1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГерманија

Недостиг на клучни лекови во Германија

Сабине Кинкарц
6 август 2022

Температурата од 40 Целзиусови степени не е невообичаена при заразување со типот на Омикрон БА.5 Дури и кај децата. Но за нив во Германија може да се купат сè помалку лекови против треска.

Ладни облоги, топол час и сируп против висока температура, доколку може да се најде во аптеките.
Ладни облоги, топол час и сируп против висока температура, доколку може да се најде во аптеките. Фотографија: Frank May/picture alliance

Во аптеката во еден трговски центар во Берлин сѐ изгледа нормално. Купувачите доаѓаат и заминуваат. Често има родители кои купуваат лекови против температура и болки за своите деца. Бидејќи најмладите не можат да голтаат апчиња, за нив постои сируп со благ вкус кој содржи активни состојки на парацетамол или ибупрофен. Секоја година во Германија се продаваат повеќе од десет милиони пакувања. Но, сега полиците се празни.

Сирупот со парацетамол го снема уште на почетокот на годината, вели аптекарката која не сака да ѝ се објави името. „Во меѓувреме, сокот со ибупрофен веќе не е достапен, како ни спрејот од една голема компанија, а сѐ повеќе има недостаток од чепчиња за температура.“

Аптеката во берлинскиот трговски центар АркаденФотографија: Sabine Kinkartz/DW

А, изгледите дека нешто наскоро ќе се подобри не се добри, вели таа. „Во зимските нарачки веќе целосно ги откажавме сите нарачки за детски лекови против болки и температура.“

Недостаток на суровини, голема побарувачка и недостаток на хартија

Берлинската аптека не е изолиран случај, тесни грла во испораката ја погодуваат цела Германија. Сѐ повеќе очајни родители се јавуваат социјалните мрежи. Ако ладните облоги не ја симнат температурата често единствена опција е заминувањето во болница.

„Секако дека ги прашавме компаниите зошто не можат да испорачаат“, вели берлинската аптекарка. Како причини наведени се зголемената побарувачка и недостатокот од суровини. „А, во меѓувреме една фирма рече дека недостасува хартија и затоа нема амбалажа.“ 

Пандемијата на коронавирусот влоши сѐ

По укинувањето на корона-мерките, како обврската за носење маски, пролетта имаше многу деца со респираторни болести и со зголемена температура. Покрај тоа имаше и трупање на залихи поради „медицинските натписи за тесните грла во испораката“, но и поради „доцнење на испораките од разни производители на активни супстанции“. 

Генерално, состојбата во фармацевтската индустрија е проблематична, се вели во писменото соопштение на Сојузната асоцијација на производители на лекови. „Проблемите во глобалните синџири на снабдување, хроничниот недостиг на квалификувани работници и недостигот на персонал поврзани со короната“, исто така, ја искомплицираа ситуацијата за производителите на лекови.

Станува збор за пари

Најважната причина, сепак, е финансиската. На фармацевтската индустрија едноставно не ѝ се исплатува да произведува лекови против болки за деца. Здравствените осигурителни компании им плаќаат на фирмите 1,36 евра за шише сируп со парацетамол. Оваа сума не е зголемена цели десет години. „Брзиот пораст на трошоците за производство на лекови од една страна, и замрзнатите малопродажни цени од друга страна, го прават производството на лекови како сирупите од парацетамол да биде бизнис со загуба“, се жали Андреас Буркхард, извршен директор на фармацевтската компанија Тева. „Ниту една компанија не може да го следи тоа на долг рок“, вели Буркхард.

Фотографија: Frank May/picture alliance

Со својот бренд за лекови Рациофарм, Тева е последниот голем производител на сируп од парацетамол во Германија. Пред 12 години имаше единаесет производители. Откако друг голем производител го прекина производството во мај, Рациофарм мора да покрие 90 отсто од побарувачката. Сепак, ова не може да се постигне. Затоа, компанијата откажа некои нарачки за зимата. Причина: „Неочекуваната и ненадејно зголемена побарувачка на пазарот“ и „доцнењата во испораката на нашите производители на активни супстанции“.

Напрегнатост на пазарот

Што се случува кога важните лекови повеќе не се достапни, се покажа на почетокот од годинава во однос на лекот за рак на дојка Тамоксифен. Тоа е лек за кој нема замена и кој им е итно потребен на тешко болните пациенти. И во тој случај дојде до проблеми со снабдувањето, бидејќи производителите се повлекоа од производството наведувајќи ги како причина преголемите трошоци .

Во февруари, германскиот Сојузен институт за лекови и медицински помагала (БфАрМ) интервенираше и нареди, поради вонредната состојба, лековите што содржат тамоксифен сега да можат да се увезуваат и користат од странство без германска лиценца. Ова, сепак, не го реши проблемот - во втората половина на 2022 година се очекува нов недостиг.

Се произведува она што е профитабилно: таблети против ковид Паксловид на Фајзер Фотографија: Pfizer/dpa/picture alliance

Аптеките сами си прават лекови

Според БфАрМ, во Германија во моментов има повеќе од 260 лекови кај кои има проблеми со испораката. Тие вклучуваат вообичаени антибиотици, лекови за тироидна жлезда, лекови за намалување на крвен притисок, но и лекови кои се итно потребни во болниците. Во некои случаи, аптеките можат сами да мешаат лекови - но за тоа им се потребни основни суровини.

„ Со овие основни суровини се тргува на глобално ниво и често има само неколку производители на една активна состојка, главно од Азија. Ако има проблем во фабрика во Кина, на пример, или некоја земја воведе забрана за извоз, тогаш многу производителите последователно се погодени“, објаснува Урсула Селеринг од Сојузната унија на германските фармацевтски здруженија.

„Ако аптеката има залихи, може и самата да направи сируп против зголемена температура“, вели Селеринг. Но, „правењето лекови трае долго, а има и недостиг од квалификувани работници во аптеките“.

А потоа следуваат трошоците. Од аптеките кои сами произведуваат сируп против треска велат дека, доколку се земат предвид суровините, трошоците за персоналот и работната сила, едно шише ќе треба да се наплаќа 20 евра.

Пара Ц: Во ваква фиока аптеките ги чуваат лековите кои содржат парацетамол, ако ги имаатФотографија: Daniel Reinhardt/dpa/picture-alliance

Фармацевтската индустрија бара повисоки цени

Генералниот директор Теве Буркхард смета дека проблемот е пред сѐ политички. „Системските притисоци на трошоците“ мора да се ублажат, „особено за критичните лекови, кои ги произведуваат само неколку производители“.

Договорите според кои здравственото осигурување плаќа само фиксни износи ќе мора постепено да се укинат барем додека повеќе фирми повторно не се вклучат во производството и снабдувањето на пазарот.

Но, според досегашните планови на Министерството за здравство, тоа не е на повидок. Планирано е продолжување на статус-кво состојбата до 2026 година.

 

Сабине Кинкарц новинарка на ДВ
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми