1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаТурција

Турција издава помалку визи за руски емигранти

Ирина Чевтаева
25 февруари 2023

До неодамна семејства од Русија беа добредојдени во Турција. Но, сега Анкара сѐ повеќе се затвора со казни и бирократија. До кога уште ќе функционира турскиот егзил?

Сѐ повеќе Руси емигрираат во Турција
Сѐ повеќе Руси емигрираат во ТурцијаФотографија: Burcu Karakas/DW

„Последните неколку години често размислувавме за купување стан во Турција кој би го изнајмувале или сами би го користеле за одмор во лето. Но, бевме неодлучни. Кога почна сево ова, знаевме дека е дојден моментот“, вели Никита М. (името е променето, н.з.) за себе и својата сопруга.

Оваа брачна двојка од Владивосток прво штедела пари за преселба во Москва. Кога рускиот претседател Владимир Путин на крајот на септември лани нареди мобилизација завојната против Украина, Никита М. И неговата сопруга ги промениле плановите во корист на Турција.

36-годишниот информатичар, кој работи за меѓународна информатичка компанија, купил стан во Анталија за 65.000 долари. „Комплетно го наместивме, купивме добри куќни апарати и поправивме неколку градежни недостатоци“, вели тој. Вкупно, преселбата од Русија во Турција ги чинела околу 80.000 долари.  

„Купив стан и не можам да живеам во него"

Во септември 2022. година Никита и неговата сопруга поднесле барање за дозвола за престој за да останат во Турција најмалку една година и да можат слободно да излегуваат и влегуваат од земјата. На крајот на јануари неговото барање е одбиено, без наведување на причина.

„Спремен сум да го прифатам фактот дека Русите сега ширум светот важат како токсични. Знам која страна е во право. Но, барем мора да постојат јасни правила на игра. Сега купив стан и не можам да живеам во него“, огорчено вели овој информатичар. 

Тој мора да ја напушти Турција во рок од десет дена. За толку краток рок нема да може да го продаде станот. Уште не е јасно дали неговата сопруга ќе добие дозвола за престој.

Враќање во Русија не е опција. Но, нешто мора да се прави. Можеме да го оставиме станот и прво да заминеме во друга земја“, вели Никита М. Но, сепак ќе вложи жалба на одбивањето.

Сѐ повеќе Руси има и во ИстанбулФотографија: Burcu Karakas/DW

Сѐ повеќе одбиени барања за престој

Купувачите на недвижности обично без проблеми добиваат дозвола за престој во Турција. Затоа случајот на Никита М. е првенствено исклучок. Многу Руси досега без проблеми можеа да добијат дозвола за престојување во Турција ако приложат договор за наем на стан, здравствено осигурување и потврда за приходи. 

До октомври 2022. година руските државјани беа на чело на странците кои добиле дозвола за престој во Турција – вкупно 153.000 во 2022. година, од кои 132.000 за туристички цели.

Но, од крајот на декември од разни турски градови пристигнуваат сѐ повеќе одбивања за дозволи, иако нема точна статистика. Прашањето на Дојче веле до надлежните турски власти остана без одговор.

Според чет на Телеграм, во кој Русите кои се стигнати сами собираат податоци, од крајот на декември имало повеќе од 250 одбиени барања за престој и нешто повеќе од 100 одобренија. „Многу луѓе добиваат известување дека се одбиени, но има и позитивни одговори. Причините и критерумите се нејасни. Нема официјално објаснување“, вели Ева Рапопорт, координатор на проектот „Ковчег“ кој им помага на руски емигранти, таа потврдува дека има бројни одбивања.

Построги правила и контроли

За сѐ поголем број одбиени барања зборува и адвокатката Маргарита Полјакова, раководителка на консултантската фирма „Њу дејс еџенси" од Истанбул. Но, тоа се забележува од летоска, посебно во Анталија, која е посебно популарна меѓу руските граѓани. Во почетокот на 2022 година Полјакова во едно интервју изјави дека ги поддржува одлуките на претседателот на Руската Федерација, односно војната против Украина. Сега истакнува дека не се приклонува кон ниедна страна и се обидува да им помогне на луѓето кои страдаат поради војната. Адвокатката има 22-годишно професионално искуство, па нејзините информации, без оглед на нејзините политички ставови, се важни за Русите кои се чувствуваат прогонети во својата земја.  

Според неа, од јули 2022. година Турција додала 1169 места на пописот на подрачја во кои веќе не можат да се издаваат дозволи за престој врз основа на договор за наем. Причина: бројот на странци е поголем од 20 проценти од вкупното население.

Руската адвокатка Маргарита Полјакова во ИстанбулФотографија: privat

Порано повеќе биле одбивани државјани од централноазиски држави, но во декември трендот стигнал и до Русите, вели Полјакова. Но, таа предупредува дека има сѐ поголем број одбивања и поради зголемениот број барања. 

Во меѓувреме, турските медиуми јавуваат за заострени правила за издавање дозвола за престој и контроли.

Парична казна при заминувањето

„Дозволата на престој за туристички цели беше некој вид замена за долготрајна виза во Турција. Сега е тоа само за краток престој до една година“, вели Полјакова.

Таа смета дека властите во секој регион носат различни одлуки, но вкупно гледано, турската држава сака да прима помалку мигранти. „Во Турција се одржуваат избори во маји јасно е дека претседателот носи одлуки кои се популарни кај луѓето, како намалување на цените на станарините“, вели таа.

Престој во Туција по дозволниот рок значи плаќање казна при напуштањето на земјата. Секој кој доаѓа со автомобил од Русија, тогаш ќе мора да плати двојно. Зависно од должината на престојот, паричните казни можат да бидат и до 7.000 американски долари.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми