1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Бербок нема да биде кандидатка за канцелар?

Немања Рујевиќ
13 јули 2024

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок јавно се откажа од можноста повторно да се кандидира за канцелар. Тоа значи дека Зелените најверојатно ќе ги предводи министерот Хабек.

Аналена Бербок
Аналена Бербок нема повторно да се кандидира за канцеларФотографија: dts-Agentur/picture alliance

Шефицата на дипломатијата Аналена Бербок нема повторно да биде кандидатка на германските Зелени за канцелар. Таа го потврди ова во разговор за Си-Ен-Ен, велејќи дека сака целосно да се посвети на своите должности во светот на дипломатијата додека се разгоруваат меѓународните кризи.

„Светот очигледно е поинаков од пред последните избори“, вели Бербок (43). Таа додаде дека е потребна поголема дипломатија во светлината на руската агресија врз Украина и драматичната ситуација на Блискиот исток . Во спротивно, вели таа, други би можеле да го пополнат тој вакуум.

Како што наведе, ова се „екстремни времиња“и наместо да се „врзе со канцеларската кандидатура“, таа сака целосно да се посвети на задачите на светската дипломатија. Но, додаде Бербок, „ќе направи се за да ја поддржи партијата“ во следната кампања. 

Лоши времиња за Зелените 

Светот е различен, но и светот на германските Зелени. Денеска можат да сметаат на 13 отсто од гласовите - зад Социјалдемократите (СПД), Алтернативата за Германија (АфД) и убедливо најсилната сила, опозициските демохристијани (ЦДУ/ЦСУ).

Пред последните избори (2021 година), Зелените извесно време водеа во анкетите, што ја принуди партијата да избере жена кандидат за канцеларската позиција за првпат во својата историја. Претходно, Зелените секогаш настапуваа со водечки тандем - обично жена и маж.

Пред последните избори, партијата одлучи Бербок да биде прва на листата, пред денешниот министер за економија Роберт Хабек, иако тој помина подобро во анкетите на јавното мислење.

Многу набљудувачи потоа падот на Зелените, кои на крајот освоија 14,7 проценти од гласовите - го објаснуваа со лошата кампања на Аналена Бербок.

Денеска Зелените бележат пад на поддршката, исто како и другите две владејачки партии - социјалдемократите на канцеларот Олаф Солац и либералите (ФДП). Мандатот на таа комплицирана коалиција беше обележан со војната во Украина и придружната инфлација. 

Зелените би можеле да го истакнат Хабек како носител на листата во следната кампањаФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

„Семафор - коалицијата“ - така наречена поради партиските бои - е меѓу најмалку популарните откако се направени мерењата. Во последната анкета на Дојчландтренд, објавена од јавниот сервис АРД, само една петтина од граѓаните се изјасниле дека се задоволни од работата на владата. 

Време е за Хабек? 

Сè укажува дека во следната кампања Зелените би можеле да го истакнат Хабек како лидер на листата. Според информациите на агенцијата ДПА, Бербок испратила порака до пратениците на Зелените во која изјавила: „Роберт и јас заедно поминуваме низ сито и решето многу долго време и ќе продолжиме тесно да соработуваме во следните недели“.

Хабек се уште не зборува отворено за кандидатурата, но ја фали Бербок како шефица на дипломатијата: „Прво, сакам да кажам дека Аналена Бербок се погрижи Германија да биде фактор на стабилност во надворешната политика во последните години и дека така останува“, изјави Хабек.

За се друго, додаде, ќе одлучуваат партиските органи. И тоа може да биде пикантно, бидејќи пред две години Зелените одлучија, доколку има повеќе потенцијални кандидати во партијата, сопартијците да гласаат кој ќе биде кандидат за канцелар.

Сепак, како и другите партии, Зелените би сакале да избегнат јавен натпревар и да испратат порака за единство. Се чини дека и овојпат двајцата најистакнати членови на партијата – Бербок и Хабек се договорија. Минатиот пат Хабек без прашање ја прифати кандидатурата на Бербок и и даде поддршка.

Лидерите на партијата Зелени, Омид Нурипур и Рикарда Ланг, веднаш јавно го пофалија Бербок дека е „тимски играч“. 

Лево-зелениот берлински весник „ Тагескејтунг“ коментира дека одлуката на Бербок е „елегантна и навремена“, иако е соопштена на „типично патетичен“ начин и оправдана со кризи во светот, поради кои нема време за сплетки дома.   

Шефовите на партијата на Зелените, Омид Нурипур и Рикарда Ланг веднаш јавно ја пофалија Бербок, велејќи дека таа е „тимски играч“Фотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Кој ќе се кандидира за функцијата? 

Опозициските Демохристијани не ја пропуштија можноста да ги провоцираат Зелените. Така, шефот на нивната пратеничка група Торстен Фрај изјави дека Зелените имаат „поитни проблеми“ отколку да размислуваат за кандидат за канцелар.

„Се надевам дека министерката ќе сфати дека нејзината партија повеќе не може да води политика против мнозинството граѓани“, рече Фрај. Демохристијаните особено ја критикуваат таканаречената „зелена агенда“.

Засега се чини дека следниот канцелар (редовните избори се во втората половина на 2025 година) ќе биде оној што го предлагаат Демохристијаните.

Првиот човек на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) Фридрих Мерц е прв во редот, а срамежливо се споменуваат и премиерот на Северна Рајна Вестфалија, Хендрик Вист и баварскиот премиер и лидер на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) Маркус Зедер.

И покрај падот на популарноста и само 14 отсто поддршка во анкетите, социјалдемократите се чини дека не размислуваат за друг кандидат место актуелниот канцелар Олаф Шолц.

Тој беше поддржан од партиските лидери, како и од министерот за одбрана Борис Писториус, кој е убедливо најпопуларниот политичар на социјалдемократите, па можеби ќе биде пологично решение за следниот кандидат.

Кандидати ќе имаат и други партии, но нивните шанси се мали, со оглед на малата поддршка или коалициската математика.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми