1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто армијата изврши пуч во Габон?

БГ /АФП
30 август 2023

Воени офицери извршија пуч во западно-африканската држава Габон и тврдат дека го урнале од власт авторитарниот претседател Али Бонго. Ова се клучните факти за африканската држава богата со нафта.

Габон Порт Жентил
Славје во Габон откако армијата го урна од власт претседателот Али БонгоФотографија: Gaetan M-Antchouwet via REUTERS

Габон станува независен од Франција на 17 август 1960 година, а Леон М'Ба е избран за претседател следниот февруари. Три години подоцна тој е соборен со државен удар, пред да биде вратен на функцијата по воената интервенција од Франција.

М'Ба умира во 1967 година и го наследува неговиот заменик Алберт-Бернард Бонго.

Бонго создава еднопартиска држава, владеејќи со железна тупаница и профитира од експлоатацијата на нафтата.

Во 1973 година претседателот преминува во ислам, менувајќи го своето име во Омар Бонго.

Како единствен кандидат, тој е избран за претседател во 1973, 1979 и 1986 година.

По социјалните немири и бунтови во 1990 година, воведен е повеќепартиски систем, но Бонго сепак победува на изборите во 1993, 1998 и 2005 година. 

По Бонго... Бонго 

Бонго умира во јуни 2009 година и, по контроверзните избори во август, еден од неговите синови, Али Бонго, положува заклетва во октомври како нов претседател.

И покрај жалбите, уставниот суд ги одобрува изборните резултати, но избувнува смртоносно пост-изборно насилство. Опозицијата остро го критикува „авторитаризмот“ на Бонго.

Во 2010 година француските обвинители отвораат истрага за имот во Франција во сопственост на Бонго и други африкански шефови на држави. 

Претседателот на Габон, Али Бонго гласа на изборите во август 2023 годинаФотографија: Gerauds Wilfried Obangome/REUTERS

Насилство повторно изби во 2014 година меѓу поддржувачите на опозицијата и безбедносните сили за време на забранетите демонстрации на кои се бараше оставка од Бонго.

Изборите во 2016 година минуваат во тензична домашна состојба.

Владата е соочена со повеќе кризи, штрајкови, буџетски проблеми и пад на цените на нафтата.

Главен ривал на Бонго е опозицискиот лидер Жан Пинг, долгогодишен дипломат кој претседавал со Комисијата на Африканската унија и бил на високи функции во Обединетите нации. 

Откако изборната комисија го прогласува Бонго за победник, избувнуваат масовни насилни протести. 

Во октомври 2018, за време на посета на Саудиска Арабија, Бонго доживува мозочен удар. Префрлен е на лекување во Мароко кое трае неколку месеци. 

Обвиненија во Франција 

На 7 јануари 2019, група војници вршат неуспешен пуч во обид да го искористат отсуството на Бонго. 

Инфографика: Поранешни француски колонии во Африка и годината кога стекнале независност

Од март до јули 2022, француските обвинители поднесуваат обвиненија против девет деца на Омар Бонго за корупција и злоупотреба на јавни фондови поради имоти купени во Франција. Според нив, семејството Бонго во Франција има имоти во вредност од околу 85 милиони евра. 

Во април 2023, габонскиот парламент гласа за измена на уставот со која се намалува мандатот на претседателот од 7 на 5 години.

Опозицијата ги критикува измените, особено укинувањето на вториот круг гласање, како обид да се забрза реизборот на Бонго. 

Во средата на 30 август, воени офицери соопштија дека ја урнале владата со пуч, откако беше соопштено дека претседателот Али Бонг победил на изборите со 64,27 отсто од гласовите. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми