1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто претседателката Сиљановска не стаса во Париз

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
10 декември 2024

Дали нешто непријатно се случува на релацијата Претседател на државата и владата, да не скршнува претседателката Сиљановска од диктатот на партијата, па тоа го расипа владиниот авион? Пишува Ерол Ризаов

Македонската претседателка Гордана Сиљановска ДавковаФотографија: North Macedonia President

Има работи кои ни остануваат во сеќавање до крајот на животот, или барем додека не служи здравиот разум. Првпат влегов во Богородичната црква Нотр Дам д` Пари пролетта деведесетитте години на минатиот век. Тоа беше денот „Д“ кога  многумина мислевме дека  е историски датум за спасување на Југославија. За Французите позначајно беше отворањето на тенискиот турнир Ролан Гарос. Тоа беа првите ударни вести во сите медиуми. 

Тој ден последниот премиер на Југославија, Анте Марковиќ, требаше да биде примен од претседателот на Франција, Франсоа Митеран, претставена во југословенската јавност како историска средба во која гледавме спас од распаѓање на државата и од граѓанска војна. Голема група новинари од сите раскарани федерални републики, нестрпливи, неколку часа порано се упатија кон Елисејската палата да го чекаат исходот. Чувствував потреба да се издвојам од  големата група колеги и сосема случајно стасав пред Богородичната катедрала. 

Ме изненади едноставноста да влезам во овој божји храм, што го знаев само од историите на  уметност на средниот век и од делата на Виктор Иго. За една минута бев внатре без некои  посебни процедури. Седнав на една од дрвените клупи и ги гледав долго витражите во чудесни бои, морав речиси да залегнам на клупата за да ги видам високите сводови. Импозантноста на големата сала, тишината, шепотот на верниците и молкот, дури и на љубопитните туристи, те прават да бидеш дел од таа атмосфера и да ја кажеш својата молитва, својата желба, без оглед од која вера си, и од која нација. Под силна импресија на мисијата на премиерот Марковиќ и загриженоста на милиони луѓе за судбината на државата и за својата иднина се помолив да опстане Југославија. 

Подоцна кога се придружив на колегите и кога видов како Митеран го испраќа Марковиќ со прегрнување, двајцата насмеани, поверувавме дека Југославија е спасена. Дарко Рибникар,  потомок на основачите на белградска „Политика“, тогаш дописник од Париз, ми рече готово е,  Југославија е спасена. Испраќањето на Анте Марковиќ од претседателот Франсоа Митеран до излезната врата беше знакот дека Југославија ќе биде членка на ЕУ со политичка одлука.

Такви наслови и извештаи пративме од Париз за нашите тогашни редакции. Се споменуваа бројки од десетици милијарди долари за брза подготовка, Југославија експресно да стане членка на ЕУ пред сите други земји на Централна и Источна Европа. Не мислев дека мојата „молитва“, која нема врска со ниедна вера, нешто помогна, ама сепак бев убеден дека без оглед дали правдата е Божја, или световна, или вселенска, таа ако си на нејзина страна секогаш победува.  

Национализмот посилен од сите молитви 

За жал, не е секогаш така. Национализмот е посилен од сите молитви. Југославија исчезна во реки крв и страдања на милиони луѓе. Тоа е приказната за Нотр Дам која веќе сум ја раскажал повеќе пати и останува врежана во сеќавањата како асоцијација на еден неуспешен обид, за пропуштената голема шанса, да се одбегне трагедијата, да не бидеме сведоци и страдалници на војни и разорувања среде Европа. 

Понудата на Европа, со политичка одлука Југославија да стане членка на ЕУ, за милитантните  националисти и хегемонистите, за заробениците на историјата и географијата, на гордоста и достоинството беше само повод да се забрза процесот на распадот на веќе историски потрошениот модел каква што беше Југославија. 

Тука приказната на моите асоцијации за Нотр Дам не завршува. Кога речиси по 30 години гледав  вџашен во директен тв пренос како гори катедралата, како пламенот го голта светското ремек-дело, повторно истите асоцијации. Ми дојдоа на ум сите детали што ги видов во Нотр Дам и за она за што се молев. Си реков, можно ли е сето тоа да исчезне, да го снема, да изгори. Боже, што сè има внатре, што се гледа и особено што не се гледа, слики, скулптури, ремек-дела, витражи, книги, но сепак највредна од сè е самата  катедрала, здание од 12 век кое ги преживеало сите војни и несреќи. Икона на Франција, икона на светот. Нешто што се градело повеќе од еден век изгоре за неколку часа. 

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, тогаш рече: Со пожарот изгоре нешто кај секој Французин. Тој ги познава добро своите Французи и сигурно е така, што добро се виде додека парижаните собрани пред Катедралата ја пееја плачејќи „Аве Марија“ за да ги охрабрат пожарникарите да го спасат тоа што може да се спаси. Така и бидна, некои од големите вредности  беа спасени. 

Она што повторно ме натера да се помолам додека пламените јазици ја голтаа Катедралата е  оваа несреќа да не е терористички акт. Тоа уште повеќе би ја поттикнало омразата и би предизвикало нови поголеми несреќи, страдања и трагедии. Во првите вести беше соопштено  дека е можно причините да бидат од невнимание при реконструкција и изведба на градежни зафати. Никогаш не беа утврдени точните причини за пожарот и покрај обемните истраги.

Она што импресионираше првото утро по пожарот, додека сè уште тлееја остатоците од изгореното и се расчистуваше внимателно пепелта, е обединувањето на светот за реставрација на Нотр Дам д’Пари која стана Нотр Дам д’монд. Светот беше кренат на нозе. Понуди за донации од стотици милиони евра стасаа од сите страни. Претседателот Макрон ги утеши Французите дека катедралата ќе биде обновена и реконструирана до последниот милиметар. Претседателот Макрон тогаш рече никој да не се сомнева дека светот ќе се сјати во Париз за да ја види обновената Нотр Дам. 

По пет години реставрација, Нотр Дам во Париз повторно ги отвори вратите на 8 декември, на празникот на Безгрешното зачнување. Светските медиумите објавија детали за големиот реставраторски потфат како ново поглавје во чудесната историја на Катедралата. 

Светската политичка и културна елита во Париз 

Светската политичка и културна елита во саботата на 7 декември 2024 година по макотрпната работа на стотици инженери, градежници, сликари, скулптори, работници, стаса во Париз да ја види и прослави обновата на Богородичната црква. Беше тоа импозантен собир на светските и европските државници и културни дејци, не само да го прослават воскреснувањето на светската икона како што ја нарекоа Нотр Дам, туку и да разговараат со американскиот претседател Доналд Трамп за активности да се стави крај на војната во Украина која ги тресе Европа и светот. Претседателот на САД Доналд Трамп и домаќинот Емануел Макрон беа главните sвезди на величествената церемонија. И како што обично бива кај европските прагматични политичари, што кај нас се нарекува немање на гордост и достоинство, најголемите критичари на политиките на претседателот Доналд Трамп видливо беа снисходливи и сервилни да се поздрават и по можност да се сликаат со американскиот претседател. Видливи беа и нашите комшии кои веќе ги објавија своите средби со светските државници. 

Светската политичка и културна елита во саботата на 7 декември 2024 година во Париз во обновената црква Нотр ДамФотографија: Ludovic Marin/POOL/AFP/Getty Images

Нашата претседателка на државата  Гордана Сиљановска Давкова,  иако поканета не стаса во Париз. Владиниот авион бил во дефект. Ако прифатиме дека е тоа вистина, сепак тоа  не зборува добро за нашата држава.  Можело да се најдат и други решенија претседателот на Македонија да биде присутен кај што е поканет да биде заедно со светската елита. Ако пак е само изговор да не се оди во Париз, уште полошо. До само пред некој ден не стивнуваа  фалбите за успешните средби на премиерот Христијан Мицкоски  со претседателот на Франција Емануел Макрон кој беше прогласен за најмоќниот европски политичар, кој безмалку го коригирал својот став кон  аспирациите на Македонија  да биде членка на европското  семејство  откако ВМРО ДПМНЕ дојде на власт.  Нашите евроскептици и циници ќе речат  голема работа, та била, та не била, тоа ништо нема да промени во односите на Запад кон Македонија. Нема „гаранции“ дека тоа може да ни помогне. 

Дали нешто непријатно се случува на релацијата  Претседател на државата и владата,  да не скршнува претседателката Сиљановска од диктатот на партијата, па тоа да предизвикало дефект на владиниот авион. Не е за верување, ама може некому да му пречи Сиљановска  со своето  нагласено присуство во јавноста. По првите грешки со заклетвата, почна премногу да работи да продолжат преговорите  со ЕУ. Изгледа не и кажале дека тоа се одлага на неодредено време, најмалку по  локалните избори идната година,  а можеби и засекогаш. 

Во секој случај, претседателката на државата требаше да биде во Париз на седми декември 2024 година каде што беше поканета и беше дадена чест на Македонија да биде присутна на отворањето на обновената Богородична црква. Најзначаен настан тој ден во светот без наше присуство.  

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми