1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиТурција

Зошто некои преживеани умираат набргу по спасувањето?

Јулија Вергин
16 февруари 2023

Ги преживеаја земјотресите во Турција или во Сирија, со денови чекаа под урнатините за помош, беа спасени - и набргу потоа починаа. Зошто? Медицинските експерти ги објаснуваат причините.

Зошто умира некој кој толку денови преживеал затрупан под урнатините?
Зошто умира некој кој толку денови преживеал затрупан под урнатините?Фотографија: I.S.A.R. Germany/dpa/picture alliance

По тешките земјотреси во Сирија и во Турција, Зејнеп поминала повеќе од 100 часа под урнатините на една куќа пред спасувачите конечно да успеат да ја ослободат. „Жената е добро со оглед на околностите“, се вели во соопштението на хуманитарната организација И.С.А.Р. Германија, која беше вклучена во спасувањето.

Меѓутоа, набргу потоа, Зејнеп почина. „Таа дури се смееше на пат кон болницата“, вели лекарот за итна помош Бастијан Хербст, еден од лекарите на  И.С.А.Р. , кои помогнаа Зејнеп да биде извлечена од под урнатините и да биде однесена во болница. 

Може да има 120.000 причини, зошто жената почина, вели Хербст. Внатрешни повреди, на пример, кои се дијагностицираат дури подоцна. Можеби Зејнеп починала од таканаречената „спасувачка смрт“.

Смрт поради ладна крв 

„За ’спасувачката смрт’ има различни причини“, објаснува Хербст. Една од нив е хипотермијата. Ледените температури во подрачјето погодено од земјотресот доведуваат до стеснување на крвните садови на затрупаните луѓе. На овој начин, организмот осигурува што е можно помалку од вредната телесна топлина да се губи во околината преку кожата или екстремитетите. Температурата на крвта паѓа во овие делови од телото, додека топлата крв во средината на телото обезбедува функционирање на виталните органи. Спасувањето на Зејнеп било компликувано. „Моравме многу да ја движиме, за да можеме да ја ослободиме“, вели Хербст. Прито, може да се случило, крвните садови да се прошират и ладната крв да протече во средината на телото, објаснува лекарот од итната помош. Како последица на тоа може да се појават срцеви аритмии и да доведат до смрт. 

Оштетување на бубрезите и вентрикуларна фибрилација 

„Нозете ѝ беа закопани под камења и шут“, вели Хербст за ситуацијата на Зејнеп. Иако можела да ги движи стапалата, сепак,  сосема е можно, ткивото на нозете да ѝ било оштетено од урнатините. Кога мускулите се повредени, телото ослободува миоглобин, протеин, кој е одговорен за транспорт на кислородот во мускулните клетки.

Трка со времето во потрага по преживеани во Турција и Сирија

01:41

This browser does not support the video element.

Ако затрупаните жртви се ослободат, крвта наеднаш може повторно непречено да тече и да го преплави телото со миоглобин. „Тоа ги уништува бубрезите“, вели Хербст. Последица може да биде откажување на функцијата на бубрезите и зголемување на нивото на калиум во крвта. Премногу калиум во телото може да доведе до вентрикуларна фибрилација. Ова е особено опасно кај луѓето со претходни срцеви заболувања. 

Намалувањето на стресот води до смрт 

„ Го знаеме тоа од бродоломците: во моментот кога ќе го видат спасувачкиот тим, тие не можат да продолжат понатаму и се дават“, вели Хербст. Хормоните на стрес, според Хербст, обезбедуваат одржување на функциите на органите. Ако стресот се намали по спасувањето, крвотокот може да колабира.

Зејнеп ги загуби сопругот и децата во земјотресот. „Можеби таа стана свесна за тоа и тоа спознание и ја одзеде волјата за живот“, вели Бастијан Хербст. „Не знаеме“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми