1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЕвропа

Зошто ЕУ нема да ја суспендира помошта за Палестинците

Ела Џојнер
11 октомври 2023

Врвот на ЕУ содаде конфузија со објавата, а потоа со демантот за прекин на помошта за Палестинците. Кратењето на тиe средства би било неправедно и би ги поткопало стратешките интереси на ЕУ, предупредуваат аналитичари.

Додека летаат проектили, ЕУ испрати мешани пораки за судбината на помошта за Палестинците
Додека летаат проектили, ЕУ испрати мешани пораки за судбината на помошта за ПалестинцитеФотографија: MAHMUD HAMS/AFP

Потресени од шокот од бруталниот напад на милитантната група Хамас на израелска територија во текот на викендот, политика на Европската унија кон Палестинците брзо западна во конфузија по објавите на европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји.

Вархеји, кој е одговорен за надзор на односите со блиските држави, во понеделникот (9.10) се огласи на X (поранешен Твитер) за да објави дека 691 милион евра од развојната помош за Палестинците ќе бидат суспендирани.

„Размерите на теророт и бруталноста против Израел и неговиот народ се пресвртна точка“, напиша Вархеји. Официјално, бројот на загинати Израелци сега се искачи на 1.200, плус десетици заложници, киднапирани од Хамас. Според официјалните податоци од Појасот Газа, над 900 Палестинци се убиени по одмаздничките израелски воздушни напади.

Очигледната неискординирана објава на Вархеји за помошта предизвика протест од земјите членки на ЕУ- Ирска, Шпанија и Луксембург.Европската комисија брзо објави појаснувачки изјави кои во суштина претставуваа значаен демант.

Ниту една хуманитарна помош нема да биде суспендирана, напиша извршната власт на ЕУ во соопштението неколку часа подоцна, иако ќе има итна ревизија на помошта за развој за да се осигура дека „никакво финансирање од ЕУ индиректно не ѝ овозможува на која било терористичка организација да изврши напади против Израел“ - со други зборови, Хамас.

Израел се уште е во состојба на шок додека ги оплакува своите мртвиФотографија: Erik Marmor/dpa/picture alliance

Осуда на Хамас, но не и „колективна казна“

По вонредниот состанок на министрите за надворешни работи во вторникот, шефот за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел, рече дека ЕУ ќе продолжи да работи со својот партнер Палестинските автономни власти, кои владеат со делови на Западниот Брег окупиран од Израел. Огромно мнозинство од 27-те земји членки се согласија со овој став, рече тој.

Додека ЕУ категорично ги осуди терористичките напади извршени од Хамас, кој го контролира Појасот Газа, и изрази солидарност кон Израел, „не сите Палестинци се терористи, така што колективна казна против сите Палестинци ќе биде неправедна и непродуктивна“, им рече Борел на новинарите на прес-конференција во Оман.

Парите од Унијата не одат за, од страна на ЕУ прогласената, терористичка група Хамас, рече високиот дипломат на ЕУ, иако ревизијата сега ќе го провери ова уште еднаш. Во минатото, Израел ја обвинуваше ЕУ за ненамерно финансирање на групата, иако ЕУ секогаш тврдеше дека парите се многу строго контролирани.

Значи, што всушност прават парите на ЕУ во од Израел окупираните палестинските територии на Газа и на Западниот Брег?

Парите од ЕУ од суштинско значење за Палестинската управа

ЕУ е еден од главните развојни и хуманитарни донатори на палестинскиот народ. Минатата година, на пример, таа одвои околу 300 милиони евра за финансиска помош, со 200 милиони евра за поддршка на расходите на Палестинските автономни власти за социјални и медицински трошоци, плати и пензии и други проекти. Околу 100 милиони евра отидоа и за службата на ОН за палестински бегалци, УНРВА.

Дополнително, ЕУ канализира средства за палестинските групи за човекови права, при што овие пари се најжестоко оспорувани од најблиските поддржувачи на Израел во рамките на ЕУ.

Згора на сите овие пари од ЕУ доаѓаат и донациите од одделни членки на ЕУ.

Жозеп Борел вели дека би било „нефер“ и „непродуктивно“ да се запре помошта од ЕУ за ПалестинцитеФотографија: AFP

Основната логика на целата развојна помош на ЕУ е да се помогне во напорите за постигнување решение со две држави, поддржувајќи го основањето на „независна и суверена држава Палестина, која ќе живее рамо до рамо со Израел во мир и безбедност“, истакнуваат во претставништвото на ЕУ на Западниот Брег и во Појасот Газа.

Како што објаснува за ДВ, Хју Лавет од Европскиот совет за надворешни односи, Палестинската автономна администрација е многу зависна од овие средства.

„Палестинската управа е во длабока финансиска криза. Има голем дефицит, а да не ги спомнуваме нејзините безбројни други проблеми, недостатокот на легитимитет, недостатокот на углед“, вели тој, опишувајќи ја како авторитарна и нерепрезентативна. Избори на палестинските територии немало од 2006 година.

Запирањето на помошта од ЕУ би било опасно за сите

Како и да е, запирањето на развојната помош за палестинските автономни власти ќе биде голема грешка, според Лавет. Социјалната и особено економската помош „всушност многу придонесуваат за стабилизирање на Западниот Брег, и да се избегне експлозија на насилство што исто така би му наштетило на Израел“.

Конечно, прекинот на финансирањето од ЕУ натамошно ќе ги турне Палестинците потенцијално кон насилство. „Всушност, Хамас би бил многу среќен со таква одлука“, рече тој. Хамас и Палестинската управа се непријатели.

Голем број држави на ЕУ најавија индивидуални ревизии на финансиските средства што ги испраќаат на палестинските територии. Но, Лавет вели дека запирањето на помошта би било толку дестабилизирачко за Западниот Брег, што е бесмислено европските влади дури и да размислуваат за тоа. Згора на тоа, никогаш немало веродостојни докази дека парите од ЕУ се слевале кон Хамас, вели тој.

Како во Германија се реагира на теророт во Израел

01:38

This browser does not support the video element.

Што е следно?

Во вторникот, Борел беше малку построг кон Израел од другите високи претставници на ЕУ во претходните денови, додека сè уште изразуваше солидарност.

Израел имаше легитимно право да се брани, но „некои одлуки се спротивни на меѓународното право“, нагласи тој, мислејќи притоа на целосната блокада на влезот на храна, вода, лекови, гориво и електрична енергија во Појасот Газа. Палестинската агенција за бегалци УНРВА соопшти дека околу 175.500 внатрешно раселени луѓе во Газа, веќе се засолнети во училиштата од вторникот вечерта.

Лавет вели дека еден од приоритетите на ЕУ мора да биде обезбедување на хуманитарни коридори за Газа преку соседен Египет. Унијата, исто така, треба да работи на запирање на целосно проширување на конфликтот на Западниот Брег или на северната граница со Либан.

Иако се чинеше дека ЕУ во последниве години изгради поблиско сојузништво со Израел, таа би можела да го заостри својот тон како што конфликтот ескалира, истакнува  тој.

„Мислам дека во одреден момент, кога европските лидери и официјални претставници ќе го увидат обемот на уништувањето во Газа, што се случува секојпат - а овојпат е уште полошо - работите би можеле да се променат“, вели Лавет.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми