1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Зошто Путин не се ослободува од „предавникот“ Пригожин?

11 август 2023

Путин го потцени Пригожин. Приватните војни помеѓу клановите од Кремљ го вивнаа на скалата на моќ и нагло го соборија Пригожин, но не го уништија целосно. Пишува Ивор Мицковски

Евгениј Пригожин (л.) и Владимир Путин (д.)Фотографија: Uncredited/Alexei Druzhinin/dpa/Pool Sputnik Kremlin/AP/picture alliance

Во еден разговор пред дваесетина години Владимир Путин ќе ја објасни разликата помеѓу политички противник и предавник. „Со политичките противници ја водиш својата битка, договараш примирје, се смируваш, и можеби утре ќе станеш сојузник во некоја нова битка. Со нив се бориш лице в лице. Предавникот, пак, се прави твој пријател, но во моментот кога си слаб, ќе ти забоде нож во грб. Спрема нив - никаква милост!“

После маршот на Пригожин на 24 јуни, прво што направи Путин е да се повика на овие зборови: „предавство“ и „нож во грбот“, зборувајќи за бунтот на Вагнер. Но, и покрај тоа, Вагнер продолжува речиси непречено да оперира, нешто помалку во Русија, многу повеќе во Белорусија, на Блискиот Исток, во Западна и Централна Африка. Што се случи со Путин и неговата безмилосност, со самиот руски режим, кој делува дека не е во состојба да ги казни „предавниците“, како што направи со Борис Березовски, за кого беа наменети овие зборови на Путин пред 20 години?

Вагнеровците сепак претрпеа одредени реперкусии. Нивните канцеларии, како и вилата на Пригожин во Санкт Петербург беа мета на рација и им беа конфискувани големи суми. Но, само неколку дена потоа на Пригожин му беа вратени 90 милиони долари. Во Белорусија, присуството на Вагнер се брои на околу 8 илјади платеници, на само 200 км. од Украина. На неодамнешниот Самит со африканските лидери во Петербург, Пригожин беше снимен како се ракува со лидерите и дипломатите, каде испрати дури и апел за поддршка на воената хунта во Нигер. Западни медиуми потврдија дека претставници на хунтата во Нигер се сретнале со команданти на Вагнер во Мали, најавувајќи директно вмешување на милицијата во заштита на воената хунта.

Како Евгениј Пригожин стана милијардер?

01:57

This browser does not support the video element.

Што се случува со Вагнер и Пригожин и зошто рускиот диктатор не успева или не сака докрај да се ослободи од својата монструозна платеничка креатура?

Вертикалната моќ на Путин

Во реалноста не е најточно Вагнер да се смета за платеничка милиција. Не само затоа што сите средства за воени или безбедносни задачи секогаш доаѓале само од еден нарачател - руската држава, туку затоа што компанијата оригинално се раѓа од реброто на руската воена тајна служба ГРУ. За вертикалната моќ на Путин секогаш било проблем раководењето со прекумерната автономија на една парамилитарна организација, која пак е неформален производ на еден орган на државата кој и онака е премногу независен. Од своето создавање во 1918-та, ГРУ функционира без да одговара пред другите разузнавачки служби, особено ФСБ, некогашната КГБ на која и самиот Путин беше директор.

Од друга страна, добар дел од својата хегемонија Путин ја базира врз создавањето на повеќе центри на моќ во натпревар помеѓу себе, каде тој ја задржува позицијата на арбитер. Вагнер во Украина беше корисен како контрапункт на регуларната војска, која за време на војна неизбежно станува помоќна, особено на штета на претседателот. Војската е единствената сила во состојба да го собори Путин.

Денес во Русија недостасува орган каков што беше Политбирото во СССР, кој беше во состојба да му изгласа недоверба на претседателот, како во случајот со Хрушчов две години после Кубанската криза. Денес Русија е блокирана, затоа што сѐ додека Путин е на власт, нема да има крај на војната, а најверојатно ни конечна победа. На многу елементи во режимот таа состојба им пречи.

Ивор МицковскиФотографија: Privat

Тензиите помеѓу Кремљ и „воената каста“ започнаа пред некои 20 години и експлодираа во 2001-ва, кога за првпат во руската историја министер за одбрана стана Сергеј Иванов, човек кој не потекнува од воените кругови, туку е екс-шеф на ФСБ и дел од „магичниот круг“ кој заедно со Путин се премести од Санкт Петербург во Москва. Путин во таа околност ќе изјави дека со Иванов започнува демилитаризацијата на руското општество, што само ја навести или објасни постоечката тензија помеѓу војската и тајните служби. Со тоа се заклучи еден процес кој започна со повлекувањето на Црвената Армија од централно-источна и балтичка Европа. Тогаш и завршува автономијата, од пруски тип, за воената каста. Во СССР, како и во царска Русија, таа автономија беше „платена“ со исклученост на војската од политиката и со обемни економски и статусни бенефиции за војниците. Одеднаш, нивниот статус е загрозен.

Драстичната реструктурација на Војската беше наметната во 2007-ма преку вториот цивилен министер за одбрана Анатолиј Сердјуков, исто дел од петербуршкиот круг на Путин. Конфликтот толку ќе се заостри, што Сердјуков во 2012-тата ќе мора да биде заменет од актуелниот Сергеј Шојгу, чија главна задача беше да ги намали тензиите помеѓу Путин и војската. Но, фрактурата ќе остане, ќе се прошири кон старешините, растурајќи ја традиционалната обединетост на руската армија. Ќе се создадат кланови и борби за моќ помеѓу конкурентските групации од режимот.

Кланови и борби за моќ

Борбата помеѓу „кремлинските кланови“ или „Кулите на Кремљ“, се наследува како генетска мана на системот, кој особено влегува во акутна фаза за време на конфликт, како тој во Украина. Оригиналната поделба е помеѓу петербуршките и московските кланови, помеѓу војската и тајните служби, која започна со масовната миграција на шпиони, функционери и пријатели на Владимир Владимирович од брегот на реката Нева кон оној на Москва. Ривалитетот помеѓу двете групи е стабилен и перманентен, но расте во време на криза, кога се појавуваат нови ресурси за приграбување или пак колачот се намалува. Кризата особено експлодира кога се навестува промена на самиот врв. Случајот Пригожин ги обединува сите овие фактори и созрева врз основа на хроничниот натпревар помеѓу разните гранки на војската, службите и министерствата.

Што се однесува до военото разузнавање, таму промените исто почнуваат со Путин, како носталгичар на СССР и КГБ и поранешен директор на ФСБ. Токму од врвот на ФСБ, Путин ја организираше структурата на својата моќ и ја зацементира еднаш сместен на врвот во Кремљ. Една од последиците на тоа беше редимензионирањето на ГРУ, која трпи постојани инфилтрации од ФСБ, каде добар дел од нејзините структури се префрлени во Љубјанка, додека нејзините надворешни структури се подеднакво мета на „силовиките“ од екс-КГБ. Но, војната во Украина драматично ги измеша картите, па и самиот Путин, соочен со грешките на неговите миленици, реши сѐ повеќе и сѐ почесто да се потпира на „конкуренцијата“ од воените редови. А токму Пригожин беше тесно врзан за воената ГРУ.

Карикатура на Сергеј Елкин: Пукнатини во структурата на моќФотографија: DW

Путин ќе стане жртва на игранките, поделбите и клановите што самиот ќе ги создаде и фаворизираше, и кои потоа неизбежно носат дисторзирана реалност, анализи и проценки кон Царот. Како онаа на директорот на ФСБ, Александар Бортников, кој го убедуваше дека руската војска во Украина ќе биде пречекана со рози и цвекиња. Или слугата Виктор Јанукович  кој му ветуваше дека цела јужна Украина, до Одеса, веднаш ќе премине на страната на Русија.

Путин го потцени Пригожин

Бунтот на Вагнер следи слична логика и динамика. Во деновите пред бунтот, сите му ветуваа на Путин дека договор со Пригожин е лесно остварлив, за ден после маршот Путин да биде збунет, разочаран и разголен во немоќта. Путин го потцени Пригожин, како што и најверојатно подзаборавил дека неговите „приватни“ иницијативи му создале моќни пријатели на високите катови и низ подземните патчиња во системот на Путин. Приватните војни помеѓу клановите од Кремљ го вивнаа на скалата на моќ и нагло го соборија Пригожин, но не го уништија целосно. Како потсетување за Путин, но и како услуга за негово опстојување, во услови на очигледен недостаток на алтернатива и поомилен лик меѓу народот. Авантурата на господинот Вагнер ја разголи слабоста на системот Путин, но во исто време и го сплоти.

Излегувањето од игра е тешко за кој било, па дури и за самиот Путин. Јасно му е дека уништувањето на Пригожин, наместо неговиот златен егзил, би создало повеќе штета од корист. Вагнер можеби веќе не е корисен во Украина, но во Белорусија, во странство и особено во Африка, е особено важен. За Путин е подобро макијавелистички да му прости на Пригожин, да го оддалечи од домашниот терен, а во исто време да не изгуби важен инструмент за своите политичко-воени операции низ светот. Во септември го чекаат важни локални избори, а Путин, кој никогаш не брзал со сечење глави, пред или после изборите, ќе најде начин да направи соодветна чистка.

Проблемите на коруптивниот режим и клановските борби ќе останат. Војната само ќе ги подгрева и зголемува. Путин ја прими пораката дека е дел од проблемот и дека некои сили во режимот сакаат поинаков излез од војната. Случајот Пригожин, само го зацементира тој став. Под услов, самиот став да не беше провокација за Пригожин. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми