1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Знаат што не сакаат, не знаат што сакаат

31 март 2025

Во СДСМ ем повикуваа за доверба во институциите, ем не им веруваат. Пак во игра е вониституционалниот формат - лидерска средба.

Дискусии околу политичката одговорност за трагедијата во Кочани
Дискусии околу политичката одговорност за трагедијата во КочаниФотографија: Arbnora Memeti/DW

Оставка и одговорност од раководство на МВР, формирање Анкетна и Надзорна комисија кои ќе ги утврдат фактите и политичката одговорност за трагедијата во Кочани, па се до најавен повик од претседателот на СДСМ за одржување лидерска средба на која тој би презентирал план за се она што суштински треба да се направи за државата.

Сите овие барања кои СДСМ ги соопшти во текот на минатата недела, предизвикаа конфузија во јавноста, бидејќи се контрадикторни.

Претходно лидерот на СДСМ повикуваше дека трагедијата во Кочани не смее да нè подели, туку да нè обедини.

„Сега не е време за поделби. Треба да покажеме верба во принципите, во правдата и во институциите. Секој што носи одговорност мора да се соочи со последиците, а секој чин на морална одговорност е добредојден“, рече Венко Филипче еден ден по трагедијата.

Две седмици подоцна, претседателот на СДСМ, кој повикуваше да се покаже верба во институциите, најави дека во текот на оваа седмица ќе повика да се свика лидерска средба. Тој оцени дека „конвенционалните начини на водење политика очигледно не даваат доволно брзо резултати“.

Претседателот на СДСМ предложи одржување лидерска средба на која тој би презентирал план за се она што суштински треба да се направи за државата по трагедијата во КочаниФотографија: Petr Stojanovski/DW

Граѓаните со години го критикуваат одржувањето лидерски средби - кои се вонинституционален формат за решавање на проблемите. Јавноста ги доживува како јалови средби на партиски поглавици, кои ја узурираат дебата што треба да се води во Собранието, а не во мал круг на партиски лидери.

Во однос на споменатиот план на Филипче, премиерот Мицкоски вчера рече дека е подготвен да биде запознаен со него. 

„Тој може да го соопшти тој план и преку прес-конференција, но доколку цени дека мене треба претходно да ме информира и запознае, јас сум секогаш тука на располагање. Сериозните теми бараат сериозен пристап. Еве оставам на нив, доколку тие ценат дека навистина имаат таков план со кој сакаат да ме запознаат, јас сум подготвен во термин којшто тие мислат или тој мисли дека треба да бидам запознаен - да го примам и да поразговараме на оваа тема“, изјави Мицкоски.

Формирај комисија за да не се заврши работата

Пред 5 дена, Централниот одбор на СДСМ донесе заклучок дека досегашниот тек на истрагата покажал дека таа се води селективно и е насочена само кон минатото.

„Во оваа насока СДСМ ќе ги искористи сите институционални и демократски механизми, вклучително и во македонското Собрание, преку Анкетна комисија во соодветен момент, за утврдување на фактите, но и политичката одговорност за трагедијата којашто се случи во Кочани“, соопшти партијата.

Потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова, ја објасни тпотребата одговарајќи и на новинарско прашање.

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека е подготвен да биде запознаен со планот споменат од опозицискиот лидер Венко ФилипчеФотографија: Government of North Macedonia

„Од особен интерес на сите граѓани е истрагите што се спроведуваат да покажат веродостојни резултати за тоа што точно се случувало и да се лоцираат одговорните, онака како што и самата јавност и правните експерти кои ги слушаме деновиве укажуваат дека треба да се случува, а впрочем не се случува. И оттаму е предлогот и за формирање Анкетна комисија, и Надзорна комисија, за да може практично да се утврдат фактите за трагедијата, тие да и бидат предочени на јавноста, и конечно да има соочување со одговорноста за оние, за кошто е јасно, за кои и правните експерти велат дека се директно одговорни за истото“, рече Костова. 

Околу барањето за Анкетна комисија за трагедијата во Кочани, премиерот Мицкоски изјави дека дека тоа е прифатливо, но само ако бидат опфатени и случаите од минатото, како пожарот во Модуларната болница во Тетово, несреќата кај Ласакрци и други.

СДСМ бара оставки од врвот на МВР

Но и без Анкетна комисија, потеретседателот на СДСМ, Методија Илиевски, вината ја лоцираше во врвот на МВР и БЈБ.

„Нешто не е во ред со безбедноста во државата, а за тоа се молчи. Мора да има одговорност согласно законите, но и морална одговорност. После катастрофалната трагедија во Кочани, продолжија серија на безбедносни инциденти. И тоа - пукања со огнено оружје, убиства, сообраќајќи, прегазени луѓе на улиците, се нашето секојдневие. Затоа СДСМ бара оставки и одговорност од раководството на МВР на чело во Панче Тошковски“, рече Илиевски.

СДСМ бара оставка од министерот за внатрешни работи Панче ТошковскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Додека СДСМ критикува на прес-конференции, од ВМРО-ДПМНЕ информираа дека во изминатите денови биле поднесени 22 закони, меѓу кои и Законот за одржување на јавен ред и мир. Овој предлог закон го стеснува обрачот околу оние кои создаваат ризици преку злоупотреба и незаконско користење на пиротехнички средства, особено во затворен простор. Се заострува регулацијата за приредување огномет, и слични приредби на кои се користат експлозивни материи, а се заоструваат и казните за правни и физички лица кои ќе ги прекршат одредбите од овој закон. Дел од предложените казни се двојно повисоки, а за некои законот предвидува и притвор. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми