1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГерманија

Зошто постојано сме уморни во зима?

2 декември 2023

Многу малку луѓе се чувствуваат навистина добро во зима. Не е ни чудо, велат лекарите. Впрочем, со почетокот на студената сезона запаѓаме во еден вид на лесен зимски сон. Последиците не смеат да се игнорираат.

депресија
Која е разликата помеѓу „класичната“ депресија и зимската депресија?Фотографија: Viktor Cap/PantherMedia/imago

Додека да трепнете, денот завршил: тоа често ни се случува во студениот, мрачен зимски дел од годината. Во зима се чувствуваме уморни, исцрпени и безволни. И како што се ближи крајот на годината, се сумираат сметките - колку што сме позамислени и меланхолични, „зимскиот блуз“ се повеќе не држи под контрола. „Речиси сите го знаат тоа“, вели психологот и заменик-директор на германската организација за помош на луѓе кои страдаат од депресија, Инес Кеита. Затоа, нема причина за грижа - за разлика од зимската депресија.

„Зимската депресија е сезонска депресија која, за разлика од зимскиот блуз, бара лекување“, објаснува Кеита. Иако симптомите може да бидат слични, кај зимската депресија тие се многу поизразени и не се појавуваат само некои денови, туку траат. „Кога го имаме зимскиот блуз, сè уште можеме да уживаме во многу работи, како посета на божиќниот пазар“, вели таа.

Од друга страна, оние кои страдаат од зимска депресија речиси повеќе не чувствуваат радост, се чувствуваат безнадежно и празно и затоа се повлекуваат од социјалните активности. Според Инес Кеита, единствената разлика помеѓу зимската депресија и „класичната“ депресија – освен сезонскиот карактер – се зголемените потреби за калории и повеќе сон. „Ова е сосема нетипично за депресија, која обично е придружена со губење на апетит и нарушувања на спиењето“, вели таа.

Светлосната терапија помага во зимските денови...Фотографија: Imago/UIG

„Светлина за хибернација“

Според проценките на Германската организација за помош на депресија, околу еден до два отсто од луѓето во Германија страдаат од зимска депресија, која може со сигурност да се дијагностицира само ако се повторува во студените и темните месеци. Причините за зимската депресија се сложени и сè уште не се целосно истражени. Сепак, недостатокот на светлина веројатно игра значајна улога во исфрлањето на нашиот внатрешен часовник од рамнотежа.

Дитер Кунц, лекар специјализиран за спиење и хрономедицина во болницата Алексинер Св. Хедвиг во Берлин, верува дека со почетокот на студената сезона, луѓето влегуваат во режим кој вклучува заштеда на енергија, односно паѓаат во еден вид „зимски сон“. 

„Отсекогаш било така и кај нашите предци. Живееме од нашите ’резерви’ на енергија - и ништо не е променето до денес. Ние, исто така, се прилагодуваме на условите на светлина и температура со забавување на нашата физиологија.“

Еден час повеќе сон во зима

„Функционираме различно во лето и зима, без разлика дали го забележуваме тоа или не“, објаснува Кунц. Најновите откритија покажуваат дека всушност ни треба повеќе сон во студената сезона. Заедно со својот тим на истражувачи, Кунц откри како нашиот сон се менува во рок од една година. Резултатот е: „Возрасните во Берлин спијат во просек еден час повеќе во зима отколку во лето“. Длабокиот сон, според Кунц, кој е важен за регенерација, трае 30 минути подолго.

Но, не сите луѓе кои се префрлаат на „штедлив“ режим на работа наесен имаат доволно резерви во текот на зимата. „Штом резервите се потрошат, ние колабираме - и развиваме зимска депресија“, вели Кунц. За повеќето луѓе, тоа не се случува до февруари или март. Решението?„Превенција, односно скратување на зимскиот сон со продолжување на летото“, вели Кунц.

Решението е повеќе светлина

Но, не мора да патувате на југ четири недели за да го впиете сонцето и да ги наполните батериите. Многу дневна светлина во есен може да биде попријатна и поевтина алтернатива.

„Штом ќе започне денот, треба да се обидете да ја добиете целата природна светлина што можете да ја добиете, дури и сивите денови помагаат“, советува Кунц. Во исто време, важно е: постојано да се гледа во небото. Ако треба да го поминете целиот ден во канцеларија или домашна канцеларија, можете да си помогнете со дневна светилка. Светилката треба да има моќност од најмалку 10.000 лукс и да се користи дневно од 30 до 60 минути, идеално наутро. Но и тука важи правилото - редовно треба да се гледа во изворот на светлина.

Светлосната терапија често се препорачува за лекување на зимската депресија. Може да се препише и психотерапија, а во зависност од тежината на симптомите може да се препишат и лекови, вели психологот Кеита. „Ако мислите дека сте болни, треба да побарате стручна помош и да не се надевате на подобрување на пролет. Првата точка на контакт е вашиот матичен лекар“, вели таа. Ова е исто така важно за да се разјасни дали всушност се работи за сезонска депресија, односно зимска, а не за „класична“ депресија.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми