1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто БРИКС не може да му помогне на Иран

Мурали Кришнан
4 април 2026

Иран го повикува БРИКС да интервенира во конфликтот со САД и Израел. Индија, како претседавачка, балансира меѓу геополитичките интереси, додека блокот се соочува со длабоки внатрешни поделби.

Семејна фотографија на лидерите на земјите од БРИКС. Рио де Жанеиро, јули 2025
Семејна фотографија на лидерите на земјите од БРИКС. Рио де Жанеиро, јули 2025Фотографија: Mika Otsuki/The Yomiuri Shimbun/AP Photo/picture alliance

Техеран го повика блокот БРИКС — група од 11 економии во подем, со кој годинава претседава Индија — да се вклучи во конфликтот меѓу САД, Израел и Иран.

Иран, кој стана членка на БРИКС во 2024 година, бара силен заеднички став со кој би се осудила, како што наведува, „воената агресија“, и бара блокот да преземе поголема улога во зачувувањето на регионалната стабилност.

Индија, сепак, досега избегнува да заземе страна, повикувајќи на воздржаност, деескалација и враќање на дијалог, што аналитичарите го толкуваат како внимателно стратешко позиционирање, а не како солидарност со Иран.

Портпаролот на индиското Министерство за надворешни работи, Рандхир Џајсвал, изјави дека „некои членки на БРИКС се директно вклучени во тековната ситуација во Западна Азија, што го отежнува постигнувањето консензус за заеднички став“. Тој додаде дека Индија, како претседавачка, посредува меѓу членките преку т.н. „шерпа“ канал — главниот механизам за координација во рамките на блокот.

Што може да направи БРИКС?

Стручњаците оценуваат дека просторот за дејствување на БРИКС е ограничен, и покрај надежите на Иран. Проширувањето на групата ги продлабочи внатрешните поделби, особено затоа што заливските држави — како ОАЕ и Саудиска Арабија — со доза на претпазливост гледаат кон Иран, додека други земји не сакаат да преземат став што би изгледал како спротивставување на САД.

Аналитичарката Шанти Меријет Д’Суза, претседавачка на независниот истражувачки форум „Мантраја“, смета дека БРИКС може да биде платформа за дијалог, но дека е нереално да се очекува заедничко соопштение — а уште помалку конкретна интервенција. Таа подвлекува дека е тешко да се постигне консензус кога Иран е директна страна во конфликтот, и покрај неговите тврдења дека реагира на „американско-израелска агресија“. 

Индија засега избегнува да заземе страна во Иранскиот конфликт. Премиерот Нарендра МодиФотографија: LUIS ROBAYO/AFP

Индија, како претседавачка, има клучна улога во обидот да се изгради заеднички став, но секој таков чекор би имал ограничено влијание врз целите на САД и Израел во Иран.

Поранешната индиска амбасадорка во САД, Меера Шанкар, додава дека е малку веројатно БРИКС да усвои усогласено соопштение, бидејќи не се работи за сојуз на истомисленици, туку за лабава група фокусирана на трговија, развој и економска соработка.

Балансот на Индија

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан разговарал со индискиот премиер Нарендра Моди, а министрите за надворешни работи на двете земји исто така биле во контакт околу активирањето на БРИКС. Но Индија остана воздржана дури и по убиството на шефот на државата на една членка на БРИКС — настан што многумина го оценуваат како кршење на меѓународните норми.

Војната, вклучувајќи ги и нарушувањата во стратешки важниот Ормуски теснец — преку кој поминува голем дел од индискиот увоз на енергенси — дополнително ја комплицира позицијата на Њу Делхи.

Блок поделен по интереси

Кризата ги разголе длабоките поделби во рамките на БРИКС, чиј членки се наоѓаат на спротивни страни од конфликтот.

Поранешниот индиски дипломат Ајај Бисарија истакнува дека ситуацијата ги разоткрива политичките контрадикции во проширениот блок, оценувајќи дека БРИКС функционира повеќе како „незападен економски клуб“ отколку како антизападен сојуз. Според него, неможноста да се донесе заеднички став ги потврдува геополитичките ограничувања на организацијата, која пред сè е насочена кон економија.

Сепак, постои можност Индија — како претседавачка — да преземе поактивна улога, на пример преку соопштение што ќе изрази загриженост и ќе повика на итна деескалација. Кризата може да отвори и простор за потенцијално индиско посредување, со поддршка од неутралните членки.

Аналитичарите потсетуваат дека ова не е првпат БРИКС да се соочи со вакви предизвици — војната во Украина веќе ги покажа ограничувањата на блокот во постигнување единствен став.

„Во денешниот свет, мултилатералните организации имаат сè помало влијание врз однесувањето на државите,“ заклучува Д’Суза.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми