Венецуела-Иран: Каква улога игра Европа?
15 јануари 2026
На социјалните мрежи имаше голема возбуда – што значат борбените авиони забележани на британска почва минатата недела?
Весникот „Тајмс“, на пример, шпекулираше дека американски сили во Велика Британија се подготвуваат за сериозни воени операции, додека претседателот Доналд Трамп се заканува со напади и анексии ширум светот.
Стручното списание „Британски журнал за одбрана“ пишува дека слични движења на сили имало пред американските напади врз иранските нуклеарни постројки.
Улогата на Велика Британија како безбедносен партнер на САД
Потоа, минатата недела американската војска во Северниот Атлантик го заплени рускиот танкер „Маринера“ кој има врски со Венецуела и стана јасно дека британската поддршка притоа била од голема полза. Иако Британците не стапнале на танкерот, тие пружале логистичка поддршка со авион за надзор и брод на Кралската морнарица.
Велика Британија го искористила моментот за да се претстави како партнер на кој САД може да се потпрат, вели Кристина Кауш од Германскиот Маршалов фонд. Таа оценува дека во време кога односите со САД се затегнати, тоа било добра можност за профилирање.
Важни бази во Европа
Британските и европските бази се важни за Американците, смета Марион Месмер од тинк-тенкот за надворешна политика „Чатам Хаус“ во Лондон. Таму, на пример, силите може да полнат гориво или да ротираат екипаж.
Доколку САД се повлечат од Европа, многу маневри би станеле и потешки и поскапи. „Тогаш можеби ќе мора да преместат цели носачи на авиони или да дополнуваат гориво на авионите во лет. Тоа би било многу комплицирано“, објаснува експертката која пледира за поголема самодоверба кај Британците и Европејците.
Иако претседателот Трамп најави дека планира да ја повлече војската од Европа, сè уште не е јасно до кој степен и Велика Британија би можела да биде засегната од тоа. Но, експертката смета дека британските и европските бази и натаму се од корист за САД. Американците и натаму се потпираат на европската инфраструктура. И обратно, присуството на САД е корисно за Британија и Европа, бидејќи без САД тие биле ранливи на воен план.
Британските војници во моментов не се дораснати на конфликт од големи размери, односно агресорска војна, објаснуваше началникот на армијата, Ричард Најтон пред парламентарна комисија неделава. Вооружените сили имаат потреба од пообемно финансирање, владата нема пари и со месеци не успева да усвои инвестициска програма што би ги дефинирала приоритетите за неопходната модернизација.
Движењата на трупите може и не мора да имаат значење
Експертите со кои разговараше ДВ советуваат да се биде претпазлив во врска со прашањето дали движењето на американската војска во Велика Британија би можело да значи операција во Иран. Тоа може да биде и едноставно начин за градење преговарачка моќ за да се изврши притисок врз Иран, смета, на пример, Кристина Кауш.
Ситуацијата во Иран, според неа, сосема се разликува од онаа во Венецуела, затоа што иранскиот режим се бори за опстанок. За разлика од американските напади врз иранските нуклеарни постројки минатата година, мора да се појде од тоа дека режимот ќе се брани на соодветен начин. Воен напад би бил тежок и ризичен потег.
Притоа е неизвесно под кои околности Британците или Европејците би се придружиле на евентуален воен напад. Како важен сојузник, Велика Британија ги поддржуваше САД во минатото, но непопуларната војна во Ирак од 2003 година стана тешка хипотека за британската лабуристичка влада. Британскиот премиер Кир Стармер засега во јавноста е резервиран. Тој заедно со Франција и Германија го повика иранскиот режим на воздржаност.
Според воениот експерт Марина Мирон од Кралскиот колеџ во Лондон, базите на Блискиот Исток би биле многу поважни од оние во Велика Британија и Европа. Таа смета дека е најверојатно оти Американците би соработувале со израелските вооружени сили и со тајната служба на Израел. Конкретни напади би можеле да се извршат многу брзо, додека пак за ангажман на копнени трупи е потребна подготовка со месеци.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик