1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Русија: Зошто луѓето се враќаат и покрај војната во Украина

Ирина Чевтаева
6 октомври 2023

По почетокот на руската инвазија врз Украина и најавата за мобилизација, во 2022 година стотици илјади луѓе набрзина ја напуштија Русија. Но, некои повторно се вратија. Како ја замислуваат својата иднина?

Русија Москва
Стотици илјади луѓе ја напуштија Русија по почетокот на инвазијата врз УкраинаФотографија: Achim Scheidemann/dpa/picture alliance

По почетокот на агресорската војна против Украина на 24 февруари 2022 година, Кира прво заминала во Грузија, а оттаму во Израел. Ана, исто така Русинка, во истото време заминала во Ерменија. И Јуриј ја напуштил Русија во есента 2022 година и набрзина отпатувал во Казахстан, откако рускиот претседател Владимир Путин  најави мобилизација во земјата.

Сите овие тројца, со кои разговараше Дојче веле, ја осудуваат руската војна против Украина,  но во меѓувреме се вратија во Русија. Редакцијата ги промени нивните имиња од безбедносни причини.

„Раните на мојата душа уште не се залечени“

Кира има 27 години, а своето заминување во Грузија пролетта 2022 година вака го објаснува: „Во тоа време сметав за невозможно да останам во Русија“. Од Грузија, Кира продолжила за Израел, каде посетувала факултет, се сместила во дом и добила стипендија. Но, во летото стипендијата драстично ѝ била намалена, а младата жена не смее да работи во Израел. Затоа конкурирала за работно место во организација во Русија. „Сакам професионално да се развивам, добив шанса и ја искористив“, вели таа.

Поради новата работа, Кира се вратила во Русија, но отанува запишана на израелскиот факултет. „Раните во мојата душа треба допрва да заздравуваат и се трудам да не патувам во големи градови. Во мене чувствувам голем отпор против случувањата во Русија, често сакам едноставно да ги затворам очите пред нив. Но, Израел за мене се покажа како тешка земја за прилагодување,“ вели таа.

Некои од луѓето кои ја напуштија Русија поради војната во Украина, се враќаат назадФотографија: Micha Korb/picture alliance

„Тоа беше бегство од мене самата“

„Ерменија беше за мене импулсивна одлука. Но, таму ми стана јасно дека не станува збор за посебна желба за таа земја, туку дека тоа беше бегство од мене самата“, раскажува Ана за своето заминување од Русија во април 2022 година. Таа има 31 година, по професија е менаџер во областа на маркетингот и можела да работи од дома. Но, по неколку месеци решила да ја напушти Ерменија. „Во прашање е враќање во Русија и признавање дека  човек и самиот сноси одговорност,“  вели Ана.

Во врска со својата одлука дополнува: „Не сакам кај сите да владее мислење дека војната е нешто нормално. Ако некој оди по улица и вели: војната е нормална, јас сум човек што ќе му одговори: не, си полудел ли?“ Ана признава дека ја мачат стравови, но истакнува: „На долг рок, човек не смее да живее во страв“.

„Мојата девојка практично ме исфрли“

Јуриј, програмер, вели дека на почетокот на војната не западнал во паника и не се плашел од мобилизацијата. „Но, мојата девојка беше енормно загрижена, не можеше да спие и практично ме исфрли од дома. Не знаев што ме очекува. Но, ни велеа, да се вратите можете секогаш, но да отпатувате можеби можете само сега“, објаснува тој.

Јуриј поминал повеќе месеци во Казахстан,  потоа уште неколку во Киргистан. „Мислевме, ситуацијата наскоро ќе се промени и сакавме  да ја сочекаме втората мобилизација.  Живеев со шест луѓе во еден изнајмен стан. Но, и по половина година ништо не се промени, само што рубљата продолжи да паѓа, животните трошоци да растат и некои од моето опкружување се вратија во Русија“, се сеќава Јуриј.

Во зимата и тој самиот се вратил. „Не ми недостигаше Русија. Но, сакав дома, назад во мојот стан“, вели тој. Освен тоа, во Русија живеат неговите родители, еден брат кој е инвалид и неговата девојка, со која е заедно веќе 13 години.

Руси на пат кон границата со Грузија, септември 2022 годинаФотографија: Shakh Aivazov/AP/picture alliance

Најмалку два иселенички бранови

Во 2022 година, според проценките, базирани на статистиките на земјите-домаќини и податоците на властите, 500.000 до 800.000 луѓе ја напуштиле Русија. Се случија  два брана иселување: непосредно по руската инвазија врз Украина и по најавата за мобилизација во Русија.

„Многу луѓе заминаа во земји во кои всушност не сакаа. Мнозинството од нив најмалку еднаш замина во друга земја. Максимумот за кој слушнав, е дека една млада двојка била во вкупно шест земји“, вели во разговор за Дојче веле социологот Љубов Борусјак, која живее во Русија. Според неа, многу луѓе се нашле во земји за кои никогаш не мислеле дека ќе стигнат таму, практично без документи и со малку пари со себе. „Еден дел од овие луѓе се вратија во Русија, барем на одредено време“, вели Борусјак.

Истражувачкиот тим „OutRush", кој спровел свои анкети меѓу руските емигранти, има сознанија дека 16 проценти од оние кои ја напуштиле земјата по 24 февруари 2022 година, се вратиле во Русија. Две третини од нив велат дека враќањето е само привремено.

Руси во центарот на Тифлис, Грузија, септември 2022 година Фотографија: Alexandr Burakow/DW

Каде да се замине следниот пат?

Јуриј раскажува дека тој и неговата девојка долго размислувале да ја напуштат Русија, но не знаат каде да отидат. Двајцата сега се во дилема. Јуриј признава: „Радо би живееле во Русија, но проблем е режимот и неговата политика.“

Од своето враќање, Ана е тажна што за луѓето во Русија животот едноставно тече натаму. „Се чувствувам како да сум во некој филм, во кој сите глумат дека сѐ е нормално. За мене е понекогаш тешко и тажно кога гледам како работите се променуваат на лошо.“ Ана си дала рок од една година за повторно да ја напушти Русија. Сака или во Берлин или на Бали.

И Кира размислува за тоа каде да замине следниот пат, предвид доаѓаат САД, Канада, Велика Британија и Германија. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми