1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСрбија

Звучниот топ: Улога за ФБИ и за ФСБ во истрагата

Ивица Петровиќ
29 март 2025

Како своевиден одговор на обвинувањата за употреба на звучно оружје на протестот на 15 март, властите во Србија најавија учество во истрагата на експерти од ФБИ и од ФСБ. Дали е ова само политичка тактика на режимот?

Министерот за внатрешни работи на Србија Ивица Дачиќ на 19 март, 2025 на новинарите им ги претстави звучните уреди „LRAD-450XL“ и „LRAD-100X“, наведувајќи дека тие служеле само за предупредување при големи собири и негираше дека се купени за да се користат како звучен топ
Министерот за внатрешни работи на Србија Ивица Дачиќ на 19 март, 2025 на новинарите им ги претстави звучните уреди „LRAD-450XL“ и „LRAD-100X“, наведувајќи дека тие служеле само за предупредување при големи собири и негираше дека се купени за да се користат како звучен топФотографија: BETAPHOTO/SIPA/picture alliance

Челниците на режимот во Белград тврдат дека веќе се испратени покани до американските и руските безбедносни служби, а нивното доаѓање во Србија треба да следи во следните неколку дена. Државата тврди дека сака транспарентна истрага со помош на странски актери, кои, според нив, треба да потврдат дека на протестот на 15 март не било употребено звучно оружје.

Од друга страна, дел од опозицијата се залагаат истрагата да не ја водат странски безбедносни служби, туку ОН и ОБСЕ. Според првичните реакции, државата нема ништо против ни во нивното учество.

Истрага на ФБИ и ФСБ – доказ за институционален колапс

Повикот на властите е исклучиво пропагандно мотивиран, оценува за ДВ воено-политичкиот коментатор Александар Радиќ. Тој го гледа сето ова како уште еден начин за купување време.

„Инцидентот од 15 март е многу сериозен и драматично ја поткопува довербата во српските власти. Се случи нешто што не може да се негира и сега им треба излез и кризен менаџмент. Сепак, мислам дека какво било мешање однадвор не е потребно и дека ова е проблем кој мора да се реши во Србија. Затоа што е јасно дека нацијата е поделена, има и такви кои веруваат дека ништо не се случило, но и такви кои веруваат дека властите го нападнале својот народ во моментот кога тој молчејќи им оддаваше почит на жртвите“, вели Радиќ.

Инцидентот се случи на протестот на 15 март во Белград за време на молкот за оддавање почит на жртвите од несреќата на железничката станица во Нови СадФотографија: Mitar Mitrovic/REUTERS

Политичкиот аналитичар Драгомир Анѓелковиќ смета дека овие повици до странските безбедносни служби се „директно признание дека се пропаднати сите институции во Србија“.

„Ова е исклучиво вина на Александар Вучиќ. Страшно е кога граѓаните немаат доверба во полицијата, судството, црквата или во оние институции кои треба да имаат некаков кредибилитет. Во оваа ситуација на внатрешна недоверба, Вучиќ се обидува да ја купи од некои странски институции кои се сметаат за сериозни, што и да се мисли за нив. Затоа тој предлага ФБИ и ФСБ да бидат вклучени во она што нашите институции веќе можеле и требало да го истражат и да го дадат својот суд“, смета Анѓелковиќ.

Сомнежи во сите владини тврдења

Александар Радиќ смета дека е „апсурдно која било странска безбедносна служба да се занимава со ова во Србија и да спроведува истрага“.

„Апсурдно е да се очекува од нив да дадат каков било одговор. Затоа што, е очигледно дека државните органи поседувале уреди за кои тврдеа дека не ги поседуваат, а тоа отвора уште пошироки сомнежи за веродостојноста на какви било дополнителни изјави. Уредите Џенезис беа прикажани под притисок на јавноста и сега со право можеме да го поставиме прашањето: од каде знаеме дека немате некои руски или кинески уреди, со оглед на тоа што Александар Вулин се фалеше дека Русија ѝ помага на Србија во борбата против обоената револуција“, забележува Радиќ.

Овој факт, според Радиќ, го отвора и прашањето за непристрасност, во случајов ФСБ - „и дали сега можеме да очекуваме таа служба да биде објективна во својата анализа? Неприфатливо е службата, која веќе зазеде таква позиција во српската внатрешна политика, да биде некаков арбитер, кога знаеме дека веќе ја имаат благодарноста на српската влада“, нагласува нашиот соговорник. 

Претседателот на Србија Александар ВучиќФотографија: Darko Vojinovic/AP/picture alliance

ФСБ – непристрасен соработник на власта?

Јавната благодарност на Александар Вулин, вицепремиерот во техничкиот мандат, до руските служби за помошта во борбата против „обоената револуција“, за Драгомир Анѓелковиќ е доказ дека „на Вучиќ можеби ќе му биде маркетиншки полесно сето ова да го пласира со руската страна. Но, мора да имаме на ум дека сличен случај може да се случи со Трамп и ФБИ, бидејќи и американскиот претседател се покажува како политички трговец и покажува интерес за некои бизниси во Србија.“

Кога станува збор за поддршката на Русија за борбата против „обоената револуција“, на која се повикува Вулин, Анѓелковиќ нагласува дека „ако ги анализираме руските медиуми, повеќето од нив се смеат на приказните за обоената револуција. Дури и во таа медиумска сфера, која е под големо влијание на тамошните власти, приказната за обоената револуција не доминира“, вели Анѓелковиќ.

Што точно би можеле ФБИ и ФСБ воопшто да истражуваат во Србија? И дали има нешто што би требало да се испита на лице место, а не може да се истражи од далечина? Има снимки и изјави од учесниците, но со оглед на тоа дека звучното оружје не остава никакви физички траги, можеби затоа и надлежните решија да ја прошират целата приказна малку подалеку, глумејќи дека поддржуваат транспарентност околу целиот случај.

Политички став наместо факти

Александар Радиќ забележува и дека „има снимки и изјави кои се јавно достапни и споменатите служби не можат да добијат ништо ново освен тоа.  Додуша, има снимки од владините камери, кои беа доста контроверзни, бидејќи користат кинески софтвер за препознавање лице, но дури и тие не се многу корисни, бидејќи немате физички докази кога се користат звучни бранови. Но, како што веќе беше забележано, тука имаме заинтересирани страни и можно е да добиеме некој заклучок врз основа на политички став, а не базиран на факти“, вели Радиќ. 

Меѓу српските студенти во блокада

01:22

This browser does not support the video element.

Драгомир Анѓелковиќ тврди дека „ФБИ и ФСБ не можат ништо да анализираат овде, освен да учествуваат во измама која има за цел да ѝ се наметне на српската јавност дека она што е очигледно направено не е направено. Ова оружје е дизајнирано на таков начин што неговата употреба е тешко да се докаже. Затоа Александар Вучиќ се одлучи за нешто што изгледа перфидно, а е тешко да се докаже“, вели Анѓелковиќ за ДВ.

(Не)контролирана паравојска

Радиќ укажува дека целата приказна целосно го заобиколува прашањето за паравоените групи во Србија, што, според него, е врвен безбедносен проблем во Србија. Според него, „сега се поставува прашањето дали можеби - да го наречеме условно - некоја паравоена група употребила звучен топ. Официјалните лица тврдат дека не биле тие. Ако не се тие, кој е? Паравоените групи беа многу видливи на 15 март, имаа своја организација и обележја. Во блиското минато го имавме случајот со Бањска, кој покажа дека постојат такви групи кои државата ги толерира. За жал, во секоја земја каде што се преминува таа црвена линија и се дозволуваат паравоени организации, со маргинализирање на органите на државната безбедност, тие на крајот се свртуваат против сопственото население“, заклучува Александар Радиќ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми