1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Германија е рај за стопански криминал?

Бенџамин Најт
16 февруари 2026

Стопански криминал? Во „уредена“ Германија? Само странците можат да бидат изненадени: над милион случаи на проневера лежат во фиоките на обвинителите, а тоа се само оние што се откриени. Бидејќи недостасуваат службеници.

Неколку купови со папки со досиеја лежат на маса
Германскиот правосуден систем е недоволно екипиран и оптоварен со сложени структуриФотографија: Patrick Pleul/dpa/picture alliance

На Германија ѝ недостасуваат илјадници јавни обвинители за ефикасна борба против финансискиот криминал, предупреди Германското здружение на судии (ДРБ). Тие велат дека криминалците во светот на парите и економијата, како и вистинските мафијашки организации, имаат премногу лесна работа во Германија, бидејќи нема доволно јавни обвинители и судии кои воопшто би можеле да ги обработуваат сите случаи.

„Милијарди евра се лизгаат низ прстите на германските покраини бидејќи се премногу фокусирани на трошоците за персонал во истражните органи“, изјави директорот на ДРБ, Свен Ребен, за весникот Функе на крајот на декември. „Секое дополнително евро инвестирано во вработување повеќе истражители за поефикасна борба против финансискиот и економскиот криминал на крајот би донело повеќе евра во државната каса.“

Ребен проценува дека на Германија ѝ недостасуваат околу 2.000 јавни обвинители и предупредува дека околу милион отворени случаи сè уште не се истражени. Многу такви нелегални дејствија, покрај тоа, имаат релативно краток рок на застарување, што не им го отежнува животот на криминалците, дури и ако се најдат со прстите во - најчесто државната каса.

Треба да се знае со вакви криминалци

Тезата дека Германија е „рај за финансиски криминал“ веќе е слушната повеќепати, и мора да се каже дека на надлежните служби им биле потребни години воопшто да го разберат обемот на финансиското работење на организираните криминални групи. Случаи како Вајаркард и КумЕкс ја чинеа земјата милијарди евра. Вајаркард беше германски финансиски технолошки гигант кој доживеа колапс кога беше откриено дека го фалсификувал билансот. Износот на измамата - 1,9 милијарди евра!

А помеѓу 2006 и 2011 година, мрежа од банки, адвокати и берзански трговци смислиле трикови за да се добие поврат на данок кој никогаш не е платен. Се проценува дека вкупната штета била 12 милијарди евра.  

Нема доволно луѓе во институциите кои знаат како да се справат со економскиот криминалФотографија: stockfotos-mg/Zoonar/picture alliance

Јакоб Венде, адвокат специјализиран за финансиско право и директор на фирмата Регпит, која се занимава со заштита од финансиски криминал, смета дека проблемот не е само недостатокот на јавни обвинители, туку и недостатокот на обука на сите нивоа. Не е невообичаено ваквите грабежи да бидат организирани од вистинска армија правни и даночни експерти, со кои државните власти ретко се во чекор. „Секако сме далеку под сопствените можности“, вели Венде за ДВ. „Потребни ни се повеќе луѓе, но и луѓе кои се подобро обучени во сите области - меѓу јавните обвинители, во судовите и во надзорните органи.“ 

Ова е особено проблематично бидејќи овие форми на криминал се, како што вели Венде, „подвижна цел“. „Не постои еден единствен метод кој го користат организираните криминалци. Тие постојано се прилагодуваат, секогаш бараат дупки во системот и секогаш ќе настојуваат да ги искористат.“

Левата рака не знае што прави десната

Дополнителен проблем е фрагментацијата на институциите во Германија. Постои голем и непрегледен број судски и истражни тела во 16-те покраини, и секое од нив често се занимава со различни видови финансиски криминал во различни области.

Килијан Вегнер, професор по одржливо деловно право на Универзитетот во Хале, вели дека низ целата земја има повеќе од 300 надзорни тела во области како што се коцкањето или тргувањето со скапоцени метали, од кои многу бараат експерти. „Многу е тешко воопшто да се утврди дали во некое од тие тела има информации кои би можеле да бидат релевантни за истрага за перење пари во друга област“, вели Вегнер за ДВ. „Секој го прави својот дел одделно, што доведува до огромна загуба на информации.“

Една од луѓето кои добро ги познаваат овие проблеми од прва рака е Ане Броерхилкер. Две децении таа беше виш јавен обвинител во Келн, а низ цела Германија стана позната по истрагата за измамничката шема КумЕх, во која банките и берзанските брокери извлекуваа милијарди евра од државните каси низ цела Европа во „игра“ на привидна промена на сопственоста кога треба да се платат даноци за дивиденда. Само Германија, според проценките, загуби околу 30 милијарди евра.

Се вртат документи, но криминалот не се истражува

Главниот проблем, според Брорхилкер, не е во бројот на јавни обвинители, туку бирократскиот мамут во кој се претворија овие институции. Можеби има доволно луѓе на хартија, но има многу помалку од оние кои всушност се вклучени во кривично гонење. „Имаме многу луѓе во управата и во администрацијата, но малкумина кои навистина ја работат работата“, изјави таа за ДВ. „Вистина е дека немаме доволно јавни обвинители за да спроведуваат истраги и да ги поднесуваат случаите на суд, но прво би можеле да го распределиме персоналот поинаку.“ 

Поранешната виша државна обвинителка Ане Брорхилкер (десно) сега е една од раководителите на невладината организација Финанцвенде, која се стреми да го промени начинот на кој државата се бори против финансискиот криминал и да се спротивстави на моќта на финансиските лобисти.Фотографија: Marius Becker/dpa/picture alliance

Таа, исто така, верува дека структурата на правосудниот систем ги охрабрува јавните обвинители да се занимаваат со полесни случаи со големи шанси за успех. Секако, поедноставно и побрзо е да се заврши постапката во банален случај на кражба во продавници, дури и ако тоа едвај има никаков општествен ефект. „Така професионалните криминалци кои предизвикуваат и најголема штета на општеството лесно се извлекуваат“, предупредува поранешната јавна обвинителка.

Брорхилкер го напушти судството во 2024 година и стана еден од лидерите на невладината организација Финансвенде. Тоа е организација која се залага за промена на начинот на кој државата се бори против финансискиот криминал и се спротивставува на влијанието на финансиските лобија.

Конкретен пример: куфер полн со пари

И Брорхилкер своевремено ја излудувал недостатокот на комуникација меѓу државните институции: „Да речеме дека некој е фатен на аеродромот со големо количество пари во чантата“, вели таа. „Цариниците на граничниот премин го откриваат тоа и евентуално ги информираат своите претпоставени за тоа. Потоа тоа се третира како царински прекршок, бидејќи по правило воопшто не го доставуваат до даночната администрација. Дури и кога работата ’опасно смрди’, тие често дури и не ја информираат полицијата.“

Додека органите на прогонот, секој за себе, си го вршат својот дел од работата, голем дел од тоа е истовремено и даночно затајување и перење пари, а честопати зад сè стојат организирани групи и истите луѓе. Додека полицијата, на пример, се обидува да ги фати дилерите на дрога, парите од дрога веќе минуваат под радарот на даночната управа. И пред да сфатат даночните истражители што се случило, парите веќе се испрани и со тоа потпаѓаат под надлежност на сосема друга институција.

Другите земји ја организираат оваа работа поефикасно. Во Европа, особено Италија има големо искуство - но и ефикасност - за даночен, царински и финансиски криминал, само еден орган на прогон може да биде надлежен.

Годишно се губат најмалку 100 милијарди евра

Тешко е да се процени обемот на штетата предизвикана од финансиски криминал. Судијата Ребен проценува дека околу 100 милијарди евра се „перат“ годишно во Германија, но оваа сума, која често се цитира во германските медиуми, се базира на студија од 2016 година на Универзитетот во Хале, во која заклучоците се извлечени со екстраполација на познати случаи. Вистинското ниво никогаш не е утврдено.

Како по правило, политичарите ја нагласуваат својата решеност да се борат против овој проблем. А владата на канцеларот Фридрих Мерц минатиот јули објави дека ќе им исплати 240 милиони евра на покраините за вработување на дополнителни 2.000 судии и јавни обвинители. Сепак, сите обиди за сеопфатна реформа за поедноставување на целиот систем веќе се покажаа како исклучително тешки и речиси безнадежни. 

Ако една владина агенција открие кривично дело, тоа не значи дека ќе го сподели откритието со другаФотографија: Sascha Thelen/dpa/picture alliance

Борбата против бирократските ветерници

Ова стана очигледно кога владата на поранешниот канцелар Олаф Шолц се обиде да воспостави централно тело за борба против перење пари. „Веднаш избувна голем спор“, рече Вегнер од Универзитетот во Хале. „Под чиј надзор треба да биде таа агенција? Сојузното истражно биро, Службата за царински истраги? На сојузно или на покраинско ниво? И ако покраините се одговорни, колку би добила една, колку би добила друга? Никој не можеше да одлучи каде треба да се вклопи оваа нова врска во тој огромен мозаик.“ На крајот, планот беше напуштен.

Подлабокиот проблем со финансискиот криминал, според Вегнер, лежи во културата што преовладува во поголемиот дел од германското правосудство: „Специјализирана кариера не е особено ценета“, рече тој. „Ако сакате да напредувате и да добивате повисока плата, мора да менувате работа на секои неколку години: две или три години работа со тешки кривични дела, потоа две или три години во министерството, па исто толку време во наркотици. Тоа е типичен пат до успешна кариера, бидејќи во спротивно ќе бидете сметани за премногу ’закопани’ само во една област.“

Токму оваа ригидна култура на размислување, заклучува Брорхилкер, е клучниот проблем на германското правосудство. И тој нема да се реши со едноставно зголемување на буџетот и бројот на вработени.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми