1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаРусија

Зошто паѓа руската рубља?

16 август 2023

По пет дена последователни загуби, руската рубља падна под психолошки важната граница од 100 рубљи за 1 американски долар. Што го предизвикува падот?

Вредноста на рубљата паѓа со месеци
Вредноста на рубљата паѓа со месециФотографија: YURI KADOBNOV/AFP/Getty Images

Руската валута проби уште еден праг на пад на вредноста. За време на викендот, 1 рубља вредеше само 1 американски цент, значи за 1 американски долар требаше да се платат 100 рубљи. Рубљата продолжи да ја губи вредноста и во однос на еврото, при што 1 евро понекогаш чинеше речиси 110 рубли.

Вредноста на рубљата е на најниската точка од март 2022 година, кога валутата падна по руската инвазија на Украина. Во следните неколку месеци валутата го врати загубеното, бидејќи Русија имаше корист од значително повисоките цени на енергијата. Сепак, во текот на изминатата година, рубљата постојано се намалуваше.

За споредба, пред руската окупација на Крим во 2014 година, 30 рубљи беа еквивалентни на 1 долар. Само во изминатата година рубљата загуби повеќе од 30% од својата вредност во однос на доларот и еврото.

Во вторникот (16.08) руската централна банка ја зголеми основната каматна стапка за 350 базични поени на 12%, за да го спречи падот на рубљата. Невообичаениот потег доаѓа по поголемото зголемување од очекуваното до 8,5% во јули со цел да се поддржи валутата.

По одлуката, рубљата се разменуваше по 98,03 во однос на доларот, и со тоа беше повисоко од најниското ниво од 102 рубљи за 1 долар во понеделникот.

Русите добиваат помалку за своите пари бидејќи и инфлацијата и падот на рубљата се забрзуваатФотографија: Anton Novoderezhkin/TASS/dpa/picture alliance

Централната банка на линијата на огнот

Гувернерката на Банката на Русија, Елвира Набиулина, за слабоста на валутата го обвини падот на надворешната трговија и повисоката инфлација им ја припиша на поголемите државни расходи и недостигот на работна сила предизвикани од скапата војна.

Во соопштението од понеделникот, руската централна банка вели дека извозот се соочува со „значително намалување“ во време кога побарувачката за увоз е во пораст во услови на зголемени државни трошоци и брз раст на кредитирањето.

Рускиот претседател Владимир Путин веќе бараше сите земји кои увезуваат гас од Русија да плаќаат во рубљи наместо во долари, како што е предвидено во договорите. Западните земји не го исполнија ова барање. Напротив, тие во голема мера станаа независни од руската нафта, гас и јаглен.

Зошто паѓа рубљата?

Падот на рубљата во последните недели се должи на зголемениот увоз и зголемениот одлив на странски капитал, сметаат аналитичарите.

Но, Албрехт Ротахер, автор кој 30 години работеше во Европската комисија, вели дека клучен фактор е тоа што Русија можеше да ја продава својата нафта само за цени под оние на светските пазари. Приходите на руските извозници на нафта и гас во јули годинава се намалија на 6,9 милијарди долари (6,3 милијарди евра) од 16,8 милијарди долари во истиот период минатата година, покажуваат најновите податоци на централната банка.

Друг фактор е што повеќе странски компании се повлекоа од Русија откако Москва ја нападна Украина минатата година. Блумберг Економикс процени дека странските компании што ја напуштиле Русија минатата година продале имот во вредност од 15 до 20 милијарди долари.

„Причините за падот на валутата се намалениот извоз на нафта и гас и веројатно натамошното повлекување на капиталот од руски компании, како и од странски инвеститори“, изјави за ДВ Елина Рибакова од Петерсон-институтот за меѓународна економија.

Гувернерката на Банката на Русија, Елвира Набиулина сѐ повеќе се наоѓа меѓу чеканот и наковалната во однос на монетарната политикаФотографија: Russian Central Bank/SNA/IMAGO

Потоа, тука се и зголемените увозни трошоци за западната висока технологија преку трети земји како Турција, Казахстан, Кина и Србија, додава Ротахер.

Сепак, заменик-гувернерот на Банката на Русија, Алексеј Заботкин, во петокот рече дека тие не гледаат никакви ризици за финансиската стабилност.

„Централната банка продолжува да се придржува до политиката на флуктуирачки девизен курс што ѝ овозможува на економијата ефективно да се прилагоди на променливите надворешни услови“, рече тој.

Максим Орешкин, економски советник на владата, ја обвини централната банка за придонес во падот на рубљата. Во колумна за државната новинска агенција Итар-Тасс во понеделникот, тој оценува дека „изворот на слабеењето на рубљата и забрзувањето на инфлацијата е меката монетарна политика (на централната банка)“.

Претходно оваа година, Набиулина како „комфорна зона“ спомена опсег од 80 до 90 рубли за долар. Рубљата излезе од оваа зона на почетокот на летото.

Што е со западните санкции?

„Санкциите имаат силен ефект, особено ембаргото на ЕУ за купување руска нафта и нафтени деривати“, вели Рибакова.

Но, други сметаат дека слабоста на рубљата не е непосреден ефект на западните санкции. Тие веруваат дека тоа е знак за долгорочната штета што скапата војна ѝ ја прави на руската економија, што ја вклучува и нејзината растечка зависност од Кина.

„Кина ја користи Русија како нова колонија на суровини, каде може да му наметне намалени цени на заробениот добавувач, кој непродуктивно ги троши сè помалите руски средства поради исцрпувачката војна во која не може да се победи“, изјави Ротахер за ДВ.

Карикатура на Сергеј ЕлкинФотографија: DW

Што ќе се случува натаму?

Рубљата може дополнително да потоне на 115-120 за долар, предупредува аналитичарот на „Алор Брокер“, Алексеј Антонов во белешка објавена од финансиските фирми во понеделникот. „За да заврши падот на рубљата“, смета тој, „треба да почекаме намалување на увозот или одлучувачки чекори од монетарните власти“.

Александер Исаков, руски економист, верува дека домашната монетарна политика ќе биде клучна за рубљата.

„За да се стабилизира рубљата, сметаме дека основната каматна стапка треба да се зголеми поблиску до 10% и издатоците од федералниот буџет мора да се држат под горната граница“, изјави тој за Блумберг Њус. Централната банка, на претстојниот состанок во септември, ќе треба да ги зголеми каматните стапки меѓу 50-100 базични поени за „да ги зголеми домашните заштеди и да го намали увозот“.

Но, други економисти веруваат дека руската влада се залага за постепено слабеење на рубљата.

Аналитичарот Тим Еш смета дека руските власти послабо управуваат со рубљата како одговор на ограничувањето на цената на нафтата и нејзиното влијание врз намалувањето на извозните и даночните приходи. „Слабеењето на рубљата придонесува за зголемување на вредноста на рубљата од нафтените приходи во буџетот, со што се ублажува растот на дефицитот“, изјави тој за ДВ.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми