1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто има толкав пад на цените на гасот?

Емал Атиф (АРД)
12 мај 2023

Цените за гасот во Европа сега се пониски отколку пред нападот на Русија врз Украина, меѓу другото и затоа што се заштеди доста енергија. Но, пред претстојната зима ситуацијата повторно може да се промени.

Постројка за гас во Германија
Постројка за гас во ГерманијаФотографија: Hauke-Christian Dittrich/dpa/picture alliance

Со месеци цените на гасот во Европа предизвикуваа голема загриженост поради недостигот на испораки од Русија. Но, од септември минатата година се покажува промена на трендот: цените се значително намалени и сега се дури и под нивото од почетокот на руската војна во Украина. Откако есента 2022 година цената достигна околу 280 евра за мегават час во договорот ТТФ кој важи како репер за цената на гасот во Европа, сега истата изнесува околу 40 евра по мегават час и е дури и пониска од февруари 2022, кога започна војната во Украина. Европскиот гас беше поевтин само во август 2021 година. Развојот на цените на гасот на светскиот пазар носи значително олеснување и за потрошувачите. Минатата есен цената со 40 центи по киловат час за нови клиенти достигна кулминација, но од тогаш е во пад и актуелно изнесува просечно 10,3 центи по киловат час. 

Резервите балансираат осцилации

Според експерти, има повеќе причини за падот на цената на гасот. Особено важна улога играат полните резервоари затоа што придонесуваат да се балансираат осцилациите во потрошувачката. Освен тоа и благата зима го даде својот придонес, исто како и штедењето во индустријата, централите и домаќинствата. Сите овие фактори здружено доведоа до тоа цените да се намалат и во набавката на ангро, како и за крајниот потрошувач. 

Каква улога игра увозот на течен гас

Клучна улога игра и зголемената испорака на течен гас од Белгија и Холандија, вели Ралф Золвен, главен економист на Комерц банката. Ставањето во погон на германските терминали за течен гас помогна, но до сега терминалите не одиграа пресудна улога, вели експертот. Од април и третиот терминал во Брунсбител е во редовен погон, како дополнување на терминалите во Вилхелмсхафен и Лубмин. „Додека терминалот во Вилхелмсхафен работи со речиси полни капацитети, на другите два терминала, а особено во Лудмин, уште има значителен неискористен потенцијал", вели Золвен. 

Терминал за течен гас, ЛНГ, во Лубмин, ГерманијаФотографија: John Macdougall/dpa/picture alliance

Ценовна кочница за растеретување на потрошувачите

За директно да го симнат товарот од потрошувачите,сојузот и покраините презедоа мерки. Од март 2023 година на сила е ценовна кочница, која за цената на гасот за домаќинствата предвидува горна граница од 12 центи за киловат час. Но, таквото ограничување важи само за 80 проценти од потрошувачката од претходната година. За останатата количина потрошувачите ќе мора да ја платат полната договорна цена. 

Побарувачката од Кина влијае на светскиот пазар

И покрај моменталната релаксираност на пазарот на гасот, има причини поради кои цената во иднина повторно би можела да расте. „Увозот на течен гас беше исплатлив затоа што кинеската економија беше заслабната, а со тоа и побарувачката за течен гас”, објаснува Золвен. Со опоравувањето на кинеската економија, расте и веројатноста дека ќе се зголеми побарувачката за течен гас, а со тоа и цената на светскиот пазар. Така и понудата може да се намали. 

Дали помалку се штеди на гас?

Дополнително на тоа, веќе се забележува дека заради пониските цени на гасот, и фирмите и домаќинствата помалку го штедат, што може да доведе до проблеми следната зима. Позитивно е што во германските терминали за течен гас уште има резерви во капацитетите и што кон крајот на годината ќе се пуштат во употреба и други терминали. „Најголемиот фактор за несигурност се временските прилики", нагласува Золвен. Во случај на студена зима, расте потрошувачката.. 

Паднатите цени несомнено се олеснување за компаниите и домаќинствата, но ситуацијата на енергетскиот пазар сѐ уште не е вистински стабилизирана. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми