1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
РелигијаФранција

Зошто Франција забранува носење абаја во училиштата?

Штефани Хепнер
30 август 2023

По само еден месец на функцијата, францускиот министер за образование им забрани на муслиманките носење абаја во училиште. Се чини дека малку која друга земја ќе го следи овој пример.

Муслиманки Франција абаја
Муслимански жени во Франција со абајаФотографија: Vallauri Nicola/dpa/picture alliance

Франција оди чекор понатаму во забраната на религиозни делови облека и симболи и во иднина ќе забрани и носење на т.н. абаја во училиштата. Абаја е долга лесна наметка која некои муслимански жени ја носат над својата облека.

Уште при преземањето на должноста на крајот на јули, министерот за образование Габриел Атал изјави дека одењето на училиште во абаја е „религиозен гест“ и тој сака да преземе мерки против таа пракса. Претходно наставничките синдикати побараа јасна одлука, со оглед што сѐ повеќе ученички носат абаја на настава. Во текот на минатата година кај властите биле пријавени вкупно 4700 ученички. Најголемата муслиманска организација во Франција аргументираше дека не станува збор за религизона облека, протестираа и левичарски политичари, но залудно.

Франција лаицистичка држава

Франција се смета за лаицистичка држава, во која државата и религијата се стриктно одделени. Соодветниот закон е донесен уште во 1905 година и првично бил насочен кон потиснување на влијанието на католицизмот.

Денес поделбата најчесто се разбира во контекст на исламот, иако уделот на муслимани во вкупното население е доста мал – според проценките, околу 8 проценти. За мнозинството Французи меѓутоа, како што покажуваат анкетите, лаицизмот е еден од темелните вредности на Републиката, само малцинство себеси се сметаат за верници.

Што е дозволено, а што е забрането?

Уште во 1994 година во Франција стапи на сила закон кој забранува впечатливо религиозни симболи во училиштата, во 2004 година следеше целосна забрана за носење шамија во училиштата. Забранета е и кипа, покривка на главата на еврејските мажи, како и големи христијански крстови поставени во училниците.

Од 2010 година не е дозволено целосно покривање, на пример во форма на бурка и надвор од училиште. Од 2018 година и пратениците се обврзаа на воздржување од симболи кои би можеле да асоцираат на верска припадност. Со исклучок на Елзас, забранети се шамии во јавни згради, не постои јавна религиска настава, јавни христијански божиќни јасли и не се слави втор ден Божик. И на приватните претпријатија им е дозволено да забранат носење шамија во своите простории.

Белгија се придружи...

И во Белгија, земја која исто така има долга колонијална историја и пет проценти од населението се муслимани, одамна е разгорена дебата околу носењето религиозни симболи. Од 2011 година е забрането целосно покривање во јавност. Белгија по Франција беше втора европска држава која воведе забрана на бурка. Оној кој не се придржува на прописот, може дури да заврши и во затвор на неколку дена. Но, општа забрана за носење шамија не постои.

Белгија е втора европска земја во која е забранета бурка на јавни места, понекаде се забранети и други верски симболиФотографија: Dursun Aydemir/Anadolu Agency/picture alliance

Германскиот комплициран однос кон религијата

Германија е многу далеку од францускиот лаицизам: Уставот не предвидува стриктна поделба. Државата мора да биде неутрална и да ги толерира сите светогледи и религии. Државата и христијанските цркви меѓутоа се тесно меѓусебно испреплетени и соработуваат на многу места, на пример при собирањето црковен данок, при верската настава во јавни училишта или при зачувувањето на христијанските празници.

Во Германија е дозволено носење шамија во училиштеФотографија: picture-alliance/dpa

Во односот кон исламот работите изгледаат на пример поинаку. Дебатата околу носењето шамија се води со децении, поттикната од тужбата на германско-авганистанската наставничка Ферешта Лудин, на која поради нејзината шамија не ѝ беше дозволено да држи настава.

Нејзината тужба своевремено беше несупешна, но сепак ситуацијата на муслиманките со шамија оттогаш се промени. Постепено се променија прописите во сојузните покраини,летово Берлин беше  последната покраина која издаде дозвола за работа на наставнички со шамија. Но, во одделни покраини носењето шамија во судска сала е сѐ уште забрането, иако на многу места таму висат крстови. 

И инаку постои неуедначена слика: во Северна Рајна Вестфалија со години се врши исламска верска настава, исламската теологија ја има како предмет на универзитет. Истовремено, многу муслимански заедници немаат официјален статус на регистрирани организации, а во Бундесверот уште се водат дебати околу муслимански духовници.

Каде уште има забрана за целосно покривање?

И во други земјине е дозволено целосно покривање на женското тело со бурка, вклучувајќи го и лицето, не само на настава, туку дури и во јавноста, како на пример во Холандија, Норвешка, Австрија или Данска.

Наспроти тоа, сепак има многу земји во кои не постојат вакви правила. Заклучно со 2019 година, според научната служба на Бундестагот, во 19 европски земји нема никаква законска забраназа носење шамија за ученички или забрана за целосно покривање на телото во јавни простории.Тука се вбројуваат на пример Естонија, Финска, Грција, Велика Британија и Шведска.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми