1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ОпштествоГлобално

Зошто би биле сами?

10 август 2023

Прашањето кое бара одговор не е дали сме сами (секако не сме), туку зошто сме избегнувани и зошто науката сѐ уште се однесува кон вонземјанството како кон чума? Пишува Арсим Зеколи

Знак за паркирање летечки чинии во Невада, САДФотографија: Holger Weitzel/imageBROKER/picture alliance

Имаат ли умствени способности бактериите кои живеат во нашите тела? Дали поседуваат способност за расудување и знаење за обемноста на нашиот организам во кој опстојуваат, за неговата големина и граници? Која можеби им личи на бескрајност. Дали бактериите знаат за милијарди слични организми и илјадници други животни форми?

Прашањава, дадени во споредбена форма, ги прочитав некаде по повод најбитната споредна дебата одржана во американскиот Конгрес, за истражувањата, постоењето, контактите со вонземните цивилизации. По првпат, темата за вонземјаните беше уважена и дебатирана на високо, официјално ниво од страна на најмоќната парламентарна институција во светот, Конгресот на САД. Ставајќи крај на децениските обиди за игнорирање, отфрлање, потсмевнување на НЛО-гијата. Судејќи според прашањата на конгресмените и учесниците, се чини дека темата НЛО (или пак Необјаснети Просторни Феномени – НПФ, како што однеодамна се има преименувано) веќе не е редуцирана во графата на научна фантастика, евтина белетристика и снимки од лудата страна на Јутјуб и интернет.

Дебатата, главно, не понуди јасни, прецизни, конкретни и финални одговори на тоа дали постојат вонземјани. Научниците, војниците, експертите тврдат дека повеќето од „НЛО инцидентите” можат да бидат објаснети и разјаснети како природни или технолошки земски појави и феномени. А сепак, мал, но доволен процент од истите остануваат како загатка и мистерија која дозволува доволно легитимен простор и причина за да се запрашаме – дали сме сами во вселената?

Арсим ЗеколиФотографија: DW/K. Blazevska

Вроден страв од непознатото

Дел сум од оние кои и покрај изгледани десетици документарци, филмови или книги на Артур Кларк за вонземјаните, не најде цврсти аргументи во прилог на постоењето на вонземска цивилизација. Сѐ додека не се соочив со реченицата на Карл Саган во неговиот филмуван роман „Контакт” за космост како голем простор за кој би било штета да зјае празен. Досега имав само една можност низ некој релативно обичен телескоп да се загледам кон Месечината и темнината на вселената. Љубопитноста за зјапање во бескрајот полека се надградуваше со некаков неспокој, немир, на раб на страв од темницата која нѐ обвива како планета. Дали нашето одбивање да се верува во вонземство е всушност хумористично, скептично, цинично прикривање на човечкиот вроден страв од непознатотот? Бидејќи по секоја друга основа, по секоја логика, наука, природа, аргументите повеќе одат во прилог на верувањето отколку догмата на нашиот нарцисистички ексклузивитет. Впрочем, дури и светите книги ни се обраќаат во плурал и сведочат за „други светови”. Зошто тогаш и ден-денешен е полесно да се верува во некој рај на небесата отколку во постоење на други цивилизации, светови, суштества слични или сосема различни од нас?

Досега, науката има истражено или откриено околу 4 проценти од севкупната очевидна вселена. Велат, очевидна, бидејќи никој – ни праксата ни теоријата – нема сознание за големината и границите на космосот. Тврдењето за нашата ексклузивна егзистенција како исклучиви биолошки творби е затоа не само апсурдна, туку и ненаучна и спротивна на елементарната логика. Дури и полициски претрес треба да ги помине сите простории во станот пред да се оцени дека е напуштен и без живи суштества во него. Затоа, прашањата кои бараат одговори не се дали сме сами (секако не сме), туку зошто сме избегнувани и зошто науката сѐ уште се однесува кон вонземјанството како кон чума која треба да се избегнува по секоја цена.

Колку е важно да знаеме дека не сме сами?

Доколку не знае Нил Де Грас Тајсон, немам намера ни јас да мудрувам за причините зошто вонземјаните нѐ избегнуваат. Но затоа, причините за смислената комедизација и сатиризација на науката за ЕТ е без сомнеж чисто политичка операција. Компромитацијата на оние неколку научници кои се осмелиле да го третираат сериозно вонземјанството, како и исмевањето на сепак не мал број ликови кои биле сведоци на чудни појави е политички логичен чин на менаџирање со непознатото, со кое не знаете како да се справите, а уште помалку како да ја оцените нивната – мирољубива или насилна – мисија или мотив. А сепак, речиси религиозната предаденост на оние кои веруваат во марсовци и подемот на сведоштва од ликови за кои сепак не може да се каже дека се психотични или шарлатани, налага да се подотворат вратите за колку-толку сериозно третирање. Особено во областа на безбедноста. Поради што и дебатата во Конгресот се одвиваше во рамките на Комитетот за разузнавање, антитероризам и контраразузнавање.

САД кријат докази за НЛО, тврдат американски воени ветерани

00:36

This browser does not support the video element.

Колава би била важноста на спознавањето дека не сме сами, дека има други видови суштества, цивилизации сместени некаде далеку во темниот космос? Споредбено, таквиот чин би бил нова временско-хронолошка одредница која би ги надминала сегашните Пред-Наша или Нова Ера или пак Пред Христа / Мухамеда и после Христа / Мухамеда. Но најбитното е секако во однос на спознавањето на широчината на просторот во кој левитираме, технолошкиот аспект и релативизацијата на границите сред кои комфорно егзистираме во астрономијата, комуникацијата, иднината и минатото.

Јохан Фредрих Мишер, швајцарски био-хемичар, во 1869 година дојде до тогаш мало, но за иднината и минатото колосално открите, она за молекулата ДНК, која се наоѓа во секоја ќелија на нашиот организам. Требаше да поминат 80 години за науката да биде спремна да ги искористи сите потенцијали на ДНК во медицината и биологијата, во земјоделството и криминалистиката, иднината и археологијата. Едно мало откритие како ДНК овозможи усовршување на човечката иднина. Но не помалку помогна и да ја разбереме историјата, нашето минато, генеза, потекло, движење низ времето и просторот. А притоа, тоа за човештвото колосално откритие по сѐ судејќи би било сведено на минорен детаљ во споредба со познавањата кои би се стекнале доколку вонземјаните решат да се претстават пред нас како нови соседи среде галаксиите.

Вонземјаните можеби не сакаат дружба со нас

Нашето параноично разбирање на светот, нашата престрашеност од мракот, нашата опсесија за безбедност парирана единствено од љубопитноста за забава и глад за богатење диктираат во „првиот контакт“ да препознаеме закана или сила, можност за зајакнување или шанса за богатење. Вонземните технологии секако би ги фрлиле во сенка нашите ајфони и авиони и современости, но не со помалку влијаните на нашите врежани разбирања за нас и нашето минато.

Можеби таквиот контакт ќе отвори прозорец за побрзо патување низ вселената, низ галаксиите, премини низ црни дупки, кон сингуларитетот, други паралелни димензии. Но можеби фактот што појавата на НЛО се бележи со стотици или илјадници години низ минатото, би ни овозможило – или полошо – би нѐ соочило со радикално поинакво и не секогаш и не сосема пријатно читање за цивилизациските етапи на човештвото, на историјата, на религијата, на самото наше постоење. А судејќи според состојбата низ која минуваме како човештво, прашање е дали сме интелектуално и разумно спремни за такви радикални ревизионизми на нашата комфорна затапеност.

Затоа, одговорот на прашањето од насловот е определен од личните префернции кон скепсата или логиката. Аргументот во прилог на постоењето на вонземјаните не може да се базираат врз „сци-фи“ филмови, Спилбергови контакти од трет вид или конспиративни Јутјуб глупости. Сето тоа, колку и да е убаво спакувано, сепак не е ништо повеќе од продукт на човечкиот, земски ум или фантазија, не на науката или сведоштва „од прва рака”. Клучниот аргумент за верување е во здравата логика и заборавената човечка скромност која ја одбива нарцистичната идеја за хомо сапиенс како врвна и уникатна природна, религиска или вонземна креација. Ние, човештвото, сме сепак само троа мислечки поспособни бактерии, бацили, вируси кои левитираат во огромното тело на космосот, за кој не ни знаеме каде му се границите и дали постојат други тела како димензии во кои можеме да опстојуваме. Но за првпат, човештвото создадено врз пионерство, откривање и култивирање е принудено да опстои во состојба на исчекување да биде откриено од други. Кои можеби и не се заинтересирани за дружење со нас.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми