорниците на ДВ. Како се случи тоа?

Тага по масакрот во училиштето „Рибникар“ по Белград, Србија
Тага по масакрот во училиштето „Рибникар“ по Белград, СрбијаФотографија: Zorana Jevtic/REUTERS

Во таа среда во Белград луѓето тивко чекореа и гласно воздивнуваа. Пред основното училиште „Владислав Рибникар“ насобрани многубројни новинари, а набргу и луѓе кои дојдоа да се простат од настраданите.

Два дена подоцна, околу училиштето имаше бари од исушен восок и секоја педа од оградата беше обложена со цвеќиња и детски кадифени играчки.

Земјата во шок тогаш доживеа уште еден потрес, масовно убиство во Мало Орашје и Дубона.

Црниот биланс од две дивеење за два дена броеше деветнаесет згаснати животи, главно деца и млади луѓе.

Вакви случаи се релативно ретки во Србија. Момчето убиец од „Рибникар“ дури е забележан и како најсмртоносниот убиец помлад од 14 години во целиот свет.

Пропуштени шанси

Една година подоцна, животот продолжи. Но како? Психологот Тамара Џамоња Игњатовиќ, која будно ги следела случаите, вели дека е „нормално, човечки и неопходно“  животот да продолжи и по големи трагедии.  Но, пред тоа треба да си ја завршите домашната задача.

„Трагедијата нѐ потресе  и нѐ збуни, а потоа почнавме да го продолжуваме нашиот неорганизиран живот“, вели таа за ДВ.

„Ако сакаме да направиме чекор напред, тогаш треба добро да се позиционираме во однос на она што се случува. Да го испланираме следниот чекор за жртвите да бидат почитувани, а другите да се чувствуваат безбедни и сигурни. Тие темели не беа доволно силни“.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ веднаш имаше „список на мерки“Фотографија: Darko Vojinovic/AP Photo/picture alliance

Раскажува за институциите кои не биле подготвени за вакви ситуации. Претседателот Александар Вучиќ на денот на масакрот во „Рибникар“ се појави пред новинарите со веќе спремен „список на мерки“.

Неодамна Белградскиот центар за човекови права во анализа откри дека единствена успешна мерка беше  разоружувањето на граѓаните - трагедиите ги натераа некои луѓе да се преиспитаат дали им е потребен  нелегален пиштол или пушка  во нивниот дом.

Во училиштата се испратени полициски службеници. Прво брзоплето беше одлучено  децата во „Рибникар“  да се вратат на училиште, а потоа учебната година одеднаш да заврши порано - за сите училишта.

Според негово признание, таа одлука ја донел Вучиќ, погоден од разговор со родители кои ги загубиле децата во „Рибникар“.

Џамоња Игњатовиќ вели дека мешањето на претседателот во мерките довело до судир со препораките на експертите. А кога веќе ќе донесе одлука, тогаш сите други не можат ништо“, вели оваа професорка на Филозофскиот факултет.

Како што изјави за ДВ Дејан Илиќ, уредник на „Фабрика на книги", трагедијата природно ги потресе и луѓето од власта на човечко ниво и властите никако не може директно да се обвинуваат.

„Но, тие едноставно имаат свои приоритети“, вели Илиќ. „Ми се чини дека единствената мисла на режимот беше како да не влијае на нив и како да ја избегне одговорноста. Така проблемот се турка под тепих“.

Политика секогаш и секаде

Единствена политичка  последица од злосторството  беше оставката на тогашниот министер за образование Бранко Ружиќ.

Ружиќ претходно ги обвини „западните вредности“ и видео игрите за злосторството во училиштето. Други, пак, тврдеа дека е виновна атмосферата во која, на пример, е можен мурал посветен на злосторникот Ратко Младиќ недалеку од училиштето во Врачар.

Масовни протести „Србија против насилството“ во БелградФотографија: Zorana Jevtic/REUTERS

Опозицијата побара оставка од министерот за полиција и други. Властите со сите сили возвраќаше на критичарите, обвинувајќи ги дека се „хиени“ кои се радуваат на несреќа зашто добиваат политички поени.

Впрочем, само два дена по „Рибникар“ и додека сè уште пристигнуваа вести од селата во Младеновац, новинарот Момир Турудиќ за ДВ изјави: „Наместо тивко да тагуваме, гледаме агресија и дека повторно се играат политички игрички“. Во оваа атмосфера, речиси може да се предвиди дека некои ќе ги впрегнат трагедиите за политички цели“.

Првите протести кои ќе прераснат во „Србија против насилството“ беа тивки, како траорни поворки. За неколку недели ќе станат најмасовните демонстрации во Србија од 5-ти октомври.

Зошто протестира, ја праша репортер на ДВ една трудница на улиците во Белград. Бидејќи сè тргна наопаку, рече таа. „Сѐ. Правосудството. Сочувството. Сѐ. Мораме конечно да направиме нешто“.

Чувството дека нешто мора да се направи е формулирано во неколку барања. Покрај смената на министрите и првиот човек на БИА, имаше и барања за смени во јавниот сервис, во РЕМ, повлекување на националните фреквенции на телевизиите Хепи и Пинк и забрана на реалните шоуа. Сите барања се игнорирани.

Родителите на Ана Божовиќ, една од жртвите од „Рибникар“, споделуваат впечаток дека работите се турнати под тепих. Како што изјавија за неделникот „Време“ во декември, гледаат поголема одговорност кај властите, но и обвинуваат дека опозицијата се обидува да ги „вовлече“ во политичката приказна.

„Мојот главен впечаток е дека на 3 мај сите само извикуваа ‘не, јас не сум виновен'. Сите решија дека е подобро да се држат настрана, бидејќи ако ни пријдат нешто ќе се потврди - не знам ни што. Како сите да бегаа од нас. Се најдовме во ситуација да изгубиме дете. Дете. На училиште. И тогаш сите се однесуваат со нас како да сме некои, не знам, некои 'шугави', никој не сака да ви пријде“, изјави тогаш Нинела Радичевиќ, мајката на Ана.

Испробана тактика

Иако никој не кажа директно, власта се чувствуваше нападната и за самите трагедии, како таа да го повлекла чкрапалото. Во согласност со тоа, Вучиќ свика состанок на СНС во Белград на крајот на мај.

Врнеше и луѓето донесени со автобуси брзо се разбегаа. Критичарите на власта го оценија тоа како апсурдно - контра митинг на протестите против насилството.

„Се подразбира дека владата не беше директно виновна за тоа што се случи“, вели Тамара Џамоња Игњатовиќ за ДВ. „Но, владата е составена од институции, а состојбата во институциите е последица на таа влада. Да речеме, ако немате добро организирано Министерство за образование, се разбира дека не реагира како што треба".

„Втората порака на властите е пак дека знаат сѐ, дека Вучиќ умее сѐ и сѐ зависи од него, дека има способност да ги носи најтешките одлуки во најтешките моменти. Контрола, моќта и бегање од одговорност не одат заедно. Ако сакате апсолутна власт, тогаш сте одговорни за сѐ“, заклучува нашата соговорничка, една од потписниците на ПроГлас пред декемвриските избори.

Акција на полицијата во Дубона по масовното убиство, СрбијаФотографија: Antonio Bronic/REUTERS

После тоа, власта се врати на испробаната тактика - остави протестите да згаснат. Уште еднаш се докажа дека никакви прошетки не траат вечно.

Запрашан дали има нешто позитивно во настаните по двете масовни злосторства, Дејан Илиќ без двоумење вели дека тоа е реакцијата на луѓето. Излегувањето на улица, формулирање барања, политичко единство на опозицијата (кое траеше до пред некој ден).

„Беше покажано сочувство, подготвеност да се направи нешто. Тоа беа добри знаци“, вели Илиќ.

Тој посебно ги обвинува властите што родителите на децата од „Рибникар“ до ден денес останале поделени околу тоа дали да одат или не во тоа училиште и во таа зграда или како и каде да се изгради меморијален центар.

И што сега

Една година подоцна, малолетниот убиец К.К е во детска психијатриска клиника, а се подготвува закон со кој евентуално никогаш нема да излезе од таму.

Неговите родители се на суд, неговиот татко се соочува со дванаесет, а неговата мајка две години затвор.

За дваесетина дена ќе започне судењето на Урош Б., кој убиваше во селата кај Младеновац. Како на помлад полнолетник, му се заканува максимална затворска казна од дваесет години. Истата се бара и за неговиот татко затоа што имал пиштол во куќата.

Песимистите веруваат дека затворските казни ќе бидат единствената последица на 3 и 4 мај 2023 година. И дека општество ништо не научи.

Кои беа воопшто шансите? Дејан Илиќ заклучува: „Имавме ли луѓе кои би можеле да се справат со таа ситуација? Да. Да беше до тие луѓе, шансите ќе беа солидни. Но, под овој режим, беа никакви".

Има, додава тој, психолошко објаснување зошто општествата се враќаат во рутина и зошто е така полесно. „Но, нашата рутина е очајна. Требаше да излеземе од неа".

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми