1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Зеленски ја реконструира украинската влада

Лилија Ржеутска
17 јули 2025

Ова е најголема реконструкција на владиниот кабинет од почетокот на војната: премиерот Шмихал се повлекува, кабинетот се распушта и во иднина треба да има многу нови министри. Каква цел има претседателот Зеленски?

Јулија Свириденко говори во микрофон а во заднина се гледа украинскиот претседател Володимир Зеленски
Јулија Свириденко и Володимир ЗеленскиФотографија: Ukraine Presidency/Ukrainian Pre/ZUMA/IMAGO

Во изминатите три години постојано се слушаа гласини за реконструкција на владата во Украина, но сега тие стануваат реалност. Во средата украинскиот парламент ја одобри оставката на премиерот Денис Шмихал, по што кабинетот автоматски беше распуштен. Шмихал беше на функцијата повеќе од пет години - подолго од било кој друг украински премиер. Два дена претходно, претседателот Володимир Зеленски ја предложи поранешната министерка за економија Јулија Свириденко за нова шефица на владата. 39-годишната до сега беше заменичка на Шмихал. Поголема тежина доби за време на неколкунеделните преговори со САД околу договор за користење на суровини, кој беше потпишан во Вашингтон кон крајот на април. Таа се покажа како жилав преговарач.

Зеленски рече дека е потребно извршната власт да се реконструира за да се спроведат договорите постигнати со меѓународните партнери. Украинскиот претседател изјави дека наскоро очекува нова владина програма.

Дали е можна реконструкција на влада во услови на воена состојба?

Украинскиот парламент веќе во четврток (17 јули) треба да гласа за новата влада. Сепак, член 10 од Законот за воена состојба вели дека овластувањата на претседателот, на парламентот, на владата, на Народната банка и неколку други државни органи не смее да бидат прекинати за времетраењето на состојбата. Затоа членови на опозицијата се сомневаат во легитимноста на претстојната промена на владата. „Парламентот неодамна ја продолжи воената состојба и сега би можел да се прекрши членот 10, иако сите се согласуваат оти прво треба да се разјасни или измени законот“, вели Јарослав Железњак, пратеник од опозициската „Холос“ (Глас). 

Јулија Свириденко, кандидатка за премиерка на УкраинаФотографија: Kaniuka Ruslan/Ukrinform/IMAGO

Зеленски беше предмет на критика и затоа што јавно ѝ ја понуди на Јулија Свириденко функцијата премиер, со што го прекрши воспоставениот ред, според кој претседателот назначува шеф на влада само по претходна препорака на парламентот, за која претходно треба да биде поднесен предлог од владејачката коалиција. Во моментов партијата на претседателот, Слуга на народот, има мнозинство во парламентот.

Дали претседателот беше незадоволен со владата?

Политикологот и коосновач на Националната платформа за одржливост и кохезија, Олех Сакјан, сепак смета дека парламентот ќе гласа за резолуцијата од политички опортунизам, игнорирајќи го законот. Сакјан смета дека се работи за „задоцнета реконструкција на владата“ која всушност била планирано уште во 2024 година.

Причина за тоа се тензиите во владата и „голем број очигледни проблеми со управувањето“ во различни области на политиката - од одбраната преку инфраструктурата до социјалната политика. „Владата сака дел од овие тензии да ги смири пред очите на јавноста. Да речеме дека сакаат да добијат нов кредибилитет“, оценува експертот.

Не се очекуваат промени на внатрешно-политички план

Политикологот и раководител на украинскиот центар за применети политички истражувања „Пента“, Володимир Фесенко, се сомнева дека само промена на премиерот сама по себе ќе донесе големи промени во домашната политика. „Клучните политички одлуки и натаму се носат во претседателскиот кабинет, а Свириденко и владата, само ќе ги спроведуваат“, посочува политикологот.

Свириденко, која порано беше заменик-шеф на претседателскиот кабинет под Андриј Јермак, важи за човек од доверба на Зеленски, млада и динамична политичарка која потенцијално би можела да донесе нов пристап за изнаоѓање решенија. Фесенко посочува дека Свириденко го има потребното „искуство за работа во воени услови и справување со меѓународни институции“.

Денис Шмихал беше на чело на украинската влада од март 2020 годинаФотографија: FRANCOIS LENOIR/European Union

Дали ќе се смени работата на владата?

Петро Олешчук, политиколог на универзитетот „Тарас Шевченко“ во Киев, смета дека и покрај неколкуте корупциски скандали во владиниот кабинет, Зеленски сака да покаже дека сè уште има тим кој ќе продолжи да соработува со него - уште повеќе што владата нема да биде целосно реконструирана и неколку министри ќе останат на функцијата.

И Денис Шмихал нема целосно да ја напушти владата, туку ќе стане министер за одбрана. „Преместувањето на Шмихал на друга позиција во владата има за цел да покаже дека нема интерна кавга, туку само кадровски промени во тимот“, вели Олешчук за ДВ.

Олех Сакјан пак смета дека ограничената реконструкција на владата е индиција за сериозен недостиг на квалификуван и персонал од доверба. Новите и досегашните министри се присилени брзо да испорачаат резултати. Тој е скептичен во врска со долгорочната перспектива и стравува дека „ова е адреналинска доза за сегашната влада, но нема фундаментално да го промени квалитетот“. Во меѓувреме, претседателот Зеленски веќе ги истакна најважните приоритети за новата влада, вклучително и зголемување на домашното производство на оружје, развој на проекти за одбраната и сеопфатна дерегулација на економијата.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми