1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалГерманија

Зошто Хамас би криел оружје во Бугарија?

4 април 2024

По информациите на „Шпигел“ дека во Бугарија е пронајден веројатно магацин со оружје на Хамас, ДВ на оваа тема разговараше со бугарскиот експерт за криминал и безбедност Тихомир Безлов.

Централата на германската тајна служба БНД во Берлин
Централата на германската тајна служба БНД во БерлинФотографија: Jörg Carstensen/picture alliance

Истрага против осомничени членови на Хамас во Германија води до магацин со оружје во јужна Бугарија, напиша магазинот „Шпигел“, додавајќи дека четворицата осомничени сакале да го донесат оружјето во Берлин за да биде подготвено за можни напади врз еврејски институции. На оваа тема ДВ разговараше со експерот за криминал и безбедност од софискиот Центар за истражување на демократијата, Тихомир Безлов.

ДВ: Господине Безлов, вчера (3.04) германските медиуми ја пренесоа веста за пронајдено складиште со оружје во Бугарија. Според германските безбедносни власти, оружјето го криеле припадници на терористичката организација Хамас, за кои се вели дека подготвувале напади врз еврејските институции во Германија - поточно во Берлин. Зошто мислите дека Хамас би требало да крие оружје во Бугарија?

Тихомир Безлов, експерт за криминал и безбедност во Центарот за истражување на демократијата во СофијаФотографија: Tihomir Bezlov

Тихомир Безлов: Можам само да нагаѓам. Од контекстот што го објавија медиумите, заклучувам дека ова е веројатно традиционална рута за илегални мигранти кои влегуваат преку зелената турска граница и потоа патуваат натаму - главно кон Србија, поретко кон Романија. Податоците покажуваат дека меѓу овие илегални мигранти има и палестински државјани - тие се петта или шеста по големина група. Претпоставувам дека во овој случај станува збор токму за илегални мигранти. Можно е дел од мрежите на трговците со луѓе да биле вклучени како учесници во оваа логистика за извршување на терористички напади. Во моментов сѐ уште сме на ниво на претпоставки, но мислам дека во наредните денови треба да се појават повеќе детали: зошто тоа оружје се крие таму, која е инфраструктурата што го поддржува. Овде треба да се потсети дека во Бугарија има релативно голема палестинска заедница, уште од времето пред 1990 година - заедница која е интегрирана. Оваа дијаспора ги поддржува и луѓето кои нелегално патуваат низ Бугарија, а потоа продолжуваат кон Западна Европа, особено Германија.

Дали имате претстава како точно функционира соработката меѓу бугарските органи за кривично гонење и германската Сојузна криминалистичка служба, БКА (која во овој случај се чини дека контактирала со бугарските власти), а можеби и со германската тајна служба БНД?

Обично имаат офицери за врска. Освен тоа, колку што знам, имаат цела низа директни канали, имаат цела низа операции кои ги водат со заеднички тимови. Имаат традиција. Особено во областа на трговијата со луѓе постои доста добро развиена соработка помеѓу бугарската Генерална дирекција за борба против организираниот криминал и германските служби. Многу добра соработка има и во областа на сајбер измамите. Значи, постои традиција. Ваквите врски почнаа да се развиваат речиси веднаш по 1990 година, и се спроведоа доста интересни операции.

Прво, колку војната во Појасот Газа го зголеми протокот на мигранти низ Бугарија по терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври минатата година? И второ, колку тој ги поттикна обидите за терористички напади во Европа од страна на активисти на Хамас?

Ова е прв случај за кој знаеме дека ја погодува Бугарија, односно цел во Германија. Досега не сме доживеале друг таков случај. За време на т.н.„Исламска држава“, во периодот 2015-2016-2017 година, имаше некои странски борци кои се вратија и беа уапсени во Бугарија. Но сега мислам дека ова е друга приказна, сосема друга приказна.

 

Александар Андреев Александар Андреев е долгогодишен новинар и раководител на бугарската редакција на Дојче Веле.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми