1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто слаба Франција ја слабее ЕУ

Бернд Ригерт
6 декември 2024

Владина криза во Франција, предизборна борба во Германија - двете најважни држави во ЕУ се зафатени самите со себе и тоа во невреме.

Франција Париз | Емануел Макрон
Францускиот претседател Емануел Макрон мора да состави втора влада без парламентарно мнозинство (архивска фотографија)Фотографија: Dylan Martinez/Pool via AP/picture alliance

„Владеење со овој парламент е невозможно“, офкаше разочараниот премиер Мишел Барние додека се збогуваше со своите министри. „Му посакувам среќа на следниот тим“, рече Барние, кој по само 91 ден беше отстранет од функцијата со гласање недоверба од левичарскиот сојуз и десноекстремниот Национален собир на Марин Ле Пен. Мишел Барние немаше сопствено мнозинство во парламентот. По изборите во јули, Националното собрание во Париз е поделено на три речиси еднакви табори - леви, либерално-конзервативни и десни сили - кои не сакаат да формираат коалиција меѓу себе. Со земјата во моментов не може да се управува, велат многу аналитичари во Франција.

На ред е Макрон

За дебаклот е виновен францускиот претседател Емануел Макрон. Тој летоска неочекувано распиша нови избори за да ја зајакне својата либерална партија - и повлече лош потег. Сега може да почне да се ниша и неговото столче.

Мишел Барние: Најкраткиот мандат како премиер во поновата француска историјаФотографија: Aurelien Morissard/Xinhua/dpa/picture alliance

Десноекстремната постојана кандидатка за претседател, Марин Ле Пен, гласно бара негова оставка. Таа веќе двапати загуби од Емануел Макрон и сака повторно да се кандидира на следните претседателски избори, кои, регуларно, треба да се одржат во април 2027 година. Но, претседателот засега не покажува со ништо дека сака да поднесе оставка. Се очекува во најбрз можен рок да претстави нов кандидат за премиерската функција. Можеби уште пред викендот, кога Макрон сака да блеска пред бројните државници и Доналд Трамп во Париз на повторното отворање на реставрираната катедрала Нотр Дам. Макрон би можел и да побара од сменетиот премиер Мишел Барние да остане на функцијата како вршител на должност. Но, тогаш во Франција до можните нови избори за Националното собрание, кои можат да бидат закажани најрано во јули 2025 година, нема да се случува ништо.

Долгот на Франција пребрзо расте

Проблемот е што не е одобрен државниот буџет за следната година. Тој предвидува мерки за штедење и консолидација на државните финансии. Ова би било итно потребно бидејќи дефицитот на јавниот буџет оваа година изнесува 6,1 отсто од брутодомашниот производ, двојно повеќе отколку што би било дозволено според правилата на ЕУ за задолжување.

Финансиските пазари, на кои францускиот министер за финансии треба да го рефинансира огромниот долг од над 100 отсто од целокупното економско постигнување, досега се релативно тивки. Сепак, со оглед на длабоката владина криза, тие би можеле да ја намалат кредитната способност на земјата, а со тоа енормно да ги зголемат трошоците за националниот долг и со тоа да ја направат Франција фискално политички неспособна за дејствување.

Демохристијанскиот европратеник и финансиски експерт Маркус Фербер предупредува: „Франција е проблематично дете на Европа. Финансиските пазари се многу нервозни и со право, што се огледува во зголемувањето на приносите на француските државни обврзници“. Ризикот кризата да се прелее во еврозоната, односно во земјите со еврото како валута, е најголем од должничката криза во Грција, Кипар, Шпанија и Ирска од 2009 до 2015 година.

„Брзо формирање влада би било корисно“

Софи Порншлегел од европскиот тинк-тенк „Центар Жак Делор“ во Берлин смета дека ситуацијата не е добра: „Ни треба француска влада која работи на усвојување на европските закони. Колку побрзо има нова влада, толку подобро“, вели политикологот за ДВ.

Но, таа предупредува и од претеран алармизам. Во ретроспектива, ефектите врз ЕУ од долгото формирање влада по новите избори летото не беа претерани. Ова беше можно и затоа што новата Европска комисија сè уште не беше на функција по европските избори. „Исто така, постои можност политичката криза да не стане премногу тешка, под услов брзо да се формира нова влада.“

Брисел е загрижен поради кризата во Франција и слабостите на Германија (фото: францускиот претседателот Емануел Макрон (л.) и канцеларот Олаф ШолцФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

И Германија слабее

Со оглед на тоа што покрај Франција, која е втора по големина економија во ЕУ, во економска криза е и Германија, загриженоста во Брисел расте. Кој ќе ѝ помогне на Франција да излезе од дупка во делот на фискалната политика, ако најголемиот донатор, Германија, е во рецесија и исто така нема влада способна да дејствува, се прашуваат дипломатите на ЕУ. Дури и по предвремените избори во Германија во февруари, може да поминат неколку недели пред да се формира коалиција способна да владее.

Германско-француската локомотива која вообичаено го одредува темпото во Европската унија моментално е на спореден колосек. Француски дипломат, кој претпочита да остане анонимен, во Брисел изјави: „Ако немаме буџет и не можеме финансиски да дејствуваме, никој во ЕУ нема да нѐ сфати сериозно“. Сепак, портпаролка на ЕК изјави дека економските ефекти од владината криза во Франција се повеќе или помалку „амортизирани“, без да навлегува во детали.

Суверена Европа?

Двојното слабо раководство во Франција и Германија доаѓа во погрешно време и од трансатлантска перспектива. Кога радикалниот републиканец Доналд Трамп ќе влезе во Белата куќа на 20 јануари, од европска перспектива, би била неопходна силна и обединета унија. ЕУ можеби уште во јануари можеби ќе треба да одговори на казнени царини од САД, со кои се закани Трамп, или на нагли промени на курсот во надворешната политика и помошта за Украина.

Францускиот претседател Емануел Макрон во силни говори - последен пат во април на Универзитетот Сорбона во Париз - повика на суверена, стратешки независна Европа. Сепак, практични чекори кон оваа цел сè уште недостасуваат во многу области. Кога станува збор за одбраната, Европа е многу зависна од својот сојузник, САД. Економски, добар бизнис со САД и Кина е исто така од витално значење, особено за ослабената германска индустрија. Новата Европска комисија, под водство на Урсула фон дер Лајен, ја нагласи силно целта за поголема конкурентност и повеќе трговски договори. Но, без влади во Берлин и Париз кои се способни да дејствуваат, исполнувањето на амбициозните цели дополнително ќе биде одложено.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми