1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто пак ќе гласам за Пендаровски

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
5 март 2024

Со изборот на Стево Пендаровски и коалицијата за членство во ЕУ, современиците имаат историска шанса, но и обврска, да ја продолжат и да ја завршат најзначајната работа за иднината на својата земја. Пишува Ерол Ризаов

Стево Пендаровски, претседател на РСМФотографија: President of North Macedonia

Пред неполни пет години, поточно на 3 мај 2019 година, објавив колумна под наслов „Зошто ќе гласам за Пендаровски“. Бидејќи е голема веројатноста и по пет години повторно истите претседателски кандидати - Гордана Силјановска-Давкова и Стево Пендаровски - да се соочат во вториот круг, мислам дека е значајно и интересно што останало исто, а што е променето кај нашите најсериозни кандидати за претседател на државата. Временскиот период колку што трае еден претседателски мандат е доволен за јасно да се согледа кои се разликите во определбите и во промените на ставовите на претседателските кандидати и на најголемите политички партии . Прво, колку за потсетување еве го интегралниот текст од пред пет години објавен во „Независен Весник“:

„Моите читатели знаат дека ќе гласам за Стево Пендаровски, односно против каква било, па и најмала опасност и натаму да се попречуваат и пролонгираат европските перспективи, демократизацијата и побрзиот развој на државата и подобар и поквалитетен живот на идните генерации. На овие определби потрошив над 30 од 43 години (сега се многу повеќе) поминати во професијата, редовно и упорно поддржувајќи ги евроатлантските аспирации и на Југославија и на Македонија. Со изборот на Пендаровски, современиците имаат историска шанса, но и обврска да ја продолжат и да ја завршат најзначајната работа за иднината на својата земја. А, тоа е Македонија да ги оствари своите стратегиски цели и да се спаси од сиромаштија, заостанатост, делби, крвопролевање и исчезнување.

Земјите на Југоисточна Европа и особено на Балканот се осудени на распаѓање, емиграции и масовни преселби, доколку не станат членки на ЕУ. Ова не е новина, некаква посебност да се распаѓаат држави само во далечното минато. Се случува и сега како и во претходните векови. Тоа го имаат констатирано повеќе светски познати историчари и научници, чии факти, проценки и предупредувања не оставаат простор за дилеми. Најблиску до нас доказ за исчезнување на државите и на делбите во поновата историја е Југославија, која ако станеше членка на ЕУ и на НАТО, како што се нудеа решенија и експресни европски перспективи со демократизација на општеството и со ново конфедеративно уредување, без хегемонија на една федерална република, да се надмине историски потрошениот модел – Југославија денес ќе беше на прво место, далеку над европскиот просек пред сите новопримени членки од централна и источна Европа.

Ерол РизаовФотографија: privat

Македонија излезе од тој пеколен казан единствена без жртви благодарение на Киро Глигоров, мудар претседател на државата, личност која беше учесник и континуитет од АСНОМ до независноста и кој ја прифати новата реалност да се изгради сопствена самостојна демократска држава.

Неговата европска определба е јасно соопштена уште пред неговиот избор за претседател и пред прогласување на независна Република Македонија и која беше во целосна согласност со тогашните определби и на граѓаните и на политичкиот врв.

По десетгодишен дисконтинуитет, кој сè уште трае и по падот на режимот на Никола Груевски, со силна спротивставеност и на новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ на идеите и определбите на првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, и на сите стратегиски и развојни планови и програми, одлуки на Собранието, на сите ратификувани договори со соседите и со Брисел, во Стево Пендаровски препознавам личност која ќе ги надмине блокадите и суетите. Со преземањето на функцијата претседател на државата од страна на Пендаровски, истиот ден завршува политиката која ја практицираше 11 години ВМРО-ДПМНЕ преку строго партиски определениот претседател Ѓорге Иванов, чии одлуки беа диригирани од вмровската палата.

Чесен и без дамки во кариерата

Првата работа по заклетвата на новиот претседател уверен сум ќе биде да се потпишат во склад со Уставот сите закони кои се усвоени двапати во Собранието. Постојат уште неколку силни причини за поддршка и во вториот круг на Стево Пендаровски. Прво, покрај тоа што со својата работа ја потврдил и докажал силната посветеност за членство на Македонија во НАТО и во ЕУ, тој е демократ и легалист кој целосно ќе биде посветен на функцијата придржувајќи се строго на своите уставни овластувања. Пендаровски нема да биде партиски претседател и тоа ќе го покаже со своите критички ставови јавно искажани кон грешките на владата и власта.

Човекот од Автокоманда е чесен, нема дамки во политичката кариера и е урбан тип со европски изглед и стил, целосно определен за добри меѓуетнички односи и соживот. Убеден сум дека на своите јавни настапи ќе ги жигосува сите погрешни политики кои ги засегаат граѓаните без оглед на нивната политичка, верска и национална припадност. Пендаровски добро ќе ја застапува Македонија и дома и во светот, бидејќи беше во кабинетот на двајца претседатели на државата кои беа ценети на меѓународната политичка сцена. Експресно ќе ја надмине изолацијата на Иванов и ќе биде примен од најзначајните и највлијателни лидери во светот, но, што е особено важно, ќе биде добро прифатен од првите комшии, бидејќи неговите ставови им се веќе добро познати. Ако ги изгуби изборите во фер натпревар ќе се огласи со честитка до победникот и ќе го признае поразот.

Сепак, најсилниот мотив за глас на Стево Пендаровски е неопходноста ВМРО-ДПМНЕ да биде поразена и на овие избори. Многу се брза старо-новото раководство да ја освои власта и преку Гордана Силјановска-Давкова да се врати во игра криминогената партија. Од првиот ден по смената на власта заговараат вонредни парламентарни избори. По 11 години неконтролирано владеење, само за две години им стана претесно во опозиција. Горчлив бил опозицискиот леб. Сакаат да се вратат на власт без да ги платат гревовите, без да се оградат од своите арамии, без да се извинат на граѓаните за големите злодела што ги направија. На почетокот на предизборната кампања ја жалев професорката Силјановска-Давкова која прифатила таква улога – да биде вмровски, божем натпартиски и непaртиски кандидат по сите тирании и грабежи што ги направи Груевски и фамилијата.

Гордана Силјановска-Давкова и Стево Пендаровски во текот на кампањата за изборите во 2019 годинаФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Професорката го јавна црниот бран

Но како што течеше предизборниот натпревар стана јасно зошто професорката влегла во еден таков филм, јавната на црниот бран, што не ѝ прилега. Прво што направи во името на владеење на правото - го оспори Преспанскиот мировен договор и ја тресна отворената врата кон Европа, иако е познато дека без тој политички компромис нема да мрднеме од балканскиот батак.

Потоа, без потреба за политички поени, го проблематизира и Охридскиот договор, кој е темел на меѓуетничката стабилност на државата. Го оспори законот за јазиците сметајќи дека тоа ќе предизвика одушевување кај Македонците. Најде сериозни фалинки и во договорот со Бугарија. Не ја извади од уста максимата за владеење на правото и правда за Македонија. Но ниту еднаш не кажа на кого се однесува тоа нејзино имагинарно теоретско факултативно право. Дали тоа значи дека сите кои се огрешиле од законите и кои наоѓаат стотици можности да ги пролонгираат судските процеси и кои станале богати како кнезови со парите на граѓаните, треба да одат во затвор? Или да бидат на слобода? Дали Силјановска-Давкова препознава такви арамии во врвот на претходната еднодецениска власт или само во сегашната? Дали упадот во Собранието на 27 април е патриотски чин кој треба да се одликува со медали за храброст, или крвав обид за државен удар? Не кажа ништо за тоа.

Ја осуди селективната амнестија, ама не кажа ни збор за одговорноста на организаторите на овој чин на насилно попречување на конституирањето на Собранието. Не кажа ни еден збор осуда за аболициите и пишман аболициите на Ѓорге Иванов.Тоа што Силјановска не знае кои се кавадарчани, а кои се неготинци, од каде ѝ е свекрвата – дали од Кочани, Кичево или од Скопје, не ми пречи многу. Вообичаена работа кај расеан професор, особено на партиски митинзи. Но за две недели да ни продава стогодишна демократска еволуција, дека го прифаќа Преспанскиот договор како реалност, дека договорот со Бугарија безмалку е ремек-дело, дека Охридскиот договор е уставна категорија, дека стабилни меѓуетнички односи се нејзин идеал – е, тие приказни нека им ги кажува на своите студенти. Гордана Силјановска-Давкова, заедно со раководство на ВМРО-ДПМНЕ одредено од Никола Груевски, како негови чувари на престолот, се стави на погрешната страна на историјата. Затоа ќе бидат поразени, за да се спаси Македонија. Друго чаре нема.“

Македонија може да опстои само како членка на НАТО и ЕУ

Ете, ова е објавено пред пет години во пресрет на претседателските избори. По стапувањаето на претседателската функција на Стево Пендаровски по неполна година, на 27 март 2020 година, Македонија стана 30-та членка на НАТО и ја обезбеди својата стабилност. По три години, на 19 јули 2022 година, се одржа првата меѓувладина конференција во Брисел, со што Македонија официјално ги почна преговорите со Брисел со што почна и последната етапа од долгорочниот тежок процес на реализација на реформите за рамноправно членство во ЕУ.

Ставовите на претседателот Пендаровски се јасно искажани и во однос на евроатланските интеграции и за односот на ЕУ кон Македонија и за односите со соседите. Тука нема нејаснотии и калкулации со лажен патриотизам и популизам. Вториот мандат ќе му овозможи уште поголема посветеност кон најзначајните државни интереси кои ја одредуваат иднината на Македонија. Фактот што нема трет претседателски мандат дава поголема слобода и во односите со партијата која го предлага за свој кандидат и поголема посветеност кон своите заложби да биде прифатен како претседател на сите граѓани. Ќе биде многу интересна предизборната борба на претседателот Стево Пендаровски со веќе еднаш поразениот претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова на темата евроатлански интеграции, договори со соседите и внатреетнички односи и демократски процеси.

На Силјановска ќе ѝ биде голем ограничувачки фактор тоа што ВМРО-ДПМНЕ по поразот на претходните парламентарни и претседателски избори како опозициска партија целиот овој период ги оспоруваше постигнатите резултати, нарекувајќи ги велепредавство на националните интереси. И таа како пратеник го прифати овој лажен патриотски вознес. Повторно револуционерната партија го избра минатото наместо иднината.

Прво, цели 11 години како режим во ерата на „груевизмот“ ги посвети во потрага по пославно минато пропагирајќи антички идентитет со политичка интервенција во науката и трошејќи милијарди во лажна ренесанса, во стиропор барок и рококо. Во своето пак опозициско дејствување последните седум години, со лажен патриотизам започна пропагандна војна за спасување на загубениот идентитет на македонскиот народ од предавничка политика на владата која доведе до блокада на преговорите со ЕУ.

Ќе биде навистина интересно колку Силјановска ќе може да се ослободи не само од вмровските патриотски блокади на уставните измени, од лагите за подобрување и поништување на договорите со Грција и со Бугарија, туку и од своите заложби и многупати јавно искажани определби кои времето и настаните ги прегазија.

Мојата определба да гласам повторно за Стево Пендаровски и за коалицијата за Европа поаѓа од непобитниот историски факт дека Македонија само како членка на НАТО и на ЕУ може да опстои трајно и да стане просперитетна држава, да го задржи своето население во татковината. Колку ова е остварливо зависи само од тоа дали мнозинството граѓани на Македонија ќе препознаат кој треба да ги заврши работите од последната етапа, или тоа ќе го препушти на нова неизвесност копајќи во минатото.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми