1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Зошто се стратешки важни Соледар и Бахмут

Роман Гончаренко
12 јануари 2023

Во Соледар се води една од најжестоките битки во војната во Украина. Соседниот град на Бахмут е важен пред сѐ поради стратешката положба и рудниците за сол со голема мрежа на подземни тунели.

Тешка битка за Соледар
Тешка битка за СоледарФотографија: Libkos/AP/dpa/picture alliance

Соледар доминира во вестите низ светот. Русија објави дека зазела големи деловиод украинскиот град во близина на Бахмут, во Доњецк. Украинската влада ја опиша ситуацијата како „многу тешка“ и најави дека борбите продолжуваат. Киев испрати засилување во надеж дека ќе си ги поврати загубените територии. Доколку не успеат, Соледар ќе биде првиот украински град во областа со јаглен Донбас, којшто Русија ќе го освои од летоска наваму.

Зошто се важни Соледар и Бахмут

Од воен аспект Соледар е пред сè важен поради стратешката положба. Градот е на 15 до 18 километри североисточно од Бахмут. Двата града се под постојани напади од почетокот на руската инвазија во февруари 2022.

Уште од летоска руските сили, а пред сè платениците од „Групата Вагнер“, се обидуваат да го заземат Бахмут. На почеток напредуваа многу бавно сѐ до почетокот на јануари, кога ситуацијата драстично се промени. Со загуба на Соледар, опасноста дека ќе падне и Бахмут е значително зголемена.

Бахмут исто така има големо стратешко значење. Градот во 1924 година, во знак на сеќавање на рускиот револуционер Артјом беше преименуван во Артемиск и дури во 2016 година си го врати старото име. Се наоѓа на магистралниот пат Е40, во средина меѓу двата најголеми украински града - Харкови Ростов на Дон.

Запалена куќа во Бахмут во декември 2022 годинаФотографија: Diego Herrera Carcedo/AA/picture alliance

Освојување на Бахмут ќе ѝ отвори пат на руската армија кон градовите на западот, пред сѐ кон Краматорск, важен индустриски и административен центар во областа Доњецк кој е сѐ уште под контрола на Киев. Рускиот претседател Владимир Путин објави дека освојувањето на целата област е главна цел на инвазијата.

Од Бахмут до Краматорск има околу 50 километри. Украинската армија на овој пат има поставено повеќе одбранбени пунктови, поради што дел од експертите сметаат дека евентуалната загуба на Бахмут и не мора да биде одлучувачка.

Бахмут е градот во кој зимата 2015 година украинските трупи се повлекоа откако го загубија стратешки важниот транспортен центар Дебалцево од сепаратистите подржани од Русија. Кратко претходно, во 2014 година, во Соледар беше поставен заеднички контролен центар на руската и украинската армија и ОБСЕ, за да се контролира спроведувањето и почитувањето на примирјето со договорот од Минск. Примирјето никогаш не беше целосно воспоставено и Русија го повлече својот тим во 2017-тата.

Фудбалски терен, црква и санаториум под земја

Соледар е познат по рудниците за сол. Кујнската сол таму се ископува уште од крајот на 19 век, кога областа беше дел од руската империја. Населбата околу рудниците, „Карл Либкнехтвиск“, била прогласена за град во 1965 година, а името го добила по коосновачот на Комунистичката партија во Германија. Во 1991 година градот е преименуван во Соледар, што на руски значи „сол“ и „подарок“.

Рудник за сол во Соледар (архивска фотографија)Фотографија: Valentin Sprinchak/TASS/picture alliance/dpa

Пред руската инвазија градот имаше над 10.000 жители, а во Бахмут живееја седум пати повеќе луѓе. Двата града на почетокот на 2014 година беа под контрола на проруските сепаратисти, но подоцна беа ослободени од украинските сили. Компанијата „Артемсил“ во Соледар покриваше 90% од побарувачката на сол во Украина, која сега треба да се покрие од увоз, бидејќи по руската инвазија компанијата запре со работата.  Пред војната рудниците за сол беа и туристичка атракција. Имаше и тури со водич на 200 до 300 метри под земја. Се проценува дека подземната мрежа на тунели е долга 300 километри. Еден од тунелите е посебно впечатлив – висок е 30 метри, широк 14 метри и долг околу еден километар.

Длабоко под земјата има и музеј, црква, концертна сала за симфониска музика, фудбалско игралиште, скулптури направени од кристали сол и санаториум за респираторни болести со капацитет од 100 пациенти.

Винарска визба во Донбас

И во Бахмут има подземни тунели. Во поранешните рудници за гипс, на околу 70 метри длабочина, се прават пенливи вина по традиционална рецептура. Грозјето пред анексијата доаѓаше од полуостровот Крим. Во Бахмут, кој е еден од наголемите производители на пенливо вино, се произведуваат околу 25 милиони шишиња годишно. И ова производство е запрено по почетокот на војната.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми