1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаРусија

Европа не може без руската нуклеарна технологија

Пандеј Ашутош
22 јули 2023

Додека ЕУ е на пат да се ослободи од руските фосилни горива, потешкотии има кога станува збор за нуклеарната технологија, која за некои земји е незаменлива. Затоа овој сектор не е под санкции.

Атомски производен погон Русија
Руски атомски производен погон во ВолгодонскФотографија: Aem-Technology/dpa/picture alliance

Помалку од една недела откако првите руски тенкови навлегоа во Украина, карго авион во сопственост на компанијата „Волга Дњепар”, преку Белорусија и Полска стаса до Словачка. Само ден пред тоа ЕУ го затвори воздушниот простор за руски воздухопловни компании,но овој авион беше исклучок од санкциите,затоа што превезуваше нуклеарно гориво за четирите словачки нуклеарни реактори, конструирани во Русија. Околу еден месец подоцна, руско летало од истиот тип одлета до подалечната Унгарија заради иста таква испорака.

И тоа е уште еден симптом за децениската зависност од руска енергија. Нуклеарно гориво од руската државна компанија „Росатом” помага за да се генерира речиси половина од вкупната електрична енергија произведена во Словачка и Унгарија и повеќе од една третина во Чешка и Бугарија.
Додека ЕУ е на пат да се ослободи од руските фосилни горива, истото не важи и за нуклеарките. Како резултат на тоа, стотици милиони евра и натаму се одлеваат во касата на Москва.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, од ЕУ бараше барем да воведе санкции против „Росатом”, фирма која е тесно поврзана со рускиот воен апарат и го презема менаџментот на нуклеарната централа во Запорожје.

„Пред една година, ќе кажев дека најтешко за ЕУ ќе биде да се ослободи од руски гас, но сега се чини дека најтешко ќе биде откажувањето на нуклеарното гориво”, вели за ДВ Никлас Поитие од тинк-тенкот Бројгел.

Значењето на Росатом

Русија покрива 45% од светските потреби за облагородување на ураниум, испорачувајќи атомско гориво за нуклеарни централи во повеќе земји, вклучително и САД, кои и покрај строгиот режим на санкции против Москва и натаму плаќаат околу една милијарда долари за гориво од „Росатом”.
Речиси 20% од суровиот ураниум увезен од земјите на ЕУ доаѓа од Русија и дополнително 23% од Казахстан, со што „Росатом” е меѓу главните играчи на тоа поле. Русија исто така испорачува голем дел од горивото за европските нуклеарни централи.

Дали „Росатом“ ќе произведува шипки за нуклеарно гориво во Германија како дел од партнерството со француски „Фраматом“? Фотографија: Friso Gentsch/dpa/picture alliance


„Росатом е меѓу малкуте компании во светот кои го владеат целиот нуклеарен циклус од облагородувањето, производството на гориво и репроцесирањето”, вели Соња Шмит, професор по наука и технологија на универзитетот „Вирџинија Тек” и автор на „Производство на струја: историјата на советската нуклеарна индустрија пред Чернобил”.

Централно- и источноевропските земји се посебно зависни од руското гориво. Постојат 18 нуклеарни реактори проектирани во Русија и тие се наоѓаат во Словачка, Бугарија, Унгарија, Чешка и Финска, а се целосно зависни од руското гориво и технологија.

Покрај тоа, „Росатом” има долга историја со француската централа „ЕДФ” и двете компании во 2021 година имаат потпишано „долгорочен договор за соработка” за дополнително продлабочување на врските.

Руската фирма актуелно е во средиштето на протестите во германскиот град Линген, каде има планови за производство на нуклеарни шипки за источноевропските реактори во партнерство со сестринската фирма на „ЕДФ”, „Фраматоме”.

„Росатом” не одговори на барањата за коментар за овој прилог.

Унгарија го удвојува увозот

Русија глобално експортираше преку една милијарда долари нуклеарна технологија и материјали меѓу март и декември минатата година, покажуваат истражувањата на институтот „Ројал Јунајтед Сервисес”.

„Де факто не само што вредноста на руските извози поврзани со нуклеарна енергија не се намали од февруари 2022, туку податоците покажуваат дека можеби дури е и зголемена со серија лојални клиенти кои и натаму сакаат да прават бизнис со рускиот нуклеарен сектор”, вели РУСИ.
Меѓу тие „лојални клиенти” е и Унгарија, каде извозот според податоците меѓу март и декември 2022 „далеку ги надмина” сите претходни години.

Во август 2022 Будимпешта контроверзно одлучи да продолжи со конструкцијата на уште два руски нуклеарни реактора. Не е изненадување што Унгарија повторно беше клучна нуклеарната енергија да не влезе во пакетот санкции против Русија, усвоени во јуни.

Поитие вели дека ставот на Унгарија иритирал многу европски дипломати во Брисел, но дека истовремено се свесни оти цехот од санкционирање на рускиот нуклеарен сектор е многу поголем отколку бенефитот, ако се земе предвид преголемата зависност на ЕУ од „Росатом”.
„Какви било санкции сами по себене би направиле материјална разлика на военото поле и на способноста на Русија да ја води војната”, вели тој, додавајќи дека приходите од нуклеарните извози во ЕУ се само дел од десетици милијарди кои Москва ги добива од продажбата на нафта и гас.

Недостиг на алтернативи за рускиот нуклеарен сектор


И покрај тоа земјите од ЕУ, вклучително и Чешка, Бугарија и Словачка, вложуваат напори да најдат алтернативи за руското нуклеарно гориво. Во мај, финската „Феновоима” унилатерално го раскина договорот за изградба на нуклеарна централа од страна на „Росатом”.

Експертите велат дека ураниумот од Русија релативно лесно може да биде заменет со дотур од друга страна, но дека ќе бидат потребни години да се најдат алтернативи за руската постројка за збогатување на ураниумот.

„Едноставно нема доволно капацитети на други места во светот за да се прекинат таквите врски”, вели Шмит.

„Тоа не е тајна технологија, но е технологија која вклучува многу капитални инвестиции. Со неизвесноста околу иднината на нуклеарната индустрија, тоа е тешко да се ‘продаде’ на приватниот сектор”.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми